На „Букстар“ се симнуваа ѕвезди

14731156_1213406508715539_8512535459054558785_n

Второто издание на меѓународниот Фестивал на европската литература „BookStar“, започна на 24 октомври 2016 година и траеше до 11 ноември. Овие 19 дена секојдневно на понудата на фестивалот имаше некаков книжевен и друг вид културен настан, вкупно 25 на број! Скопје и скопјани имаа можност да присуствуваат на осум книжевни промоции, четири директни средби со писатели од странство, седум концерти, две филмски проекции, една трибина, креативна работилница, читање приказни за деца и саем на книгата во просториите на издавачката куќа „Антолог“.

Покрај тоа, беа организирани герила акции: јавно читање на делови од промовираните книги во Градскиот трговски центар и во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, беше направена анкета на тема (не) суди ја оваа книга по корицата, а беа исцртани и графити од слоганот Симни ми ѕвезда! на повеќе локации во централното градско подрачје. Слоганот на фестивалот беше инспириран од хаику поезијата на Никола Маџиров.

15000655_1229869737069216_4284969419732065637_o

„Букстар“ траеше три недели, со што главниот град првпат имаше можност да открие еден олку богат и оригинален книжевен фестивал, кој се надеваме со заеднички усилби и желби ќе стане традиција на која сите во Македонија ќе се гордееме.

На фестивалот гостуваа и ги претставија своите книги четири значајни европски авторки. Главната програма беше отворена со писателката Маренте де Мор од Холандија и промоцијата на нејзиниот роман „Холандска девица“, добитник на Европската награда за литература во 2014 година. Потоа гостуваше турско-германската писателка Есмахан Ајкол со бестселерот „Убиство во хотел Босфор“, која е прв добитник на наградата „Букстар“ за најчитана книга. Беа промовирани и две романизирани биографии „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од Агата Тушињска од Полска, а последна гостинка на фестивалот беше романската писателка Дојна Рушти, која го претстави одличниот роман „Елиза на единаесет години“.

Освен формалниот дел, може да го истакнеме и фактот дека Маренте де Мор беше одушевена од македонските цркви, Есмахан Ајкол го посети родниот град на својот дедо, Куманово, каде што на симболичен начин во Библиотеката „Тане Георгиевски“ можеше да ја види својата книга на рафтовите, достапна за читателите, Агата Тушињска играше чочек во една скопска кафеана, а Дојна Рушти дозна повеќе за македонската историја во Археолошкиот музеј на Македонија и во Музејот на македонската борба, од каде што понесе интересни сувенири, а сите уживаа во македонската храна во различни ресторани во Скопје.

10

Во рамките на фестивалот беше претставена уште една поетска антологија, замислена како панорама на современи македонски поетеси, со наслов „Ова е моето последно молчење“, составена од приредувачките Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а беше промовиран и романот „На работ од времето“, прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ од младата македонска писателка Моника Трајковска. Во ОФФ програма беше вклучена промоцијата на најновата збирка на Ѓоко Здравески – „љубавина“.

Две од гостинките на Фестивалот, Агата Тушињска и Есмахан Ајкол, заедно со неколкумина други македонски писатели и книжевници, учествуваа на трибината „Нивната страна од (и)сторијата“, модерирана од Маријана Јанческа.

14940203_1229137920475731_5865018971959304062_o

Покрај оваа главна програма, се одржаа и два настана во рамките на детската програма – „Креативно пладне“ и „Слушаме приказни со Лабина Митевска“, а беа прикажани и две филмски проекции во соработка со Контракадар од Скопје и од Битола.

Сите фестивалски настани беа збогатени со квалитетна музичка програма, во чии рамки настапуваа: „The hounds“, Марко Настиќ, „ОК бенд“, „Перија“, „Гитара пет“, Ж’ба Аутмајнд, Теа Шалдева и „Летечки пекинезери“ на синоќешното затворање.

Големото фестивалско финале, на кое беше промовирана антологијата „Што си ти?“, беше прекрасна уметничка вечер исполнета со поезија, оригинални џез-звуци, танцување и позитивна енергија. Со поетско читање на избраните песни и на дел од своето творештво настапија и застапените автори приредувачи: Владимир Мартиновски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Долорес Атанасова-Лори, Дарко Ангеловски, Анастасија Ѓурчинова, Снежана Стојчевска, Мерсиха Исмајлоска, Александар Прокопиев, Тихомир Јанчовски и Ѓоко Здравески.

Збирката „Што си ти?“ претставува избор од најубавата поезија од европски авторки, направен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ по повод второто издание на фестивалот „BookStar“. Триесетина македонски и странски поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи одбраа по две песни од своите омилени поетеси од Европа. Промоторка на книгата беше книжевната проследувачка и писателка Оливера Ќорвезироска.

15016169_1236083863114470_6084712244585038820_o

На крајот сцената ја зазеде оригиналниот свинг-џез состав „Летечки пекинезери“, во чиј музички перформанс уживаа сите присутни.

Поддржувачи на фестивалот беа: Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Полска. Програмата на Фестивалот се одржа во Јавна соба.