С И Т У А Ц И И

Пилотот бавно се качува по скалите, се премислува пред секој чекор.

КОМЕДИЈАНТ

Го навлече кловновското лице и појде по светот.
Тираните го сметаат за шут. Сепак, и на најжестоките им ја враќа одамна невидената насмевка.
Срамежливите ќе заиграат со него, па иако тоа им се чини некако будалесто, отпосле не чувствуваат никаков срам.
Разбушавен, безгрижен, ги охрабрува понизните по правливите крчми да го навредат. Додека му се смеат, зачудени од каде им толкав кикот, тој веќе ита кон идниот град.
Понекогаш, ноќта ќе го фати на патот. Таму, меѓу тревките и ѕвездите, ја свлекува маската. Бавно, како вљубеник, минува со дланката по своето лице.
Да не се заборави.

ПИЛОТОТ

Пилотот бавно се качува по скалите, се премислува пред секој чекор. Додека не стигне до трисобниот комфорен стан на најгорниот кат, жена му има време уште еднаш стравствено да се прилепи до телото на младиот љубовник, да го турне во лифтот, да се врати во станот и да чека две минути, три…
Пилотот го проследува симнувањето на лифтот, потоа уморен го искачува последниот кат. Ѕвони.
Таа трча кон вратата, ја повлекува кваката. Му се фрла во прегратка, се уште возбудена, топла од милувањата на љубовникот и прашува: – Ми донесе ли нешто убаво?
Пилотот ја отвара патната чанта и оттаму вади минијатурни растенија со уште помали плодови, бамбусовa фрулa, проѕирни лепези, шарени книжни птици што ги движат крилата и слични таинствени подароци од летот на Исток.

ВЕРНИЦИ

Воопшто земено, разликувам две групи верници. Богати и сироти.
I група – госпоѓи обвиткани со крзно, ќерки што весело чрчорат. Нивните молчаливи придружници за кои играта претставува решавање крстозбор (со полунасмевка, сигурни во својата шема). Жените во играта го наоѓаат задоволството на флертот, навестувањето на забранетото овошје. Иронијата им е незлобна, мека, тие, со ширум отворени очи, гледаат надвор кон менливиот свет како кон убаво сениште.
II група – аморфниот бран дојденци. Се одбива од незаинтересираните карпи на добростоечките, но и натаму упорно бучи и длаби. Дури тогаш забележувам дека надмоќноста на првите е привидна. Тие се одделени не од рамнодушност, туку отсечени во стравот. Со горчливи илузии, проштевања, мртвите. Финиот господин со долг, бел шал и мазно лице заличува на клошар, жената во години, со збунета насмевка, на заплашена студентка.
Свечената литургија започнува.

vintage-1636225_1280

ДАВЕНИК

Опната е извонредно нежна, иако со некоја матна просирност, така што обликот внатре повеќе го насетувам одошто гледам. Во секој случај тоа не се органи – срце, артерии, црева – туку нешто во создавање, ембрионална форма што ем се дополнува, ем се гризе самата себе.
Само за миг, обликот ми заличува на заробен човек, обвиен со мека, но непропустлива чаура, како инсект фатен во плунката на паукот. Набргу и тој се раствора во мноштвото тела, гласови, елементи, истовремено љубовници и соперници, што се прилепуваат едно со друго, едно во друго.
И тогаш, човечето се открива повторно, дури можам да му го видам лицето, напнато до грч, како да се бори за пресудниот здив, оној со кој ќе исплива, ќе се истргне од бездушната маса. Но краците на она внатре, на медузестото мноштво, го опфаќаат, го впиваат, го враќаат внатре во безобличието.
Пропаѓајќи, тој ја извива раката (не веќе рака оформена, туку нешто налик на ембрионален екстремитет), очајнички замав на давеник, исчезнува, се претопува во зејтинестата смеса.
Под нежната опна, непропустливата мембрана што го поништува надворешниот свет, обликот господари со своето траење. Зарем и мојата имагинација, и човечето создадено од неа, и неговата потресна битка, не се всушност она надворешното, сосем неважното за што обликот ниту знае ниту му е важно да го знае? А за мене, оној надворешниот, од онаа страна на опната, загатката на Обликот е и мојата загатка, неговата рамнодушност моја болка.

НЕДЕЛНО ПОПЛАДНЕ

Задолжителниот патоказ води кон Центарот. Црвената на семафорот ги дразни машините додека матадорски минувам пред нивната скротена вжештеност.
Чекорите ги усогласувам со ритамот на Долгопрстиот, пропаднат студент по медицина. Клавишите на пијаното се лепат за неговите долги прсти на неостварен хирург и нивното отежнато довикување ме воведува во Центарот.
Тука ги гледам неколкуте генерациски другари кои ме очекуваат поради групниот портрет. Се местам меѓу нив, како некогаш на училишните приредби.
Чекаме само “клик” на фотоапаратот.

