Сиот свет како дом

Каде е нашиот вистински дом? Онаму каде што сме се родиле, онаму каде сме пораснале, на адресата од личната карта, или адресата од сметката за интернет? Што ако сите овие адреси се различни?
Самото тоа, што веќе и социјалните мрежи, ни даваат полиња за пополнување како: роден/а во; живее во; студира/работи во; моментален град и слично, зборува за нашата „современа раштрканост“ и сè почестото поставување на прашањето: Има ли воопшто Домот адреса, има ли свои просторни (или, пак, нумерички) одредници?
Важи ли навистина она- домот е онаму каде што е срцето (ubi cor ibi domus) или срцето е дом, како она Рациновото „срце – порта највисока/ срце – куќа најширока“?
Имајќи ги предвид биографиите на двајцата големи македонски поети, Лидија Димковска и Никола Маџиров (добитници на голем број награди и признанија) се обидов да ја (пре)прочитам нивната поезија (пред сè нивните најновите поетски збирки) преку темата за домот, домувањето и номадизмот (како феномен на домувањето) како едни од најважните категории во нивните поетски писма.
(Пре)прочитувањето на поезијата на Лидија Димковска и Никола Маџиров, за мене беше едно ново патување до сите места кои некогаш сум ги нарекувала дом.
Поетот отсекогаш бил патник. Тој патува за да пишува и патува кога пишува. Патувањето, поточно Патот се сфаќа и прифаќа како дом. Патот, не како релација од една до друга точка, туку како смисла сама за себе.
Номад е човек кој нема постојано место на живеење, но како што кажува Роси Браидоти во книгата „Номадски субјекти“, да се биде номад воопшто не значи да се биде бездомник, туку дека како интелектуален стил, номадизмот се состои во способноста за повторно создавање на дом на кое било место. Номадот го носи својот најнеопходен багаж со себе и каде и да оди, може повторно да го создаде својот дом на кое било место. Оттаму домот и бездомништвото, не се фиксно спротивни поими. Терминот „номадски субјект“ е нејзин обид да понуди еден нов полнеж на субјектот, кој ќе ги истакне неговите постмодерни својства – динамиката и променливоста.
Прашањето за постојаните патувања, по автоматизам го отвора прашањето за домот. Таквиот начин на живот, сè почесто нè тера да го сфатиме и да го прифатиме патот како дом. Патот, не како релација од една до друга точка, туку како смисла сама за себе.
Никола Маџиров е, несомнено, најголемиот поет-номад од нашата земја. Постојано на пат, Патот станува негов начин на постоење. За номадите не се толку важни дестинациите, точките на тргнување и пристигнување, колку што е важен патот. Маџиров е светски поет, кој пишува на македонски јазик.
Сите наслови на неговите поетски збирки се индикација за неговиот начин на живот и начин на мислење: „Некаде никаде“ (1999); „Заклучени во градот“; „Во градот, некаде“ (2004, избор песни); Преместен камен (2007); Начин на постоење (2008) .
„Преместен камен“, несомнено е онаа која го „премести“ Маџиров во педесетина земји и четириесетина јазици. „Преместен камен “ е метафора на неговиот номадски живот. Старата поговорка вели: Каменот најмногу си тежи кон своето/местото, па според тоа, насловот на оваа збирка има една оксиморонска конструкција. Маџиров е каменот и тоа, оној, преместен(иот) камен. Иако, вистинскиот номад, е човек кој нема дом, Маџиров не е бездомник, ами е вдомен во својата преместеност, изместеност и сеприпадност кон една поголема целина, светот.
Разгледувајќи ги насловите на четирите циклусите од збирката „Во градот, некаде“ („Во градот“, „Некаде“, „Друг свет“ и „Излез“), во поговорот Капушевска-Дракулевска вели дека тие ја покажуваат интенцијата на поетскиот дискурс на Маџиров за некакво иницијациско патување „во градот“, „некаде“ далеку, во „друг свет“, со цел да се најде „излез“ за поетскиот немир.
Интересно е што неговата животна, а оттаму и поетска приказна се поклопува со значењата на неговото име и презиме, за кои тој вели дека ги носи како „генетска и генерирачка определба“. Неговото презиме потекнува од зборот маџир, што значи „човек без дом“.
„Моето презиме е Маџиров – сведоштво на една присилна преселба пред околу еден век од југ кон север, како контраст на биолошки елаборираната преселба север-југ – инстиктивна прагма на безграничните бездомници – птиците. Маџири, односно Мухаџири или иселеници / бегалци / приврзаници на Мухамед кои се собирале околу него во Медина.“ Името пак, Никола, „номенско и номадско наследство од глобалниот христијански заштитник на морнарите и патниците. И(с)конскиот чист поглед на светецот Никола ме пресретнувал во речиси секој такси-автомобил, во вид на овална минијатурна икона залепена веднаш до воланот; во секој автобус, веднаш над старите изабени лепенки кои како некои икони (shortcuts) воведуваат во една измината идеолошка стварност.“ – вели тој во „Напуштање на враќањето“.
Рамноправен сум
со птиците преселници кои
секојпат се враќаат, а никогаш
не заминуваат

