Свршеничката на Бруно Шулц

Јузефина Шелињска, Јуна, во периодот 1933-1937 била свршеничка на Бруно Шулц – генијалниот писател, сликар, автор на Продавниците со боја на цимет и Санаториумот во знакот на клепсидрата .
Ова го таела речиси половина век. Во повоените прашалници, во рубриката брачна состојба наведувала: слободна.
Сето останато претставува сплет на сеќавањата и на фантазијата.

I

Оваа фотографија е негово дело. Ова сум јас. „Јуна“. Долга рамна коса залижана наназад. Црн свилен фустан со ремчиња. Кус ѓердан бисери. И фантастична расцутена ружа од десната страна. Ама пред сè, длабоко деколте и голи рамена. Самиот така ме седна, ме намести. Ме замоли да ги расчекорам нозете. За миг, за сликата. Ми ги рашири рацете. Се отворам… Покажувам нешто повеќе одошто чорапите, многу повеќе од обично, отколку што ме научила мајка ми, одошто треба.
(Уште не знаев, дека и за оваа дрскост ќе треба да платам).
Канабето потсетува на престол, а јас на владетелка. Со поглед со каков што не сум гледала никого дотогаш. Што искушува, ваби. Ама сигурна во себе, дури и некако сурово. Божем за миг, треба да ги измачувам поданиците…
Не знам, дали тој сторил вака да изгледам. Ама, сигурно тој е режисерот на оваа поза. Таква ме створил. Всушност, дали нему сум сакала да му се допаднам? Очите под капаците сигурно ќе дадат одговор.
Оваа поза не ја повторил во ниту еден свој цртеж. Не ја нацртал никогаш мојата предаденост. Ниту страста.

*

Оваа сторија си ја повторувала со години. Во повеќе варијанти и со различен декор. Реалистички или со „Младополски бранувања“. Студено и со солзи вo очи. Во корсет или со распуштени коси. Поблизу до стварноста или поблизу до сопствената душа. Тогаш, кога молела за жар. И подоцна, кога само молела за мир.