ДВОЈНИК

Се свртев кон брат ми. Неговото рамномерно дишење за малку ме смири. Мирно спиеше со лицето кон мене и рака под перницата.
Се лизнав низ креветот и низ полуотворената врата се провлеков надвор. Ме зачуди колку е светло. Како по дрвјата да беа закачени фенери.
Тогаш, чув ечење. Всушност, повеќе налик на силно стенкање. Ѕурев во светлата ноќ.
Ечењето повторно се чу – насетив доаѓа од левата страна на дворот, од аголот кај борот. Сега беше некако послабо и побеспомошно, како довикување на болен.
Заборавајќи на претпазливост, се приближив до борот. Меѓу неговите долни, широки гранки лежеше човек. Беше тоа брат ми.
Се наведнав кон него, налегнувајќи ги дланките врз неговиот граден кош.
Потоа, внимателно го подигнав. Се упатив кон куќата, додека неговиот испрекинат здив ми го палеше образот. Го легнав во постелата, онака како што најчесто спиеше, со лицето свртено кон мене и раката под перница. Со олеснување здивна и ги затвори очите.
Убав сон и лека ноќ, брате мој.

ОРМАН

Додека му помагав на Шукри да го симне орманот низ скалите, помислив – не е нималку чудно што ми се случи да ја сонувам Мајка.
Сонот го следеше својот тек: и во него први беа скалите, дрвените скали на старата куќа по кои се качува, па, низ тесното претсобје, се влегува во кујната со маса наместена како за ручек со шарен извезен чаршаф, соларник на сред и четири чинии околу, потоа надесно, кон собата во која што спиев со Мајка, таму, веднаш таа – лежи на креветот, до половина покриена со јамболија под која го насетувам волуменот на крупното тело.
Сепак, можеби тие се во право – просторијата ќе може да се искористи како детска или дневна (Шукри го товари орманот на велосипедот со приколка), ѕидовите повторно ќе ги бојадисаме (Шукри заминува, гледам во нозете што ги вртат педалите, колку пати ќе му е потребно до аголот?), а на местото на орманот ќе ставиме софа или нешто слично за седење (само 17 или 18, мене ми се чинеше подалеку), нешто комфорно, елегантно, а практично.

vintage-1778482_1280

ГРАДОТ НА КНИГИТЕ

Книгите се во најголемата соба во куќата. Но, иако ги преполнуваат ѕидовите, иако ги има на секој чекор – во купчиња по мебелот, на масата или поединечно расфрлени по фотелјите или по подот, никој собата не ја нарекува “библиотека”, туку “дневна” или “големата”. Можеби затоа што книгите се природно населени низ целата куќа и нивното присуство, во стариот кујнски шкаф, на пример, каде што во расеаноста на предвоениот мебел се потпираат еден со друг двата “Народни готвачи”, петте тома од илустрираната историја на уметноста и огромната сликовница за исчезнатите цивилизации “Симфонии во каменот”, е сосем обично.
Понекогаш, од книгите ќе направи утврден, четвороаголен град, до кого може да се стигне само преку длабоките води. Тогаш, потенките книги му служат за сплавови по кои варварите допловуваат до Градот.
Кога коњот-птица, кадифеното копче, на кое јава водачот на дивите хорди, ќе се стрмоглави погоден од непогрешливата стрела на Господарот на Градот, им ги отвараат градските порти на поразените, раскрилувајќи две споени книги.
Следното утро, прво го здогледува Градот, и разнобојните копчиња во него, вчерашните противници, заспани еден крај друг, далеку од ѓаволот и болот.

ЧУШКОПЕК

Го донесе дома татко ми, по едно службено патување во Ленинград, некаде по земјотресот. Беше во форма на мал тркалезен мермерен споменик, со отворче во средината. Чушкопек! Така го нарековме според функцијата. Печење пиперки, односно пиперка, зашто во дупчето можеше да влезе само една поединечно. По две минути, како од катапулт, излетува пиперката. Печена. Нормално, како десетгодишно дете, бев фасциниран од технологијата на процесот. Следните неколку дена, на радост на мајка ми и комшивката Вера, само печев пиперки, окупиран од тоа чудо невидено. Додека едно неделно утро не го прашав татко ми: – А зошто нема две дупки? Едвај го дочека прашањето. Веднаш, на првото парче хартија, ми нацрта (беше еден од главните во урбанистичкиот тим за постземјотресното, ново Скопје) како би требало да изгледа новиот, посовршен чушкопек. Според замислите на татко ми, беше изразито повиток и со повеќе дупчиња. Со исто трошење струја би се печеле пет, можеби и повеќе пиперки.
Од тој ден, мојата опседнатост со чушкопекот почна да папсува. Набргу го гледав како непровокативно парче од кујнскиот декор, покрај дрвената кутија за леб и шприцер шишето за сода. А баш тогаш, моите купија Тостер!
Стариот чушкопек се уште го чувам во подрумот. Може да се искористи како експонат во следниот перформанс за експресната технолошка еволуција на втората половина на 20-иот век. Убаво би стоел, на пример, покрај некој компјутер 286 (со онаа, како се викаше, програма за пишување… CHI WRITTER!).