(„Обичен човек“ во „Преместен камен“)
Номадот никогаш не заминува, тој само (си) оди дома, оти ја има способноста да создаде Дом, односно да се чувствува како дома секаде каде што оди. И од таа „нова дома“, не може да замине никаде, оти каде и да оди, тој пак ќе биде дома, па оттаму, не заминал, ами се вратил. И сè така од Дом во Дом, (по)имајќи го сиот свет како дом. Всушност, станува збор за една меѓудомовност и прифаќање на тоа дека домот е транзиторна категорија, па на немањето на (постојан) дом, воопшто не мора да се гледа со романтичарска доза на патетика. Песната „Нештата што сакаме да ги допреме“ започнува со стихот: ништо не постои надвор од нас. Па ни домот. Оти, домот не е место, домот е чувство.
Идејата за сиот свет како дом, е присутна во целата поезија на Маџиров; неговиот опус покажува еден вид духовно бездржавјанство, на кое тој гледа позитивно, имено, со можност за промени, отвореност која оди подалеку од фиксен идентитет, подалеку од потребата за закоравената идеја за припадност:
да се отвори гламјосаната врата на светот
и со воздушести чекори да се замине
(Што треба да се направи?
, „Преместен камен“)
Во „Талкање по светот“, Мојсова Чепишевска поентира дека номадската свест се состои во неприфаќање на кој било вид идентитет како перманентен. Номадот само минува, тој ги прави неопходните врски, задолжителните поврзувања кои можат да му помогнат едноставно да преживее, но тој не ги прифаќа во целост границите на еден национален, фиксиран идентитет.
Маџиров, на живеењето помеѓу, не гледа како на растргнатост, напротив, тоа е патот што го одбрал. Па така живеењето:
меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник

(„Кога некој заминува, сè што е создадено се враќа“);
меѓу строгите наследства и завети
(„Откривање“);
меѓу реките, невидлив
како воздух меѓу расечен леб
(„Меѓу реките“);
a душата како пердув
меѓу два прозорци ми (му) патува“

(„Само тоа го посакувам“);
нема воопшто патетичен призвук, тоа е, едноставно, неговиот начин на постоење – на Патот, помеѓу две (и повеќе) точки. Во таквиот меѓупростор и меѓувреме е сместен и домот во поетскиот свет на Маџиров, а поетскиот субјект во песната „Дом“ го напушта она што кај Гастон Башлар во „Поетика на просторот“ е назначено како „динамичко единство помеѓу човекот и куќата“ и се упатува кон еден нов простор, онаму каде границата помеѓу видливото и невидливото, меѓу она што продолжува и понатаму да постои и она што исчезнува, е нејасна и недефинирана:
Кон тивките простори од раѓање се движам
и под мене празнини се лепат
како снег што не знае дали на земјата
или на воздухот припаѓа

Во Имам три години од збирката „Заклучени во градот“, Маџиров пишува за првото бегство и за поривот за сите понатамошни бегства во животот:
Добро се сеќавам
на бегствата од дома
Во пижами и во три пати поголеми чевли
на татко ми
Нагонот уште го чувам
само што
чевлите ми се претесни

