Шангај По По

Ме викаат По По од раѓање.
Овде во Хонг Конг само стариците ги викаат По По. Во Кина, жените така им се обраќаат на своите свекрви. Од каде знам? Ха! Знаеш ли ти колку луѓе гледам јас секој ден? Колку повеќе луѓе, толку повеќе знаење. Во работните денови има помалку народ, но затоа за викенд е врвулица. И сите зборуваат на различни дијалекти. Мале! Таа толпа ме научи многу. Некои луѓе, наместо да кажат По По, ќе кажат „старана вештерка“. Вистина? Да! А што па да не? Ете една стокмена дама со неколку торби, очигледно оставила многу пари по продавници. Но, кога почна да зборува за свекорот и свекрвата, лицето веднаш ѝ свена. Хонконжаните… хм… се малку различни од Кинeзите. Тие поинаку им се обраќаат на свекорот и свекрвата. Велат „господару“ и „господарке“. Се тркалам на под од смеа!! Не можам ни да ги замислам овие старински зборови во толку модерен град. Од кој век излегле? Така им се обраќаат само на богатите функционери, во долги роби, во телевизиските серии. Наместо тоа, Хонконжаните – дури и најпис домаќинките – викаат „татко му“ или „мајка му“. Нема полош збор. Жените од Кина се похрабри и погруби. Лицата им помодруваат додека се жалат на своите свекор и свекрва, јадејќи ги живи. Гррр… Ама ајде! Зошто би лажела? На крајот на краиштата, животот ми зависи од нив, бидејќи тие се муштерии. Немам зошто да лажам. Дојди за викенд и увери се сам. Не им пречи да зборуваат гласно. Ама, не можам да ти ветам со сигурност дека ќе ги чуеш како се жалат. На крајот на краиштата, не сите жени од Кина си ги мразат свекрвите. Тешко е да кажеш кој е во право, а кој не, или кој е подобар, бидејќи се работи за многу фактори кои имаат влијание. Не е бучно овде, воопшто. Би рекла дека е живо! Како да гледам драма. Без тоа би ми било толку досадно тука по цел ден.

Се прашуваш на кој дијалект зборувам? Немој. Ни самата не знам. Користам различни дијалекти кога зборувам. Знаеш, „интернационално“. Исто како и оние компаниите за козметика кои наоѓаат убави девојки со „интернационален“ изглед да им ги рекламираат производите, за да можат да им се допаднат на повеќе купувачи „интернационално“. Истото важи и за нас, бидејќи имаме клиенти кои доаѓаат од цел свет. Од Шангај? Нема многу фајде да се фокусираме само на нив. Па тие не се ни 1% од нашите редовни муштерии. Зошто? Е па, не може да продаваш мачки во вреќа. Јадењата се во шангајски стил, тоа е несомнено. Но дали се типични? Тешко е да се каже со сигурност. Зависи од тоа како го дефинираш зборот „типични“ и кои се стандардите. Некои велат дека варени јајца со школки се типични; некои мислат дека шангајските нудли се црни. Има многу примери, но во стварноста, важни се муштериите. Можеме ние да им служиме типични шангајски јадења. Ама, тие не им се допаѓаат на сите муштерии. Потоа, ќе најдеш лоши коментари на Openrice apps и можеш да си го затвориш ресторанот. Не е сѐ само во јадењето.

rice-40282_1280

Уморна? Секако. Ако некој рече дека никој не се уморил од работа, верувај, лаже. Ама, уште позаморно е да денгубиш наоколу. Зарем не е уморен готвачот? Зарем не се уморни келнерите? Тие мораат да бидат на нозе по цел ден. На некои нозете им стануваат тешки како камења и не можат да седнат како што треба дури и кога имаат време. Но тоа е само физички умор. Пострашен е умствениот умор. Некои ќе кажат оние што заработуваат не се уморни. Колку грешат. Во овој бизнис заработуваме, ама не многу. Морам да се грижам колку трошам. На светот има толку многу работи што би сакала да си ги купам. Но не можам да купам сѐ. Ваквиот ментален умор те остава без сон и без јадење. Како да имаш еден стомак, ама сакаш да јадеш и пица и суши наеднаш. Па после и стек, и нудли, и димсам и десерт. Не можеш да ги изедеш сите и да сакаш! Уморна. Не, преморена. Толку многу желби, толку многу умствен товар. Товар што на крај ќе те смачка.

