Икра од морски ракчиња

Попладнето на Денот на вљубените, вревата на универзитетскиот кампус стивна.

Вечерта пред Денот на вљубените децата останаа будни до доцна во ноќта, разговарајќи застанати пред рерната. Правеа мали чоколадни колачиња и чоколадна торта. Полна со гордост, ги броев крај рерната подароците украсени со љубов, па сепак ме обзеде некоја тага. Осаменоста е како плима пред зори, нејасна и малку кисела, надоаѓа во бранови. На плажата нема многу место за стоење без да се наводениш. Дури и легната в кревет, слаткиот мирис на десертите сè уште ме прогонуваше.

Попладнето на Денот на вљубените, вревата на универзитетскиот кампус стивна. Да бев студент, денес ќе ги пропуштев часовите и ќе ги ризикував оцените заради мојата љубов. Бев сама во канцеларијата, слушајќи го непрекинатиот звук од тастатурата, депримирана до смрт. Погледнав на часовникот – пет и триесет – можеби куќната помошничка на мојот стар татко сè уште не зготвила ништо. Му се јавив и го прашав, „Сакаш да одиме на вонтон нудли?“ Му беше мило и веднаш се согласи. Скокнав од столчето, зачував неколку документи на компјутерот и ги затворив без размислување. Текот на мислите ми беше прекинат, но затоа е на сигурно во меморијата на компјутерот. Неколку програми врескаа „не“, како да сакаа жива да ме изедат. Притиснав „Затвори“ и „Откажи“ неколкупати и дури тогаш се ослободив од борбата. Не сум навикната да ја напуштам канцеларијата порано. Викнав такси и побрзав кон домот на татко ми. Тој повторно играше на компјутер. Еднаш еден компјутерски техничар ми кажа: „Татко ти одлично игра. Да имаше натпревари во старосни категории, сигурно би бил шампион“.

Пред една година, кога состојбата на мајка ми се влоши, татко ми имаше обичај по цел ден да игра на комјутер. Сега кога е вдовец, компјутерските игри се сè уште голем дел во неговото секојдневие. Тогаш играше најмногу за да избега од реалноста; сега за да утепа време. Мајка ми отсекогаш била болежлива и кревка, со висок крвен притисок. Постојано имаше главоболки и болки во стомакот и грбот, па затоа најголем дел од времето го поминуваше легната читајќи. Деновите кога имаше повеќе енергија, татко ми ја носеше на гозби. Ракчиња на пареа, краби во тава, палачинки, пржено пилешко… сè што ќе им текне, ги голтаа со уживање и покрај предупредувањата на лекарот. Иако мајка ми секој ден мораше да пие апчиња за притисок и диуретици, сè додека можеше да излезе со татко ми, беше задоволна и не се грижеше за ништо. Од Јун Лонг до Стенли, од Пик до Саи Кунг, јадеа насекаде и коментираа кога ќе се вратеа дома како првокласни гастрономи. И тогаш, ненадејно, на мајка ми ѝ дијагностицираа рак на панкреасот. Прво мислеше дека е обична болка во стомакот. Ендоскопијата не покажа ништо необично, па мајка ми продолжи со гозбите сè додека не почна да повраќа на секое јадење. Во последните неколку месеци од животот воопшто не можеше да јаде. Колку и да беше гладна, успеваше да земе само една лажица разварени нудли од ориз. Сите болести поврзани со високиот холестерол, мозочен или срцев удар, за кои лекарот постојано беше загрижен, веќе не ја засегаа. Она што ѝ го зеде животот беше тешко да се соџвака: клетки на рак.

Пред болеста им префрлав на моите родители што беа толку неодговорни, „Како можете така на ваши години да не внимавате што јадете? И подобро да готвите со помалку сол. Ако продолжите вака, нозете на мама пак ќе ѝ отечат…“ Тие не ми противречеа, ниту пак престанаа да одат по ресторани. Мајка ми ќе ми се јавеше кога и да откриеја некое интересно место и секогаш звучеше многу возбудено: „Чинг, уживаме во јадењето во Јун Лонг, многу е вкусно! Сакаш да дојдеш?“ Секогаш кога ќе ми се јавеше така, се лутев. Си мислев во себе: „Знае дека во 11 часот сум на работа. Како да дојдам? Кој ќе ви ја финансира пензијата ако си ја оставам работата за да дојдам со вас?“ Сега повеќе никој не ми се јавува така, а ушите ми се празни и скокотливи. Сега ми е мене редот да им се јавувам на децата и да ги прашувам дали ќе дојдат дома на вечера, ама многу често го слушам одговорот „ве молам оставете порака“. Кога конечно ќе бидат слободни да се јават, времето за вечера е веќе одамна поминато.