Маџиров вели дека секое прво патување е бегство: „бегство од креветчето со огради, бегство од улицата на првата физичка или ментална болка, бегство од паркот на првите љубови и зимски студови, бегство од планираните музејски посети при екскурзиите. На почетокот сè почнува како потрага по дом, а потоа се случува внатрешно вдомување на потрагата. Едноставно, таа станува начин на постоење и откривање. Тоа најдобро го знаат археолозите, ловците, рударите, монасите. Треба да се истражува, надвор и внатре, без страв од длабочините и просторноста. Стравот од отворената врата понекогаш е поголем од стравот од заклучена врата“ .
Поетскиот и животен пат на Лидија Димковска е уште еден пример за современото преселништво и номадизам. Иако, таа најчесто е лоцирана во Љубљана, Словенија (всушност, таму живее и работи), сепак, повремените престои во Македонија, книжевни престои низ светот, многубројните поетски фестивали и слично, го определуваат нејзиниот поетски номадизам, иако „не се сите номади светски патници; некои од најголемите патувања можат да се случат без физичко менување на местото на живеење.“ (Браидоти, 2002: 11) Кај Димковска, постои едно совпаѓање на Преселбата, Патот и Писмото.
Таа е вистински номадски субјект во смисла на сфаќањето на Роси Браидоти, како жена, странец, жител на својот самоналожен егзил.
Мојсова- Чепишевска во „Талкање по светот“ вели дека секој номад, сепак, мора да биде некаде лоциран, за да може да зборува за општите вредности. Според Браидоти, номадизмот не е флуидност без граници, туку моментална свест за нефиксираност на границите. Тоа е интензивна желба да се продолжи со неовластеното присвојување и пречекорување на територијата.
Во поезија на Лидија Димковска, дом е љубовта (љубениот) и секаде каде што ја има, постои и огнот, поважен од огништето, па оттаму постои и чувството за дом. Кај неа понекогаш, се сретнува одредена доза на носталгија, чувство на нелагодност во домот, чувство на „потстанар на своето живеење“, и понекогаш ниедна куќа не ја собира.
Но, иако, „љубовта е егзил, понекогаш и потежок од политичкиот, затоа што не ги засега само ставовите и мислењата на личноста, туку најкревкото во човека – чувствата “ (Димковска, 2014: 25), таа е она што успева одново да ѝ го врати чувството на дом, секогаш кога ќе го загуби по патот на нејзиното номадствување низ светот.
Мотото на најновата поетската збирка „Црно на бело“ на Димковска е следново:
На ќерка ми запчињата ѝ се нишаат во една,
ѝ паѓаат во друга,
а ѝ растат нови во трета земја.
Во исто време, на еден крај на светот човек е жив,
на друг мртов,
а на трет веќе бесмртен

Мотото, укажува на нејзиното номадствување, начин на живот, кој неминовно влијае и врз животот на нејзиното семејство. Освен тоа, мотото функционира и како еден минијатурен манифест на нејзината поетика.
Лидија Димковска, често, во своите изјави, интервјуа, па и во нејзината проза и поезија, укажува на тоа дека секој клуч во нејзиниот џеб за неа е дом. Целокупната поезија на Лидија Димковска, е поезија со биографски рефлексии, лична историја на еден поет-преселник и поет-номад.
Во Поетска законитост на бракот, од поетската збирка „Идеална тежина“ Димковска вели:
Преселбата ми е работна маса без стол
А во Огнот на буквите ќе напише:
Огнот вратен дома не е веќе номад
но цар на патот

