Во станот на Данило Радовиќ

Во станот на Данило Радовиќ животот стоеше, и како за сите овие години никој ништо да не допрел, секое парче од мебелот се наоѓаше на истото место како тогаш кога живеев тука. Целата тогашна привременост некаде дефинитивно беше заглавена во времето, декорираниот календар на ѕидот од 1911 година сѐ уште беше залепен со селотејп на плакарот, телефонот ставен на столчето во претсобјето и огледалото потпрено само на ѕидот. Во станот владееше необична тишина, која ме потсетуваше на Јована додека спиеше и на осумте будни шепкачи, која ја откриваше, пред сѐ, неговата страшна празнина, спокојна и мртва, како што спокојните и мртвите се мртва природа на лошо платно.
Влегов зад Данило во кујната, каде што на масата имаше остатоци од ручекот, или подобро кажано, нешто што личеше на ручек. Мирисот на храна беше стар барем една недела и погледот на шпоретот зборуваше за човек што во кујната го натерала животната потреба.
„Седни, мој Владане, седни. Па… зошто не ми се јави да ми кажеш дека доаѓаш…“
Од масата брзо ги собра садовите и ги однесе во мијалникот, кој беше веќе преполн, но во него некако му успеа да ги стави уште чинијата и тенџерето. Кога брзо ги испушти од рацете, за момент чекаше да види дали садовите во мијалникот ќе останат на своето место или можеби некој ќе падне на подот во кујната. Потоа од масата го тргна и преполниот пепелник и со раката ги исчисти трошките од леб, обидувајќи се незабележливо да ги турне под масата.
„Еее,тешко мене,што сега да ти понудам?“
„Ништо не треба, чичко Данило. Не сум гладен. Вие само седнете.“
„Сакаш ли барем да ти сварам кафе?“
„Може.“
„Тогаш кафе. И една ракија. Што сакаш повеќе?“
„Може да се напиеме по една ракиичка.“
„Ти испи една и за мене. Јас не смеам. Кафе ќе испиеме заедно, може?“
Целиот збунет се моткаше низ малата кујна, ги отвораше и ги затвораше фиоките и креденците, веројатно попатно заборавајќи каде стои ѓезвето, каде го оставил кафето, каде се наоѓа шеќерот. Од купот неизмиени садови се обиде да извлече неизмиена лажичка за кафе, се откажа од таа задача, и повторно се враќаше кон неа, ништо помалку вешт, ништо помалку успешен. Го гледав и се прашував што му се случило во сите овие години, што повеќе не личеше на себе. Беше исцрпен речиси до непрепознатливост и на неговото некогаш заоблено лице се имаше вселено неизлечивата старечка грубост.
Во секој случај, беше запоставен и навистина беше тажно да се гледа. Рацете му се тресеа кога го палеше плинот на шпоретот, додека го ставаше кафето во топлата вода, кога ми сипуваше ракија во чаша за чај извинувајќи ми се дека нема друга. Кошулата, која од срам пред мене ја пикаше во панталоните, му беше премногу голема, а панталоните премногу широки.
Пред мене стоеше човек што ја изгубил сета своја некогашна суровост, го голтнал целиот свој пркос и од навидум безмилосен силник се претворил во понизно суштество, кое не може да ја скрие својата беда пред ненајавениот гостин.
„Владане, дете мое,од каде ти кај мене?“
„Го барам Недељко.“
„Каде? Тука?“
„Насекаде.“
„Но… тој не е во Нови Сад.“
„Мислев дека можеби вие знаете каде е сега.“
Данило го сипа нашето кафе и конечно седна покрај мене. Неговиот поглед, сам по себе, почна да се крие пред човекот во лов на воен злосторник и ми се причини дека дури и го исплашив.
„Беше еднаш тука кај мене, но тоа беше… тогаш“.
„А се има јавено?“
„Гладен ли си? Ќе тркнам до продавница…“
„Не треба, ве молам.“
„Добро ли е кафето?“
„Добро е.“
„Сакаш млеко?“
„Нема потреба.“
„Еве ти шеќер.“
„Нема потреба. Сакам горко кафе.“
„Како Недељко.“
Несвесно се загледав во горчливата течност пред мене, а тој ја спушти својата беспомошна рака врз мојата. Полека ми ја стискаше и се обидуваше да ми се насмевне, како да сака да ми покаже дека е задоволен дека сум тука со него.
„Дали можеби Недељко ти се има јавено? Мислам, потоа?“
„Јас се надевам дека ти не веруваш во сето тоа.“
„Во што?“
„Во тие свињарии што му ги подметнуваат.“