Сите ме викаат По По како да сум била овде со децении. Ќе ти кажам една тајна: немам ни полни шест години! Но една година во нашава бранша вреди колку десет во твојот живот. Зарем не мислиш дека личам и се однесувам како По По? Добро ли е тоа или е многу тренди? Ха-ха, само те имитирам како се облекуваш, додавајќи малку свој шарм. Знаеш што, вистинските По По не доаѓаат овде. Зошто? Не разбираш? Кој не се плаши да остари? Луѓето порадо би трчале отколку да седат! Премногу си млад за да разбереш. Ти знаеш само да позираш со раката на образ и да ми кажеш „Ооо, колку слатко!“ И „Превкусно!“ И да дојдеш пак кога сакаш да уживаш. Така ли е? Оваа игра ја стокмија моите основачи. И тие се млади како тебе! Ја знаат магијата на По По. Луди-млади, сте го избрале вистинското место. Родена сум во Тун Мун центарот. Слушнав таму сега има и некои Јапончиња. Можам да кажам… Хонконжаните, без разлика на возраста, имаат тенденција да сакаат сѐ јапонско, без причина. Повеќе од половината од дуќаните во овој трговски се од Јапонија. Јас не сум тука одамна. Треба да знаеш и колку е стар трговскиот. Околината пополека се менува, се согласуваш со мене, нели? Преку мостот е стариот кварт. Светлата се палат додека одиш, на секој чекор. Таму каде што има светла почнува да се менува. Добро е тоа, нели? Мислам дека обете се добри, бидејќи секое си има свои добри страни.

Имам седум сестри. Си личиме. За среќа, малку поинаку се облекуваме, за луѓето да можат да нѐ разликуваат. Убаво е да имаш многу сестри. Можеме да си делиме сѐ. Ја гледаш ли онаа слика на ѕидот? Онаа со деца на клацкалка? Само што ја добив од третата сестра. Третата сестра живее во Цун Ван. Оди ѕирни: кај неа висат големи портрети на деца. Некои велат „Колку слатко! Сликај! Сликај!“ Други велат, „О, не, не! Боже! Колку се грди! Колку се деформирани!“ Некои дури и велат, „Она личи на нашиот лидер Џианг Ѕемин? Или на стара баба?“ Сфати го како шега, ама има сличности во цртите на лицето. Животите на луѓето се циклус, старееш, а потоа животот почнува одново. Интересно. Сестрите не смеат да се среќаваат често. Една поговорка вели: „Блискиот сосед е подобар од далечен роднина“. Колку вистина има во ова. Мојот сосед Лау Марк Ки е мој пријател. Ѝ се смееш на По По бидејќи е многу модерна и не сака да каже „момче“ или „девојка“? Нека не те залажува како изгледа Лау Марк Ки! Тој е уште помлад од мене! Лау Марк Ки е ретро. Сака да носи винтиџ, и сега тоа му стана заштитен знак. Муштериите доаѓаат да видат како ќе го послужи јадењето. Дали е вкусно? Па, чајот со млеко е убав. Другите јадења се така-така. Многу тешки. Сите сакате да јадете надвор, мислите дека храната во ресторани е поубава од онаа приготвена дома, а тоа значи дека сакате тешка храна. Ако готвиш дома, нема да додадеш толку подобрувачи на вкус. Не, не зборувам само за Лау Марк Ки. Сите ресторани го прават тоа. Сите сакаат силна храна; само никој не сака да признае. Што сум се загрижила пак јас? Ти си знаеш дека дома зготвената храна е поздрава. И пак јадеш надвор, така? Што има тогаш јас да се грижам? Будала. Кари-кун, онаму (се разбира вака го викаме само зад грб) не е толку близок со нас. Не, не е Јапонец. Само имаме различни ставови и стилови. Тој не сака да се дружи со нас, па затоа не сме блиски. Можеш да погледнеш после. Кај него има помалку луѓе. Како што велат „или јас или ти“. Но ние сме соседи, подобро е да си помагаме отколку да играме игри на преживување, нели? Кога дојде првпат, сите отидоа да го видат новодојденецот. Тој не сакаше ниту да нѐ погледне нас постарите. Нека прави што сака! Сега водата тече на наша воденица, а тој се лути.