Смилевски вели дека враќањето назад е предавство на внатрешното номадство кое не дозволува акумулација на сеќавања повеќе од оние што се потребни за да се преживее истиот миг. Во предговорот на кон „Идеална тежина“ тој пишува за патувањата на Димковска низ границите на сопствените и најблиските градови и светови .
Кога се поставуваат прашања поврзани со домот и припадноста, тие најчесто започнуваат со: (од) каде?. Во оваа глава ќе стане збор, повеќе за одговорите, кои одговараат на прашањата, кои почнуваат со: што? или кој?.
Несомнено, јазикот игра една од клучните улоги при дефинирањето на чувството за дом и припадност. Програмирани сме да реагираме, кога случајно ќе го слушнеме мајчиниот јазик во странска земја. Мајчиниот јазик, создава чувство на фамилијарност, блискост, припадност.
Во својата најнова поетска збирка „Црно на бело“, во песната „Мајчин јазик“ Лидија Димковска пишува за јазикот како љубовник. Или, како што Оливера Ќорвезироска кажа на промоцијата на „Црно на бело“, „за мајчиниот јазик како легитимен сопруг на сопственото творештво и сите други јазици како страсни, минливи љубовници на книжевниот интерес.“. Овде, всушност, како и во целиот нејзин поетски (и прозен) опус, се јасни (авто)биографските рефлексии. Нејзиниот прв љубовник, е македонскиот јазик, јазикот со кој си се појавуваа во соништата/ уште кога таа беше дете, подоцна беше тоа верен маж/ секогаш покрај неа, во добро и зло, сè додека еден ден таа не го прескокна плотот/ во прегратка на нов страстен љубовник/ со латинско име.
Имајќи ја предвид биографијата на Димковска, знаеме дека тоа е, всушност, романскиот јазик, но, „Кога му ги научи тајните, наскоро ù здодеа и не можеше против себе“, па пак го прескокна плотот и „Кога му ги научи тајните, наскоро ù здодеа и не можеше против себе…“, па „Како на спасувачки душек/ ја дочека нов, млад љубовник/ со словенско потекло и двојно срце:/ едно за телото, друго за душата“. Повторно имајќи ја предвид биографијата на Димковска, знаеме дека, ова е словенечкиот љубовник-јазик. Повремено, сепак, се фрала во авантури со „англиските благородници, руските јуродиви, француски поети и јужнословенски бездомници“. Но, секогаш, на крајот на вечерта, се враќа кај својот прв љубовник, нејзиниот верен маж (мајчиниот јазик), од кој не бара да ѝ прости што ќе копнее по сите останати љубовници, само бара повторно да ја прифати. „Мојот оган е во твоето, а твојот оган во моето огниште, ти си мојот мајчин јазик“. Оттука, нејзиниот прв љубовник, нејзиниот мајчин јазик е оној кој ѝ го дава огнот, а „важно е да се има оган, а не огниште“ велеше Димковска.
Димковска ја истакнува важноста на огнот пред огништето, важноста на духовното пред материјалното или предимство на, како што вели Шелева, енергетскиот набој (двигателноста) и процесот, наспроти градбата и материјалниот принцип (односно, седентарноста). Во песната „Мајчин јазик“, огнот е и љубов(ник) и јазик, а со љубов(никот) и/ или мајчиниот јазик, може да се создаде огниште, дом секаде.
Човек најдобро се изразува на сопствениот јазик, сеедно уште колку јазици во животот ќе научи. Јазикот на кој сме прозбореле, јазикот на кој ни биле испеани првите песни и прочитани првите приказни, јазикот на кој сме ги испеале првите песни и прочитале првите приказни, јазикот на кој прво сме го осознале светот, е оној на кој најдобро можеме да го изразиме она најдлабокото во нас – чувствата. Сеедно дали чувството за дом, или чувството за љубов.
Често во поезијата на Димковска, љубениот станува отелотворение на домот или се поистоветува со него, како Дениција и татковината кај Андреевски, тие стануваат едно: дом-љубовник, љубовник-дом.
Во предговорот кон поетската збирка „Идеална тежина“ (2008) на Лидија Димковска, насловен како Вежби за раѓањето и смртта, Никола Маџиров пишува: „Во апсурдната потрага по нешто трајно и постојано, најсилен е вкусот на менливоста и минливоста на припаѓањето. Се чини дека токму пишувајќи за бегствата и преселбите во себе и вон себе, Лидија Димковска ја открива својата трајна татковина- мајчиниот јазик.“
„Ќе те љубам туѓинецу сè додека го знам мојот јазик“ , вели таа во песната Lettre, повторно доведувајќи ги во врска љубовта и мајчиниот јазик. Зашто, да се заборави мајчиниот јазик, оној на кој бил исплачен првиот детски плач, оној на кој се сонувало, јазикот на детството, би било исто што и да се заборави да се љуби.
Писателот преселник е вдомен во јазикот, бездруго најмногу во мајчиниот, вели Кица Колбе во Утрински (15. 03. 2007) по повод прогласувањето на нејзиниот роман „Снегот на Казабланка“, за роман на годината. Во романот пак, нејзината хероина гледа на учењето, вдомувањето, во нови јазици како облекување нови кожи, кои немаат свој крвоток, туку црпат живот од онаа прва кожа, онаа на мајчиниот јазик.
Двајцата поети, за кои станува збор во овој текст, Лидија Димковска и Никола Маџиров, имаат облечено „многу нови кожи“ на себе, нивната поезија (особено на Маџиров) е преведена на многу јазици во светот, но и двајцата, сè уште, пишуваат исклучиво на македонски јазик. Јазикот станува дом за еден писател, тогаш кога тој пишува, создава, твори на тој јазик .
Поетската збирка „Црно на Бело“, завршува со песната Интерпункција на животот:
Дом.
Татковина.
Јазик
Понатаму, следува коригирање на „печатните грешки“, па:
Дом?
„Татковина“
Јазик!