man-1599945_1280

Можев само да ги поткренам рамената. Имено, поради зборовите на Данило одеднаш почувствував силна непријатност. Ме совладуваше некакво чувство на вина за ова сознание, така што ниту помислив на тоа. Сфатив дека својот татко инстинктивно не го земав во одбрана и ниту за момент не се потпрев на тоа што го знам за него. Ме ужаснуваше веќе самата помисла на тоа дека татко ми навистина убивал невини луѓе, но сепак од тие неподносливи мисли не се обидував да избегам со негирање дека сето тоа е лага.
За разлика од мене, Данило беше лојален сојузник на татко ми.
„Немој да им веруваш, мој Владо. Не им верувај, те молам. Сето тоа е нивна игра.“
На некој чуден начин, зборовите на Данило ми се допаѓаа и во себе чувствував дека ми расте желбата да поверувам во нив и зад нив да ја скријам целата своја сомничавост и стравови.
„Гледаш дека го прогонуваат кој било што ќе им текне. И самиот знаеш дека војните не се без жртви. И покрај тоа… во онаа негова војска можеби имало и неколку вистински војници, но повеќето беа обични луѓе, на кои пред тоа им ги убиле семејствата, им ги запалиле куќите. Тие беа очајна сиромаштија, jadnici bez igde ikoga. И ај сега ти кажи ми, како на таквите луѓе да им забраниш да се одмаздуваат.“
Тој веруваше во секој свој збор и оставаше впечаток на говорник што ги изговорил веќе безброј пати истите мисли.
„Ако тие сакаат да ја продаваат таа приказна, ќе мора да почнат од почеток и да се прашаат, кој од тие луѓе, од војниците на Недељко, ги убил семејствата и им ги запалил куќите. Но, тие тоа не го сакаат, бидејќи тоа го руши сето она на што се изграденинивните лажни вистини. И затоа ним им треба Недељко, затоа ним им треба некој масовен убиец, со голем план за истребување на сиромашните и невините. Тоа ним им е потребно, а не целата приказна од почеток до крај. Ним им треба српски генерал, кој однекаде се појавува и без причина почнува да убива жени, деца и старци. Бидејќи само така може да опстои вистината за тоа дека во таа војна, војувале само Србите и дека единствено Србите убивале. И затоа тие си го измислиле оној нивен Хаг и затоа таму Србите, еден по друг се осудувани и затворени. Бидејќи на сите нив во интерес им е оваа едноставна приказна за злобните Срби. Никој од нив не сака да ги составува тие приказни, па така да добие вистинска слика за тоа што ни се случуваше. Бидејќи потоа ќе се знае, кој е кој и каков е. И што сѐ се правеше. И потоа дури би се поставиле некои прашања.“
Првпат откога влегов во неговиот стан, тој покажа знаци на живот. Очите му светнаа, како со оваа приказна одново да му се откри смислата на животот.
„Ниедна приказна во таа војна не се раскажува од почетокот. На пример, секогаш се зборува само за Сребреница. И никогаш не се спомнуваат српските села над Сребреница и тоа кој таму колел, силувал и палел.“
Данило во чашата што стоеше на масата пред него, сипа еден прст ракија и веднаш ја испи, онака бегум, како воопшто да не беше свесен што прави. Целиот беше во својата приказна, целиот стана поубедлив.
„Треба да знаеш што беше нивната цел од самиот почеток. Уште од Косово. Ним отсекогаш целта им беше да ја распаднат Југославија и да ја соберат за ситни пари. И тоа не им го дозволи Тито, а потоа не им го дозволи Милошевиќ, и токму кога не можеше со убаво, мораше со лошо. Тие не можеа Југославија цела да ја купат, бидејќи беше преголема и премногу силна, па затоа почнаа да ја кршат на парчиња. Бидејќи нема ништо полесно од тоа денес да ги купуваш оние ситнурии, да се купи она мало Косово, пред тоа Словенија, дури и Црна Гора, и Војводина, и Херцег-Босна. Раздели па владеј, тоа ти е нивниот план. А Србија, како најголема и бидејќи сама не сакаше да се продаде, најпрво ја прогласуваш за агресор, потоа раструбуваш дека е фашистичка држава, ја обвинуваш за воено злосторство, ѝ го киднапираш претседателот и потоа на крајот, кога сиромашката ќе се сруши, ја земаш за бадијала, ѝ носиш некој кобајагиза премиер, онаа кукла Ѓинѓиќ, и за сето тоа време се преправаш дека онаа иста Србија ти во суштина ја спасуваш пред неа самата. Сето тоа е дел од нивниот план, мој Владане. Сето тоа тие ни го продадоа. Тие, како што гледаш, нас нè спасуваат и од луѓето каков што е Недељко, a i ja i ti i bog i ljudi, сите ние знаеме дека поради таквите луѓе никој не треба да нѐ спасува и дека тој само се бореше за својата земја, како што вистинскиот војник треба да се бори. Но, сите секогаш можеа да се борат за својата земја, освен ние, Србите. Ние, кога се боревме за своето, бевме агресори, окупатори и злосторници.“
Гласот на Данило повторностана кревок и преку него повторно се појави неговиот непоправливо скршен дух. Неговата приказна го оживеа, а истовремено иго умори, и со својата неподвижна појава за момент беше во целосна неусогласеност со зборовите што беа сѐ погласни. Имено, на крајот веќе личеше на изнемоштен старец, кој со глас што трепери раскажуваше за згодите и незгодите на своите внуци. На неговото збрчкано лице незабележливо се појави некоја чудна смиреност, која беше невозможно да се поврзе со значењето на изреченото. Истовремено, ми се чинеше дека сите тие зборови на огорченост, на некој чуден начин и го утешуваат, и што повеќе зборуваше, изгледаше позадоволен. Така, во еден момент повеќе не бев убеден дали воопшто ќе престане.
„Дали Недељко воопшто некогаш ви се јавил?“
„Последен пат пред повеќе од една година. Секогаш се плашеше дека не прислушуваат. Го знаеш тоа, кога сам себе се слушаш како одекнуваш во слушалката? Секогаш така се слушаше кога тој се јавуваше и демектака се слуша ако те прислушуваат. И затоа, после тоа повеќе не се јави. Се јави само уште кога Сава умре. Се извини дека не може да дојде на погребот. Како јас да не знам дека тоа е така.“
„И не знаете каде е сега?“
„Јас се надевав дека тоа ти ќе ми го кажеш.“
„Зошто јас?“
„Па…“
„Што сакаш да кажеш?“
„Мислев дека тој заминал за Словенија.“
„Зошто?“
„Не знам. Така ми се чинеше. Веројатно нешто такво ми рече. Само… сега повеќе не се сеќавам што.“
„Сигурен сте?“
„Што знам. Ми рече дека ќе замине одовде. Тоа го знам. И тебе те спомнуваше, па мислев…“
„Како ме спомнуваше?“
„Ах, Владан, тоа беше толку одамна…“
„Ве молам.“
Се обиде да се сети, сакаше да се сети на зборовите на Недељко, но само разочарано одмавна со главата. Му беше жал за мене, кој го гледав полн со надеж, а уште повеќе се чинеше дека се сожалува себеси, немо го набљудува животот што го напушта и нечујно ги проколнува тешкотиите на староста, кои прерано го фатиле. Мојата надеж брзо спласна и наскоро сакав само уште да му помогнам на овој утепан старец, по моето заминување малку да си ја врати самодовербата.