КЛУЧАЛКА

Нацртана, кличалката личи на платнена детска кукла без раце и нозе. Ѕиркачот, поднаведнат, со левото око ширум отворено и десното замижано, исчекува пред проѕирното тело на клучалката-кукла и адолесцентно ја исполнува делумната глетка со наслада. По десетина минути, можеби половина час, ѕиркачот се исправа и наместо клучот, неговиот растреперен пенис пенетрира во клучалката.
Нацртана, клучалката личи на шаховско пионче. Последното пионче на таблата, стигнато до седмото поле на кое му е потребен уште само еден чекор до величенствената преобразба во црна кралица.
Нацртана како дело од бравата, клучалката личи на добродушно усте (горните шрафови на очи, долниот на дупке на брада, кваката на Пикасов нос), секогаш подготвено, полузинато во О.

THE SEEKER ON THE WAY OF SOUND

Од новата фонтана пред градскиот парк бликна млаз свежа боза. Луѓе како луѓе, се собираа пред чудото. Некои дури и се напија од бозата.
Музичарот, пак, гледајќи го тоа низ ѕидот, уште еднаш помисли дека светот е во кафез(и), но тоа, вообичаено, не го вознемири. Вратен од некаде, тој, во просторијата со тркалезни отвори, не чувствуваше потреба да излезе дури ни на балконот.
Покрај тоа, во куќата се наоѓаше оној дел од него што му даваше елан и во миговите на осаменост. The seeker on the way of sound. Некои го нарекуваа Виолинист, но за музичарот тој дел од неговото тело беше токму Трагачот, секогаш подготвен да замине по некои далечни звуци.
Молскиот акорд А беше очекуваната смисловна перспектива, кога музичарот и виолината без напор го прескокнаа ѕидот, оградата на балконот, толпата пред фонтаната со боза, градот итн…
И летнаа, меко. Виолинистот гледа како низ пукнатинките меѓу облаците светлината се пробива кон земјата. Таму долу, тој се виде и себеси, гушнат со виолината, во некоја празна соба. Што потоа, како кадар од убав филм, заминува од погледот.
Не е ни важно. Музичарот е благо катапултиран кон една непрегледна сфера каде сонцата и месечината слободно летаат, каде што душата ја добива својата природна слобода extra corpus, а звукот само го бележи нејзиното скитање. Бележи како душата со леснотија се сели во други суштества: калинки, полжави, јајца, афиони, бубачки и особено во… птици. Славејот, пупунецот, врапчињата, фениксот, колибрито, сето тоа птичје царство станува огромно гнездо-упориште од каде што жиците на виолината емитираат звуци.
Патешествието е веќе во тек.

ТАА ВО КАДАТА

… мојата пријателка ужива во решавањето еротски криенки низ антиката гилгамеш и енгиду ахилеј и патрокло како топли браќа ненаситноста на хачепсут само(за)доволноста на хиполит ноншалантно како дома си влегува во неизмерната живост на паганските олимпи го бакнува кастор во левиот полукс во десниот образ со сибила ги претресува најновите пикантерии мислев се работи за умешност научена од таткото универзитетски професор по математика додека едно попладне не видов како се капе како си игра со сапунот по кожата силно возбувачки сепак наивно така црномурестата египетска божица си играла во нил со младунчето хипопотам миноската голограда девојка со острите рогови на бикот дијана со шумските извори сосем лесно можев да ја префрлам во персеполис картагена нинива меѓу бадемовото млеко гулабовите очи јасминовиот цвет сокот од лилјан босонога ќе стапне меѓу нив во насмевката ни трага од исклештениот грч на дојденката најскриените катчиња на висечките градини се отвараат пред неа мокра сфинга сред куќните змии ограбувачите на пирамидите светите писма лавиринтите сиот си се вжештил ми вели не е тоа секс одговарам тоа е мит и влегувам во кадата…

ВОЛШЕБНИЧКА

Ноќва помислив како си престанала да живееш во овој надворешен облик. Не дека си умрела или исчезнала, далеку од тоа, туку дека едноставно си го оставила телото и си поминала во нешто невидливо. И дека нашата живописна размена на мисли продолжува, со сите можни теми, но и со една многу присутна нежност, без претварања, грчеви и повреди. Дури и мислите си ги даваме и присвојуваме безгласно, речиси телепатски. Веднаш ми олесна и големата грутка во градите што со ноќи не ме оставаше да заспијам почна да се топи. Никогаш, си кажав, и кога до крај сум се наситувал со твоето тело, никогаш не било само поради него. Туку поради согласноста со она што е внатре, со таа биоструја што несопирливо ја пренесува твојата енергија во мене и ги расчистува моите најтемни ходници. И ме храбри да издржам.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
КАТАСТРОФИ
А реката постојано расте - ги искачува насипите, го урнува мовчето, потоа...
Повеќе
0 replies on “С И Т У А Ц И И”