Интерпункцијата на животот „затскривајќи ја со дланката/ си ја става/ секој сам“.
Димковска, ставајќи го под знак прашалник домот, а татковината во наводници, покажува едно двоумење околу нивното значење, околу нивното поседување, но во едно е сигурна, а тоа е јазикот, и тоа со извичник.
А ако јазикот е „дом/ куќа на битието“, според Хајдегер и ако „границата на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“, според Витгенштајн, тогаш ние сме тие кои ги поставуваат границите на својот дом и својот свет и ја определува нивната интерпункција.
Лидија Димковска и покрај подолгиот период на живеење надвор од границите на Македонија (во Љубљана, Словенија), останува верна на својот јазик. Никола Маџиров, исто така, и покрај учеството на голем број светски фестивали и честото живеење надвор од Македонија, својата поезија ја пишува исклучиво на македонски јазик. Но, нивните стихови се насекаде низ светот. A, домот на поетот е онаму каде што се е неговите стихови.
Меѓу клучните и најчесто цитирани ставови од делото на водечкиот мислител од областа на логиката и философијата на јазикот во дваесеттиот век – Лудвиг Витгенштајн, гласи: „Границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет.“ Маџиров, македонскиот јазик секогаш го носи со себе. И самиот вели дека за него не е потребен куфер, туку само сеќавање. Па оттаму, границите на неговиот свет, се границите на сиот свет.
Оттука, едни од можните одговори на прашањата од почетокот на оваа глава се: љубовта/љубениот (на прашањето кој?) и јазикот (на прашањето што?).
А каде? Секаде. Во сиот свет.
Споменавме дека номадот ја поседува способноста за создавање на дом секаде каде што оди, но понекогаш бездомноста напаѓа. Тоа го забалежуваме и во неколку наврати во поезијата на Лидија Димковска, каде ја сретнуваме онаа нелагодност во сопствениот дом, која Елизабета Шелева ја детерминира со терминот вкуќеност: „Таквиот приод кон домот кого го карактеризира и личното несовпаѓање или разидување со сопственото потекло или минато, поточно амнестичкиот расчекор со домот, наспроти вдоменоста, може да го наречеме вкуќеност. Притоа, категоријата вкуќеност врзува за себе повеќе негативни конотации, така што домот и не се доживува домовно, свое, интимно, туку како клаустрофобија, несакан пакт со сивилото, погрешно всадено стебло. Тука до полн израз доаѓа т.н. репресивна функција на домот.“ (Шелева; 2005: 26)
Ваквата функција на домот, е особено изразена, во песната со индикативен наслов Самјак. Овде куќата, па и светот, се доживуваат како клаустофобија:
Не ме собира ниедна куќа
Ни светот не ми е дом