vintage-1722325_1280

Сега, вечерата беше единственото време кое го поминував со татко ми. Мајка ми не вечераше со денови пред да почине, бидејќи имаше неиздржливи болки во стомакот кога ја примија во болница. Лекарот ни кажа дека ткивото во стомакот веќе ѝ било мртво. Двете симетрични црвени флеки на образите ѝ даваа малку руменило. „Тоа се знаци на васкулогенеза. Многу ми е жал, но не можам да помогнам, најдобро да се подготвите за најлошото“, додаде лекарот. Тој ден ѝ купив конџи со сув зеленчук, но таа се напи само малку. Тогаш се радувавме кога и да ја видевме мама како голта и малку хранлива течност, како да можеше да оздрави или да биде подобро, но сите надежи ни беа залудни. Неколкуте лажици каша што мајка ми ќе ги изедеше остануваа во нејзиното ждрело во распаѓање, но останаа во моето грло до крајот на мојот живот, бидејќи ниту можев да ги проголтам ниту да ги исфрлам.

Откако проголта малку конџи таа вечер, мајка ми постепено изгуби свест и беше во кома осум дена пред да почине. Додека сè уште беше свесна, брат ми сакаше да седи до неа. Но мама рече дека ѝ пречи да гледа телевизија. На телевизија даваа серија за Ли Шижен, легендарен лекар од стара Кина, кој можел да ги излекува сите болести. Се прашувам на што ли мислеше мајка ми додека ја гледаше, ама никогаш не разбрав.

По погребот серијата за чудотворниот лекар сè уште се емитуваше на телевизија. Празните очи на татко ми како да не можеа да видат ништо подалеку од дофатот на раката. За среќа, татко ми сè уште сакаше да јаде. Два дена пред да почине мајка ми, татко ми дојде на посета со печен сладок компир. Истиот миг собата се исполни со прекрасен мирис и неодоливи сеќавања од детството. Татко ми најде некаков нож и го пресече слаткиот компир: златен, сочен, мек и топол. Му понуди парче на лекарот. Добродушниот лекар го зеде и се заблагодари. И јас и брат ми зедовме по едно парче, не разбирајќи како можеме да имаме апетит, но имавме. Потоа лекарот ме повлече настрана и ми рече: „И татко ти треба да зема лекови“. Без изненадување одговорив: „Во ред. Ве молам дајте ми рецепт“. Ми даде антидепресиви. „Во следните шест месеци внимавајте на него“, ме потсети лекарот, а јас се расплакав.

Следните неколку месеци татко ми ослабе околу 5 килограми, но сè уште имаше апетит. Никој не можеше да разбере зошто слабее. Скришум ги фрлаше антидепресивите без да ни каже. За да „внимаваме на него“ јас и моето семејство секоја вечер одевме кај него на вечера. Храната што ја приготвуваше беше секогаш многу разновидна. Беше премногу за да ја изедеме наеднаш, па мораше да ја послужи пак следниот ден. Имаше солени јајца, суви колбаси, паста од соја и солена риба, ама немаше доволно зеленчук. Секое попладне строго им кажувавме на децата дека не смеат да задоцнат. Кога доцнеа макар и една минута, лицето на татко ми стануваше црвено. Неколкупати, додека јадевме во тишина, го видов како ги голта најсолените јадења едно по друго, и како пуши две цигари една по друга до прозорецот по вечерата. Не помина многу време, а децата почнаа срамежливо да наоѓаат изговори. „Мамо, вечерва имам тренинг по пливање и нема да стигнам на вечера кај дедо“, се извлече ќерка ми. „Мамо, имам многу домашно. Нема да можам да дојдам на вечера кај дедо“, се оправда син ми. Но кога се вратив дома од вечерата кај татко ми, го видов син ми како си вари манти купени од супермаркет. Очигледно децата се плашеа од масата која ги потсетуваше на смрт.

Еден ден му кажав на татко ми дека ќе доаѓаме кај него на вечера секој втор ден. Пред разговорот бев многу вознемирена бидејќи се плашев дека ќе го повредам. По долго двоумење му кажав. Се изненадив кога се согласи без двоумење; дури во гласот му прозвуче задоволство. Следните неколку недели, деновите кога не бев кај него, се чувствував непријатно. Го замислував како ја полни устата со сенешто, како ја поминува вечерта сам во тишина. Но, сосема неочекувано, расположението на татко ми стануваше сè подобро. Вечерите кога бевме кај него, купуваше овчо, или го ставаше тенџерето за чорба, или приготвуваше Теочу студени краби, кои мене ми беа омилени (иако татко ми беше од Џонгшан). Понекогаш правеше манти со нас и целиот се замачкуваше во брашно. Чун Винг и јас бевме многу среќни што го гледаме повторно во форма, но не можевме да ја разбереме причината за промената. „Можеби му требало простор. Човек не може да тагува меѓу други луѓе“, рече Чун Винг.

