Куќичка на дрво

Кога би знаела да сликам оваа текстура од паралелни линии и мазни површини би била една од основните елементи на моите дела. Одблесок од детството. Сеќавање во една чиста и силна форма. Дали затоа што не знам да сликам седам сега овде горе на гранките на старото големо црешово дрво во средината на мојот двор, точно на гранката каде беа заврзани двете ортоми кои држеа едно седало од расклопен стар стол. Ете ги и ортомите, надолу го гледам зелениот кожен материјал на седалото. Од под него се ѕирка жолт сунѓер. Како во магиска бајка, на седалото, во еден замав, се создава мало девојче со куси панталони на жолто-кафени линии и бела маичка. Се лула и гледа нагоре кон мене. Ги затвора очите. Ортомата шкрипи. Дали се замислува возрасна како седи на таа дебела гранка? Стапалата едно пред друго на гранката, рацете на друга гранка, речиси ја гушкаат. Ќе мисли ли ако се пушти каде ќе падне. Можеби ќе се задржи на ортомата и ќе си направи рани. Или ќе плесне на циментото, ќе се парализира. Ќе седи вака фатена за гранката и нема да мрде. Ги осеќам нерамнините на кората под рацете. Нерамно, па мазно. Како ли се качив тука? Па дрвото не ни постои веќе. Прво веќе не постоеше девојчето, па лулашката и звукот на ортомите, па потоа и целото дрво. Како ли се качив тука? Морам да знам. Инаку, како ќе се симнам? Замижувам и јас како малото девојче. Во дланките ми се втиснуваат кората на црешата, шкрипотот на ортомата полека се губи во силно шушкање на листовите, како да станале метални ленти на ветер. Во исто време паѓаат жолти листови, презреани цреши и розеникави цветови. Јас се држам цврсто за гранката до мене, стуткана на природното седиште од стеблото и гранката. Ветерот е силен. Нема да паднам!
Ветерот е силен. Внесува топки прашина, прачки и листови од балконската врата. И мирис на дожд. Според светлината што доаѓа до креветот, сонцето само што изгреало. Уште е рано. Лежи немо во средината на креветот. Чека саатот да заѕвони, да ја разбуди за на работа.
Светлината на денот полека го осветлува во портокалово целиот кревет. Бела крцкава постелина, како облаци од памук околу неа. Светлината се шири во целата соба како кога се одзумира кадар. Површините на масата за шминкање, натказните, фиоките се чисти и уредно наместени. На подот, како ветер да ги расфрлал: книги, весници, бележници, црна торба за лап-топ, хулахопки замотани во чвор, падната наметка, перници за седење, шолја со засушено кафе… Потоа светлината удира по бели ѕидови. На крајот излегува во внатрешноста на станот низ подотворената врата.

branches-1845091_1280

Мирната, тивка, мека светлина е вознемирена од иритирачки звук на аларм. На кратко. Се прекинува. По кратко светлината се шири во поголем сноп во внатрешноста на станот. Таа ја отвора вратата и полека, целиот ѕид на кој е продупчена врата, нежно паѓа за да го отвори остатокот од станот. Дневна соба со кауч и фотелја, мала маса, голема трпезариска маса и кујна. Неколку врати и прозорци. Најголемиот ѕид, тој кој падна за да се отвори просторот, е всушност ѕид на библиотека. Остануваат книгите да се нишаат на незацврстените полици. Светлината од отворената спална се пробива низ нив и фрла решеткасти сенки на подот и мебелот од просторијата. Тие на кратко се прекинати од фигурата која ја пресекува просторијата и се упатува кон кујната. Решеткастата светлина паѓа на неа и ја осветлува. Можеме да ги видиме очите, сè уште поспани, отечени и благо избрчкани, сини, онаа светла сина која изгледа како безбојна. Косата фатена во реп, кафена и долга, а движењата низ решетката од светлини и сенки изгледаат како испрекинати, но сепак спори, уморни.
На подот, фигурата здогледува паднати фотографии. Биле закачени на истиот ѕид, кој нежно се спушти. Ги подигна, ја избриша прашината и ги нареди пред книгите на едната полица од библиотеката. Во благото тресење кое сè уште ги вознемируваше полиците и книгите, можеа сепак да се забележат призорите од фотографиите. Беа тоа пет фотографии во различни големини. Стара куќа во црно-бело. Лик на момче, млад, темен, во морнарска маица. Млада девојка во летен фустан на една издолжена висока фотографија која добила розеви тонови. Група од неколку ликови кои не се гледаат убаво, но боите на фотографијата се силни, како да е нова. Една стара жена во црнина, сликана на клупа покрај ѕид на куќа.
Мирис на кафе и џем од праски ја обвива просторијата, додека женската фигура се движи наваму натаму, отвора врати, влегува излегува, сега веќе со повеќе енергија. По некое време, прелистувајќи некакви бели хартии со малку текст на нив, се движи кон вратата лево од кујната. Во рака ја има црната торба за лап-топ, кратко палто и листовите, кои се труди да ги вметне во торбата. Погледнува кон часовникот на подот. Не го видела, паднал од ѕидот. Ја врти главата за да го намести во правилната положба. Се сепнува и набрзина излегува.
Вратата лево од кујната се затвора и по неколку секунди повторно се отвора. Се појавува женската фигура со краткото палто на неа и црната торба во десната рака, истрчува во спалната да земе нешто и се враќа назад. Вратата се затвора.
Светлината полека се менува низ целиот мебел, подот, ѕидовите, книгите, фотографиите. Некој трча по скалите. Чекорите се губат нагоре. Низ цевките на парното допираат гласови од утринска програма на телевизија, па почнуваат вести. Се слушаат отчукувања на часовникот оставен на подот. Следува некоја гласна расправија, која доаѓа преку отворениот прозорец од спалната. Поминуваат возила. Кочење. Свирење. На програмата има документарна програма. Не се слуша за што. Ѕвони домофонот. Повторно ѕвони. По кратко затишје, се чини од сите страни, ѕвони телефонот. Се вклучува секретарката. Светлината без да ги почитува законите на физиката си игра во несигурни игри низ станот, како носена од неодлучен ветар. Брзи чекори по скалиштето. Некој заѕвонува на ѕвончето од станот. Кратко. Па се слуша ѕвонење на соседниот стан. Клучот се завртува во клучалката, па се слуша отворање на врата. Нема поместување во нејзиниот стан. Се слушаат гласови преку ѕидот на кујната. Два женски гласа. Тропкање со нешто стаклено. Смеа. Па детски плач. Па лаење на куче. Па повторно тропкање со чаши или чинии. Па смеа. Светлината во станот носи сенки на некакво дрво. Листовите се проектираат на ѕидот позади каучот. Во моментот кога последните попладневни светлини моќни да направат сенки ги истиснаа листовите на дрвото од ѕидот, се слушна вртење на клуч во клучалка. Вратата лево од кујната се подотвори. Па се затвори. Се слушна нејзиниот глас. Некој од соседната врата имаше нешто за неа.
Врата повторно се отвори. Па се затвори. Додека таа влегуваше, се слушна тропкање на нешто стаклено. Немаше смеа. Немаше детски плач. Ни лаење на куче. Се слушна повторно тропкање на чинии и чаши. Па шушкање на хартија. Таа стоеше во кујната со писмо во рацете. Две бели страници во А4 формат превиткани по должина и по ширина, се мрдаа од движењата на нејзините раце. Се прошетаа до спалната, каде малку полежаа на креветот, додека таа се преслекуваше во домашната облека. Потоа се вратија во кујната. Да беа огледала, во нив ќе се одразеа најразлични промени во ликот на жената. Како да чита роман. Прво ѝ требаше време да влезе во содржината на писмото, да се навикне на тонот, причините, приказната, потоа, се предаде и на неа се гледаше насмевка, која преминуваше во загриженост, па во вознемиреност, па во носталгија, тага, искрена детска радост, енергичност…