Парадоксално доживување на домот, како куќа-тегобност забележливо во стихот од словенечкиот поет Алеш Дебељак: „Дај ми сила, дома да живеам во својата тесна кожа“. Метафората „тесна кожа“ , ја препознаваме и во стиховите на Лидија Димковска:
Како е… да не ти се повеќе точни ни кожата ни земјата?
(Како е, „Црно на бело“)
Сопствената кожа, сопственото тело, од коешто започнува целата сигурност на нашето внатрешно битие, се природно дадениот дом на човекот. Но што станува кога човек се чувствува тесно во кожата? Невдоменоста од сопствената кожа, од сопственото тело почнува да се чувствува и пошироко, во куќата, улицата, градот, земјата. Тогаш, „наспроти идиличната куќа-приказна, се појавува и една поинаква куќа, куќа-тегобност.“ (Шелева, 2005: 25, означеното е мое)
Кај Маџиров, „домувањето“ низ светот најчесто е со (по)позитивен полнеж. Во Секој ден од светот, од поетската збирка „Преместен камен“ Маџиров пишува:

Во кутија од кибритчиња
Бев спремен да заспијам
Ти во футрола од виолина

„Овде поимот „куќа“, макар само поетски, сосема е релативизиран, поместен, децентриран во прилог на повисоките димензии на домувањето, во прилог на Љубовта/љубовноста како суштествена куќа. Футролата од виолината, кутијата од кибритчиња – гледано од аспект на вообичаената, ежедневна практична комоција- попрво се чинат како клаустофобични простор(ч)и(ња)! Но, така е само навидум!“. (Шелева; 2008: 182)
Лирскиот субјект и неговата сакана, попрво би ги избрале кутијата од кибритчиња и футролата од виолина, само да продолжи да ги облева внатрешното задоволство и убавината на заемната припадност.
„Нивниот живот се одвива интензивно- во координатите на една судбоносна внатрешна динамика и драматика, каква што исклучиво може да ја обезбеди само љубовта“. (Шелева, 2008: 182) Затоа, овде „скромниот дом“ , е повеќе од убав.
Во песната На шума мирисаат, се зборува за куќата која без неговата сакана, односно без љубов, не е ништо повеќе од празнина, таа едноставно не е дом:

Без тебе сум тишина
и куќата е празнина без
заминувања и доаѓања
од сите светови.

(На шума мирисаат, „Преместен камен“)
Кога тргнуваале со своите стада, старите номадите со себе ги носеле само нештата кои им биле најнеопходни и најлесни за пренесување. Сè друго произведувале во текот на своите патувања. Таква била нивната животна филозофија. Да се биде номад, значи секогаш да се има еден спремен, (нера)спакуван куфер. Куферот никогаш не смее да се распакува, номадот никогаш не треба да се однесува како да ќе остане некаде.
Животот на номадот е како животот на оклопните животни- „оmnia mea mecum porto“ (сè свое со себе си носам)- носејќи го домот со себе и чувствувајќи се како дома, каде и да се наоѓаат. Тие се уште една потврда дека оној кој е постојано „на пат“ не го изгубил (азасекогаш) својот дом или домот го носи со себе
Една од неговите хаику песни гласи:
Заминуваш? Не.
Само го преместувам мојот спремен куфер.

Песната Откривање завршува со стиховите:
Домот секој ден
под шаторот на светот тајно ми се менува
само детството е како мед
што не допушта туѓи траги во себе

