Слатка мака

Витомир предводеше корпорација за слатки, ако тој беше слаткар, а не бирократ.

Замислете еден огромен град од птичја перспектива, кадар во кој се опеваaт висококатниците од стакло и бетон и замислете дека во секој од тие прозорци се крие по една приказна. Прозорецот на Витомир се наоѓаше на највисокиот кат и тој предводеше важна и огромна компанија за слатки. Денеска беше многу важeн ден во компанијата, ден кои сите вработени возбудено го чекаа и се подготвуваа за истиот веќе неколку години наназад. На тој ден Витомир требаше да го презентира неговиот иден економски план со кој ќе ја воведе својата компанија во дваесет и првиот век. До состанокот имаше само уште
триесет минути
дваесет и пет минути
десет минути
седум минути
Замислете како од еден прозорец на највисокиот кат одеднаш се разлетуваат милион бели листови.
четири минути
една минута
минус пет минути
минус дваесет минути
Витомир го немаше никаде. После три часа случајно го најде една хигиеничарка.
Беше во својата канцеларија, скриен под своето биро, прозорците беа ширум отворени и од нив леташе идниот економски план. Всушност не баш целиот, туку оној дел кој Витомир во моментот не го јадеше. Токму така, тој седеше скриен под бирото јадејќи го својот бизнис план. Госпоѓата која го најде во една таква незавидна состојба само тивко се повлече. Витомир писна и со најбрзо трчање излезе од зградата, напуштајќи ја засекогаш.

baker-1194428_1280

Витомир предводеше корпорација за слатки, ако тој беше слаткар, а не бирократ. За побрзо да му поминат часовите кога беше претрупан со документи, тој замислуваше како белите листови се направени од фондан, црните букви од топено чоколадо, дијаграмите на презентациите беа пити со вишни, а мебелот беше од стврднат карамел. Витомир не знаеше како да се снајде со куповите документи, а чувствуваше дека полека компанијата почнува да пропаѓа. Утре требаше да го презентира идниот бизнис план кој никако не можеше да го заврши. Реши да си замине порано и да го доработи. Меѓутоа, заѕвоне докторот. Му кажа дека последните испитувања шеќерот е над границата. Витомир страдаше од дијабетес. Витомир само ја затвори слушалката и падна во безсознание.
До состанокот имаше само уште
триесет минути
дваесет и пет минути
десет минути
седум минути
Замислете како од еден прозорец на највисокиот кат одеднаш се разлетуваат милион бели листови.
четири минути
една минута
минус пет минути
минус дваесет минути
Уште како мало дете Витомир се вљуби во слатките. Многу често му велеа дека таа љубов него ќе го уништи, ако не целиот барем неговите заби. Веќе како возрасен маж, него му фалеше сосема малку за да победи во играта, да им покаже дека грешат.

Бирократијата го полуде и му го качи шеќерот. Витомир страдаше од дијабетес и тоа не беше последица од слатките туку од стаклото и бетонот. А сите знаеме дека тие не се слатки.
Дијабетесот го докрајчи.
По исчезнувањето на Витомир, неговата голема корпорација пропадна. Пазарот за слатки се стабилизираше, меѓутоа понудата не ги задоволуваше потрошувачите.
По извесно време на другиот крај од Земјата се отвори фабрика за чоколади. Таму листовите беа од од фондан, црните букви од топено чоколадо, дијаграмите на презентациите беа пити со вишни, а мебелот беше од стврднат карамел. Имаше езера од топло чоколадо, куќички од прегорен шеќер и мостови од кекс. На влезот од фабриката пишуваше
Willy wonka’s chocolate factory
Слаткара на Витомир Вонка,
Човекот кој е преголем залак за овој свет.

Тагови од објавата
0 replies on “Слатка мака”