painting-1077860_1280

Го остави писмото на трпезариската маса. До него постави една длабока чинија, една вилушка и една чаша за вино. Го извади од фрижидерот вчерашниот ручек оставен во длабоко тенџере, го стави на ринглата за да се загрее. Писмото стоеше од нејзината лева страна додека јадеше. Погледнуваше накај него додека ја земаше чашата да се напие вино. Додека го наведнуваше погледот кон чинијата за да земе од компир манџата. Писмото се пресели на малата масичка пред каучот. Телевизорот се вклучи. Почнуваше филм. Звуците од надвор полека се намалуваа. Светлината на денот, целосно се замени со белата светлина од неонките во станот. Писмото стоеше отворено на масичката, а нејзните очи не се помрднуваа од подвижните слики на екранот. Како намерно да избегнуваше повторна средба со тоа писмо. Како да му пркосеше, па го приковуваше погледот на екранот. Не е јасно дали вистински толку многу ја привлече филмот. Во еден момент попушти и фрли еден поглед на писмото. Па несвесно го сврте потоа кон библиотеката, кон врамените фотографии. Како во некој слободен тек на погледот, тој се спушти на часовникот кој сè уште лежеше на подот. Филмот уште траеше, но таа веќе не го гледаше. Стана го подигна часовникот и го стави до фотографиите на полицата. Со оглед на тоа дека беше тркалезен, тој се заврте и се допре до првата фотографија, поместувајќи ги бројките на саати, како да почнуваат од 12. Не го помести.
Ја зеде торбата која остана покрај влезната врата. Извади неколку листови од неа, споени со црвена спојувалка и ги остави на малата масичка преку писмото. Торбата ја врати во спалната, на своето место, покрај креветот. Се врати кај листовите. Со очила и пенкало. Внимателно ги читаше, писмото се ѕиркаше под нив. Потцртуваше нешто, ги превртуваше, запишуваше нешто на маргините. Филмот сè уште одеше во позадината. Телефонот заѕвони. Разговорот беше краток. Во врска со листовите. Го спушти телефонот. Продолжи со работата, па наеднаш се сепна.
Ѝ текна дека кога ја земаше торбата забележа порака на телефонската секретарка. Одложувајќи го преслушувањето, отиде до фрижидерот, ја надополни чашата со вино и со неа се доближи до телефонот. „Кире, помислив на тебе денеска. Помислувам денови наназад. Побарај ме“. Се слушна целосно непознат женски глас од таа светло сива пластична машина. Грешен број. Не беше за неа. Кој е Кире? Која е таа жена? Се растрепери на кратко. Ги прибра листовите за работа. Седна на каучот и отпи од виното. Намерно ја остави чашата врз писмото. Филмот завршуваше со сцена на море. На пристаниште. Водата удираше речиси нечујно, а толку оглушувачки во бетонот на пристаништето. Звукот се изгуби во музиката од одјавната шпица.
Го згаси телевизорот и неонките во просторијата. Гласовите од надвор се вратија. Колите поминуваа. Соседите се расправаа гласно, како да се пред нејзината врата. Од некаде се слушаше гласен спортски коментар. Влезе во спалната, ја затвори вратата и ѕидот помеѓу библиотеката и креветот почна да се крева. Писмото го остави под чашата со вино. Се пикна во крцкавиот бел памук на постелата. Темница и тишина ја обли собата. Од надвор се слушаа повремени гласови, забрзани чекори, коли што поминуваат…