Лау Марк Ки и јас имаме исто мото: „секому по дел од колачето“. Затоа отидовме и се обидовме да го убедиме да не продава само свинско кари. Ама тој мислеше дека сакаме да му наштетиме. Само студено нѐ погледна. Кари-кун не се сврте против нас, ама нѐ отпили. Тој се држи настрана од сите соседи. Сиромавиот. Не сфаќа. Ако не се разбираш самиот себе, како ќе можеш да се прифатиш? Никој не може да му помогне.

asian-1527230_1280

Лау Марк Ки и јас… дали има нешто меѓу нас? Како да ти кажам? Ги броиме деновите еден крај друг, и не се осмелуваме да мислиме на иднината. На крајот на краиштата, локалните ресторани како нас еден ден можат да исчезнат. Да ти кажам кои ми се омилените активности, ги има многу. Секој ден, Лау Марк Ки и јас стоиме крај вратата и ги гледаме луѓето. Се обидуваме да погодиме во какви односи се, што работат и во кој дуќан ќе влезат. Забавно е! Да ти кажам, мислиш дека сите веќе знаат што ќе јадат, ама, всушност, повеќето одлучуваат откако ќе влезат. Некои, дури и кога веќе влегле во еден ресторан, ќе се завртат и ќе отидат во друг. Ја гледаш онаа девојка што јаде онаму? Само што рече дека ќе јаде кај Лау Марк Ки, оти сака инстант нудли. Лау Марк Ки беше толку среќен кога влезе, ама кога излезе лицето му поцрне. Колку беше смешно! Има различни луѓе, ги гледаш двајцана што седат настрана: е, тоа ти е љубов. Како знам? Вака ли јадеш нудли дома? Велиш дека си сит по само неколку залчиња. Колку очигледно! Да ги споредиме со онаа западна двојка. Откако нарачаа, досега не кажале ни збор. Тоа ти е стар брачен пар. Интересно, а? Сакаш да погледнеш поблиску? Секако: ги гледаш двене девојки онаму? Не престанале да се смеат откако седнаа. Дојди, дојди погледни:
А: …На крај, ќе те викнам… Звучиш како експерт за храна…
Б: Треба да сум среќна?
А: Се разбира, нели ти е идол? Толку убаво пишува…
Б: Ама тој е маж… Леле, ајде да јадеме! Колку убаво изгледа хранава, какви бои. Ајде да пробаме!
А: Ммм… што ќе напишеш?
Б: Ти одбери тема, и дај ми две недели.
А: Ах, тогаш нека биде „Шангај По По“.
Б: Уф… Сигурна си? …Добро тогаш…
Б: Ммм, колку е вкусно. Побрзо, да завршиме.
А: Сега се пишманам. Нема што да се пишува на таа тема.
Б: Да… вкусно. Остави сега… Пржениов ориз е одличен.
А: Знам! Сигурна сум дека ќе му ја опишеш во детали бојата, текстурата…
Б: Аааа… фала… фала многу.
A: А што велиш да пишуваме за луѓе! На пример, за По По од Шангај?
Б: …Хммм… Добро, можеби… многу се оддалечивме од темата…
A: Или може да напишеме роман за возрасни…
Б: Секако. Е тоа е веќе нешто.

Два празни ума се смеат на сешто. Некои луѓе доаѓаат и си одат со тажно лице, некои се караат, но не многу. Обично молчат. Да ти кажам, не мисли дека можеш да разбереш сѐ што ќе слушнеш. Внимавај на движењата. Ќе откриеш повеќе отколку во зборовите. Тишината раскажува приказни. Не ми веруваш? Знаеш ли колку ќе стане тивок трговскиот центар откако ќе затвори? Да ти кажам, наутро луѓето нагрнуваат, а навечер сѐ замира. Во тишината ќе видиш сосема поинакви детали. Е па, не можам да ти објаснам, мораш самиот да искусиш. Иднина и соништа? Ха-ха… Тие теми им ги оставам на младите. Еве како минува денот: сончевите зраци блеснуваат над мостот и застануваат пред стаклениот ѕид. Стануваме. Цел ден светилките силно блескаат, за миг помислуваш дека е сонцето. По некое време, сонцето е од другата страна на мостот. Светилките светнуваат уште посилно. А потоа се гасат. Светло. Темно. Светло. Темно. И толку.

Превод од кинески на англиски: Џенис Јунг, Ајви Квок, Менди Чау, Ејнџел Јинг, Ејнџел Чау и Емили Чан.
Превод од англиски: Марија Тодорова