Секако, но кога тагата конечно помина, повторно беа потребни луѓе. Тој ден направивме многу манти полнети со кинеска зелка или лук со мелено свинско месо или мелено говедско. Колку смешно! Откако ќе се сварат, состојките во мантите не се ни препознаваат. Можев да ги вкусам само сликите како ги правиме заедно. Како Чун Винг го замесува тестото во тенки ливчиња. Доби такви грчеви во рацете, што му требаше мелем. Тато ги виткаше мантите како со две леви раце – ниту една немаше правилна форма. Дури и им даваше смешни имиња како „манта кукличка“. Толку немаше трпение, што по десет минути отиде да игра на комјутер. После половина час играње му стана жал за нас па дојде да нè види, смеејќи ни се на несмасноста. Ќерка ми донесе дигитален фотоапарат и направи многу фотографии со рацете покриени во брашно. Рече дека фотографиите биле за дедо да може пополека да ги разгледува на компјутер.

Татко ми повторно си ја врати тежината. По вечера, правеше Гонг фу чај, лупеше овошје и ставаше супа од сладок компир, како и обично. Уживавме во слатките заедно пред телевизорот, минувајќи многу обични вечери со полни стомаци. Дојде и Денот на вљубените. Го викнав татко ми да одиме заедно на вонтон, на местото кое мајка ми многу го фалеше додека беше жива.

face-636092_1280

Вонтонот што го служеа таму беше навистина многу вкусен. Во другите ресторани вонтонот беше голем со две смрзнати ракчиња внатре – стомакот да ти се наполни само со гледање. Мајка ми воопшто не го сакаше таквиот вонтон. Но тука служеа мал вонтон, со мали свежи ракчиња и свинско месо, навистина вкусно. Татко ми зеде со лажица од супата и ми ја стави пред носот за да можам да ја видам одблизу. „Вкусот доаѓа од малите црни зрнца. Гледаш“, рече. „Икра од морски ракчиња“, реков јас, а татко ми кимна со главата. Келнерот дојде да ги земе чиниите забележувајќи дека се празни. „Не сум готов“, му рече татко ми. Потоа ја сркна и последната лажица супа со икра од морски ракчиња, внимателно уживајќи во секоја капка вкус.

По супата со вонтон татко ми нарача и нудли со свинско, па потоа десерт и слатка супа. Како може старец како него толку да јаде? „Не се грижи. Штом е среќен, добро е“, рече Чун Винг. По вечерата зедовме такси и тргнавме дома. Чун Винг инсистираше да го однесеме татко ми до пред врата. „Во ред е. Тато изеде толку многу, што му треба малку пешачење“. Татко ми се согласи со мене и рече: „Токму така“. Ја гледав неговата гегава силуета како исчезнува низ разнобојните светла и не можев да оценам дали сум среќна или тажна. „Денот на вљубените е“, му кажав на Чун Винг без некоја намера. „Да, убаво си поминавме. Мислев дека нема да најдеме место во ресторанот“, одговори Чун Винг. Изгледа дека вљубените не сакале да прослават во мал ресторан за нудли, колку и да се вкусни.

Одевме пополека. Децата сигурно уживаат во своите слатки мигови. Немаше зошто да брзаме. Бевме изненадени што син ми веќе беше вратен дома. Кога нè виде, веднаш извади мало парче чоколадна торта од фрижидерот и рече: „Ова е за вас. Другарите ми кажаа дека убаво сум ја направил“. Бевме прејадени, но јас сепак ја позедов чинијата што ми ја подаде. Ја изедов тортата во мали залчиња и се согласив дека е божествена. Во тој миг се отвори вратата и влезе ќерка ми. Веднаш дотрча до фрижидерот без да го симне ранецот, и подели со нас неколку убави мали чоколадни колачиња — чекај, па нели требаше да бидат за момчето?

Во устата сè уште го чувствував вкусот на икрата од морски рачиња во супата со вонтон. Овој вкус го замени меката сладост на чоколадото. Помислив на апетитот на моите родители. Очите ми се наполнија со солзи. Она што ноќеска излезе од рерната беше многу повеќе од романтичен празник.
Превод од кинески на англиски: Шан Чан, Меги Ченг, Роланд Ли, Џоана Хо, Ени Шао, Рона Џојс Вонг и Кристин Вонг.
Превод од англиски: Марија Тодорова

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Икра од морски ракчиња”