neck-1211231_1280

Драмата обично започнува во од. Така некако… или уште и „како и да е“. Без фанфари. На пример на улица.
За овој маж, си мислела за него, со манирите на мајка ѝ: „младиот човек“, го забележала неколку пати на улицата Мицкевич. Се држел на извесно растојание од неа, божем ѝ отстапува место. Се повлекувал, незабележително веднејќи глава, за да ја пропушти. Го запаметила овој гест, израз на почитување во очите и покорност во ставот. Сепак, малку требало лесно да мавне со шапката. Некаков инает и некаква интензивна итрина. Чудак, ама што интригира.
Тогаш предавала книжевност во женското училиште во Дрохобич. До работа, малку пеш од станицата. Не сакала да брза, излегувала порано, да земе воздух по пат. На враќање, исто, нешто да си купи, понекогаш можеби прошетка со другарката, можеби со Стефа Чарнецка, ама без голем восхит. И во станот и во животот, сама.
Подоцна го среќавала на учителските конференции или на научните средби. Знаела дека и тој е учител, дека предава ликовно во најдобрата машка гимназија во градот. Секогаш посматрал отстрана, божем следи. Барал прилика за невообичаено искажување почит. Неговата понизност, снисходливост и оние проникливи очи ја одбивале. Предизвикале резервираност. Молчела. Добро звучи: молчела провоцирајќи. Научила да гледа во него, божем без никаков израз, божем низ прозорецот, ама запрашувајќи… Жените умеат така. Особено тогаш. И особено, жените во малите гратчиња, слободни, а веќе, според мислењето на околината – не многу млади. Уште извесно време не му го знаела името.
Овие први случајни средби на двајцата непознати мора да се случиле кон крајот на 1932 година. Го запомнила топлиот септември, костените што паѓаат, вечерниот провев на свежина низ воздухот. Уште не носела палто. Вестите од светот сè уште не го реметеле секојдневниот живот. На хоризонтот немало очај.
Неколку месеци подоцна, на почетокот од пролетта 1933 година во училиштето ја посетил наставникот по физика, во чиешто друштво понекогаш го гледала оној маж. Професорот Алекси Кушчак дошол во името на својот другар, толку срамежлив, што немал храброст самиот да се појави. А ја молел за согласност да позира за портрет.
Која ли Мадам Бовари би одбила еден уметник? – си помислила, пријатно изненадена од овој предлог. Се согласила. Очајничкиот гест на неучтивата жена на провинцискиот лекар не ѝ го одвлекол вниманието. Бргу потоа дошол и самиот Шулц. Ги извадил кредите. Набрзина правел скици, со поглед од некаква длабочина во којашто немала пристап. Се засрамила малку. Ама само на почетокот.
Започнаа сеансите, при што често ги оставаше моливите и кредите и разговаравме. Во сеќавањето, повеќе ми е врежан блесокот, одошто деталите на овие разговори. Невообичаено, меѓусебна маѓепсаност. Божем сме биле во таинствен пакт, игра низ подзатворени клепки. Го чувствував вкусот на забранетото овошје, сепак до крајот, не знаев зошто. Со голи раменици. Сосема голи. Ми идеше да исчезнам, а воедно и да ме има, сè повеќе и повеќе. Некој ме создаваше, идеално, исполнувајќи. Правеше да се чувствувам кралица за еден маж, што никогаш не сум била. Дома не сум ни имала шанса. Опкружена со браќата, таткото, по долна облека само до бањата. Овде се разлавам во некаква магла на восхит, што всушност, не ја заслужувам. Порано не сум почувствувала нешто вакво.
Правеше скици. Внимателно ме посматраше. Изгледа, не само со внимание на сликар. Ги памтам оние очи. Ситни и блескави. Темни, што пронижуваат. Длабоко внатре под ниското стамено чело. Дали ми го догледал семитскиот нос? Ама секако, го догледал, и самиот со ист таков, иако не толку изразит како мојот. Ама сигурно знаел дека одам во Црква, а не во синагога. И самата, со задоволство го истакнував ова. Божем, ова било многу важно. Тогаш, верував дека било. Можеби знаел дека се топам од овој негов поглед? Дека сум спремна на повеќе од што и да е со кој и да е друг маж? Како и кога ли открил?

woman-1503404_1280

Овие први скицирани портрети не се сочувале. Најпосле, не била сигурна дали било за неа или во врска со неа. Малку знаела тогаш за нивниот автор. Дури подоцна обрнала внимание на двете негови слики во Лавовскиот музеј: Автопортрет, на веќе познатиот уметник, со привлечен поглед и типичната сцена – на две жени посакувани од еден маж. Ситен, свиен им се предава. Со веќе познатите црти и става. Неочекувано, повторување и истакнување на личното искуство од улицата во Дрохобич.
Ѝ се чинел млад, многу помлад од неа, а тогаш имала дваесет и осум години, а искрено била зачудена кога изјавил, дека самиот тој навршил четириесет и една. Тешко ѝ било да поверува. Зашто, всушност, се сметала за личност што трезвено ги оценува луѓето. Толку ли бргу ја маѓепсал? Јас, студената првенка, премногу зрела за моите години? Со сликањето или можеби со прикажувањата за книгата што требала набргу да се појави?
Се срамела од почитта што ѝ ја искажувал, ама ја посакувала. Со еден збор – како ништо на овој свет. Иако, колешката од работа, на којашто со сјај во очите ѝ го спомнала неговото име, ѝ рекла: Добро пази. Сешто за него зборуваат. Ама, ова и не било новост, за кого ли не се зборува сешто? Кога ја потпрашувала, се вадела, на крајот проговорила, дека го гледаат со месните пријателки. Какви пријателки? Епа, оние лесните. Ама може не бил тој…
Слегнав со рамената – сигурно не бил… Сепак, штом ги погледнав неговите цртежи…