(Откривање, „Преместен камен“)
Првите два стиха, целосно го опишуваат номадскиот дух на Маџиров. Тој не вели куќата или станот , туку „домот секој ден…“, што е уште едно потврдување дека тој се чувствува „како дома“ , секаде „под шаторот на светот“. Останатите два стиха, само го дообјаснуваат неговото „номадствување“, во смисла – „сè свое со себе си носам“, а носејќи ги со себе спомените од детството, го понесува и чувството за дом, истото она што прв пат го почувствувал кога бил дете
Поезијата на Лидија Димковска и Никола Маџиров е уште една потврда за поврзаноста на поезијата со патувањата и преместувањата, она што во теоријата се проучува како поетски номадизам. Уметникот, воопшто, има насушна потреба од тоа да биде светски патник, да го менува местото на својот престој, да биде во постојан транзит, да „лута“ во потрагата по нови искуства и инспирации. Поетот патува за да пишува и патува кога пишува.
Номадизмот е сè позастапен во современите теориски дискурси за литературата. Во постмодернистичките теории за литературата, стои тоа дека поетот е номад, без (само еден) куќен праг. Затоа, за поетот-номад, важи Рациновото „цел свет братски куќа ми е“. Вистинскиот поети е секаде дома и секогаш на пат. Оти и патот е негов дом.
Домот во поетскиот свет на Димковска и Маџиров е сместен во еден меѓупростор и едно меѓувреме. Во нивната поезија, најчесто отсуствува градот и неговите географски координати. Па оттаму, тој е и „овде“ и „таму“, „некаде“, всушност, „секаде“, во целиот свет.
Поетскиот и животен пат на Димковска и Маџиров се пример за современото преселништво и номадизам. Целокупната нивна поезија е осветлена поезија со биографски рефлексии, лична историја на поети-преселници и поети-номади. Постојаните преместувања, заминувања и враќања, постојаните промени на градовите/земјите во кои се живее, честите сменувања на клучевите од Домот, на јазикот на комуникција, кои постојано ги следат Димковска И Маџиров низ нивниот пат на поетско откривање, се врежани во картата на нивната поетика.
Првото прашање кое (си) го поставив во овој текст беше: Каде е нашиот вистински дом?
На крај, сепак, излезе дека за одговорот кој го барав(ме), поважни се прашањата кој? и што?. А, едни од можните одговори на овие прашања кај Димковска и Маџиров се: љубовта (љубениот) и јазикот. Јазикот и кај двајцата писатели игра една од клучните улоги при дефинирањето на чувството за дом и припадност. Покрај постојаните преселби, менување на јазикот на комуникација, менување на домот, на земјата, покрај тоа што нивната поезија е преведена на голем број јазици и покрај тоа што таа се чита насекаде низ светот (кој е нивен дом, сиот), двајцата, и Димковска и Маџиров, остануваат верни на мајчиниот јазик, чувствувајќи се со него, секаде како дома.
Домот е чувство дека некаде/ „некому“ (себеси?) припаѓаш. За дом, не треба куќа, а куќата не може без (чувство за) дом. Оти ако се има огнот (кој за секого е нешто различно), кој е поважен од огништето, сиот свет е Дом.

Библиографија
Теорија
1. Башлар, Гастон. Поетика на просторот. Скопје: Табернакул, 2002.
2. Браидоти, Роси. Номадски субјекти. Скопје: Македонска книга, 2002.
3. Вајт, Кенет. Номадскиот дух. Скопје: Табернакул, 1995.
4. Мојсова-Чепишевска, Весна. „Талкање по светот“. ДВИЖЕНИЕ И ПРОСТРАНСТВО В СЛАВЯНСКИТЕ ЕЗИЦИ, ЛИТЕРАТУРИ И КУЛТУРИ (Сборник с доклади от Дванадесетите международни славистични четения, София, 9-10 май 2014г.), Том II. София: Университетско издателство „Св. Климент Охридски”, 2015, 310-317.
5. Ќорвезироска, Оливера. Еден текст и една жена. Скопје: Или-Или, 2016.
6. Шелева, Елизабета. Дом/ Идентитет. Скопје: Магор, 2005.
7. Шелева, Елизабета. Домот на писмото. Скопје: Магор, 2008.

Поезија
1. Димковска, Лидија. Идеална тежина. Битола : Микена, 2008.
2. Димковска, Лидија. Нобел против нобел. Скопје : Блесок, 2002
3. Димковска, Лидија. Ph неутрална за животот и смртта. Скопје: Блесок, 2009.
4. Димковска, Лидија. Црно на бело. Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2016.
5. Маџиров, Никола. Во градот, некаде. Скопје : Магор, 2004.
6. Маџиров, Никола. Начин на постоење. Битола: Микена, 2008.
7. Маџиров, Никола. Преместен камен. Скопје : Магор, 2009.

Интернет
1. Баковска, Елизабета. „Странствувањето и провинцијализмот“. Блесок бр. 71-73 (2010),
http://www.blesok.com.mk/tekst_print.asp?lang=mac&tekst=1219
2. Маџиров, Никола. „Напуштање на враќањето“. Мираж бр.17 (2013), http://mirage.com.mk/index.php/mk/mirage/298-mirage-no-17/hybrid/221-abandon-of-return
3. https://www.poetryfoundation.org/poems-and-poets/poets/detail/nikola-madzirov
http://www.southbankcentre.co.uk/poetry-parnassus/poets/madzirov-nikola