СЛИКИ OД САКСИЈАТА

Драган Ј. Ристиќ е несомнено една од најважните фигури на балканското хаику. Со децении тој го води, го осмислува и го збогатува со темати и со преводи списанието „Хаику новине“, чиј секој нов број заљубениците во хаикуто го исчекуваат со нетрпение и кој толку многу значи за пробивот и за развојот на хаикуто во овој регион. Но уредничката дејност на Ристиќ е само дел од високата творечка дејност на овој автор. Тој е, пред сè, неоспорен мајстор на хаикуто. Ристиќ мошне успешно се докажал и во други примамливи источни форми како танки, хаибуни и хаиги; неговите куси прози се исто така една впечатлива приказна за себе што сведочи за неговата сестрана предаденост кон книжевното творештво. Сепак, како хаиџин тој е читан, преведуван и ценет низ целиот хаику-свет. Неговата застапеност во антологиите, како и меѓународните награди што ги спечелил со својата поезија, се импресивни. Еве конечно шанса една од неговите репрезентативни збирки да биде достапна и на македонски јазик.

piano-1239729_1280

Збирката „Штурецот во саксијата“ е составена од четири циклуси, чии наслови веќе го провоцираат читателското љубопитство: „Мириса бозелот“, „Летната запурнина“, „Ветер во оџакот“, „Го гледам мојот здив“. Драган Ј. Ристиќ својата творечка индивидуалност ја храни во мигновноста на секојдневјето, луцидно во неколку слога создавајќи малечки светови. Јасно и прецизно, Ристиќ ги уочува пукнатинките меѓу надворешниот и внатрешниот свет:
грмушка рози –
ми недостига токму
онаа набраната

Неповторливоста во тие брзи премини меѓу акција–реакција, во хаикуто на Ристиќ произведува своевидни длабински фотографии:
со задоволство
песот го отфрла снегот од себе –
ме лазат морници

сред нивата
се црвенее автобус –
сега викендичка
Изустеното и неизустеното се во интимен допир:
се дружиме
дење и ноќе јас и
штурец во саксијата

„Штурецот во саксијата“ е впечатлива галерија на трансформации на мигот, во кои ги наслушнуваме скриените гласови, го чувствуваме ритамот на човечноста:
октомвриска вечер
на рингишпилот се врти
само музика

grasshopper-480502_1280

Среќа е што збирката ја препеа еден суптилен познавач на литературата и на јазикот, кој, за жал, не е веќе меѓу нас. Есеите и преводите на Љубиша Стојановиќ, особено за/од видни француски автори, беа создавани од човек со висок естетски вкус и книжевно знаење.
На крајот од овој кус текст се потсетувам на еден убав детаљ, инспириран токму од хаику-книгата „Штурецот во саксијата“ на Драган Ј. Ристиќ. Пред некоја година, на терасата од планинарскиот дом на Голак, се инспирирав од неговата книга за следното хаику:
Под борот, лисица.
Ја видов читајќи за
штурец во саксија.

Сега, благодарение на препевот на Љубиша Стојановиќ и на книгоиздателството „Антолог“, дел од поттикнувачкото хаику на Драган Ј. Ристиќ, на поетот што умее да гледа, дише и на македонски.