lampshade-1662065_1280

„А како се Јована и Мишо?“
„Јована е во Америка.“
„Навистина?“
„Да.“
„И како ѝ е?“
„Па… веројатно добро.“
„А каде во Америка? Во кој град?“
„Кој да го знае тоа? Минатата година пак се пресели. Сиетл… или нешто слично.“
Данило се гаснеше. Она малку живост што во него се насобра, сега конечно пак исчезна и ниту спомнувањето на неговата ќерка, не разбуди ништо во него. Колку повеќе приказната беше негова, колку повеќе го допираше, толку повеќе делуваше оддалечен и безживотно ја раскажуваше.
„А што е со Мишо?“
„Во Белград е. Целиот е во оние свои книги.“
„И како му оди?“
„Мислиш дека знам? Него ништо не смеам да го прашам.“
Овој пат ниту неговата безизразност не успеа да го скрие разочарувањето. Сликата за неговиот животсе составуваше и исцртуваше лик на неговото исцрпено и прерано остарено лице. Неговиот стан, кој некогаш пукаше по шевовите од животнавозбуда, со годините стана гробишта за неисполнетите сништа, кои сега заедно со него скапуваа во кобната тишина на улицата Жарко Васиљевиќ. Неговото време неотповикливо стоеше и тој, заробен во стравот пред утрешниот ден, не успеваше да собере сила да го турне напред.
Помислив дека овој човек, кој цело време живееше на навидум безбедна периферија од поминатата војна, всушност никогаш не го дочекал нејзиниот крај, а спротивно од Јована, беше премногу стар за да ѝ побегне на другиот крај од светот. Веројатно беше невозможно да се утврдипоради што беше виновен. Не го познавав доволно за да знам дали сето тоа можеби со нешто си го заслужил, но бездруго, кога толку безволно дремеше на спротивната страна, делуваше како една од многуте невини жртви на бесконечната мисла.
„Остани уште малку.“
„Не можам, чичкоДанило. Морам во Љубљана. Долг е патот.“
Данило се насмевна и кимна. Беше само уште еден во низата од неговите порази.
„Само полека. Има полиција на улица.“
„Добро. Фала.“
Станав и тргнав накај вратата, а Данило остана да седи зад масата. Ми се чинеше дека во него нема ниту толку сила за да ме испрати со погледот. Веќе се фатив за кваката, кога уште еднаш се свртев кон него.
„А вие можеби ја знаете приказната за Милутин и Агнес?“
Стана, без да погледне кон мене. Додека ми се приближуваше за да ми одговори на моето прашање, се загледав во оној зелен телефон „искра“, кој сѐ уште стоеше на малечката масичка во претсобјето, до која стоеше Душа кога разговараше со Недељко. И одеднаш ја видов, како на патот накај кујната на момент застанува и се загледува во него, кој веќе со денови не ѕвонеше, и го видов тој нејзин огорчен поглед со кој го меркаше зелениот апарат што молчеше. И се сетив дека тогаш, додека ја гледав како стои во претсобјето, и мене веднаш ми стануваше јасно дека нема уште долго да чекаме да заѕвони.