11 ирски поети

ПАТ БОРАН е роден во Портлиш, а во моментов живее во Даблин. Работи како уредник, издавач и радио водител. Има објавено пет стихозбирки, вклучувајќи и Нови и Избрани. Тој има објавено многу свои дела на унгарски, италијански и македонски јазик. Објави и збирка куси раскази и неколку небелетристички кни¬ги, меѓу кои и мемоарите под наслов Невидлив затвор: Сцени од едно ирско детство.

Тело

Иако го бие лош глас, духот
ја сака телесната плот.

Тој ја сака неа,
телесната реа,

на слабините топлината,
и на усните милината

електрична. Темните религии
што ги забраниле долните регии

на „оној свет“, на пеколот,
можат да колнат

колку што сакаат, и да ги посочуваат
тие што не се посрамотуваат

од своите тела – децата, старците
и на Третиот свет жителите – „дивјаците“,

но најмногу сите жени скарани со моралот,
чие мачење некако станало дел од спорот

за светоста и гревот
и за сè што на душата ѝ обезбедува превоз.

Доста идоли и коски!
Доста блескави потири и камења олтарски!

Пак ќе кажам: духот плотта ја љуби
како раката во ракавицата што се губи.

И ако не ти се верува,
прашај го што сака повеќе татко ми кој умира:

конечно да престане сè што сакал и што го болело
или да замине, па пак да се врати како тело.

Препев: Василка Пемова 

PatBoranbw

ПАТРИК КОТЕР е роден во Корк, каде што сѐ уште живее. Има објавено две стихозбирки и една новела во стихови. Избор од неговата поезија во препев на Јулијана Величковска, „Никој не знае“ беше објавен на македонски јазик во 2014 година. Во 2013 година ја доби наградата за поезија Китс-Шели.

Mais Feliz

За покајување тој залепи шмиргла
на клавишите на пијаното, црвенa на слоновата коска
жолта на абоносот и го свиреше
тоа што беше нивната песна, бавна
бразилска балада слатка, меланхолична.
Започна притискајќи лесно (иако
клавишите веќе му ги пржеа прстите)
постепено забрзувајќи го темпото
додека не го заврши делото со некоја
јарост на Рахмањинов. Се грчеше
и офкаше, квичеше и викаше
со секоја нота, создавајќи ги сите звуци
за кои таа се пожали дека никогаш не ги испуштил
со неа меѓу чаршафите.

Стави рачно изработената картичка
на која пишуваше жалам и дигитална снимка
од своето каење во еден голем плик
запечатен со црвени отпечатоци без папиларни линии.

Препев: Јулијана Величковска

Patrick

АЛВА НИ ГИАРВУИ е родена во Кери. Читаше на фестивали во Њујорк, Париз, Монтреал, Берлин и Балиферајтер. Во 2012 година за песната „Deireadh na Feide“ ја освои поетската награда О`Нил. „Filleadh ar на gCathair“ беше избрана за песна на ирското претседателство на ЕУ во 2013 година, а во 2015 година беше во најтесен избор за „Песна за Ирска“ на ирската национална телевизија. Првата стихозбирка, Péacadh, ја објави во 2008 година. Tost Agus Allagar (2016) е насловот на нејзината најнова книга.

Buntús Cainte

за луѓето што не можат да ја разберат поезијата на ирски јазик

Прости ми
но ти си третото суштество
што ми пријде вечерва
барајќи прошка.

Прости ми
што те шекнувам
тебе и твоето чувство
за национален идентитет
секогаш кога ќе ја отворам устата

прости
за потрошените пари
на бескорисни преводи
Tá brón orm што не го разбираш
мојот ирски.

Прости ми за
омразата
што ја чувствуваш
кон твојот брутален учител,
за годините страдање
од овој проклет јазик.

Но, не е ли прекрасно да се чуе ирски
– какви убави звуци –
– какви раскошни звуци –
– какви звуци, бесмислени свилено смешни слогови.
Англиски, ти ме оглувуваш.

Препев: Јулијана Величковска

Ailbhe

БИЛИ РАМЗЕЛ е роден во Корк во 1977 година. Неговите песни објавени во списанија и дневни весници привлекоа внимание и беше во потесниот избор за наградата Хенеси во 2005 годи¬на. Од страна на Дедалус Прес во 2007 година беше објавена неговата дебитантска стихозбирка Комплицирани задоволства. Неговите поезија е на границата помеѓу личното и политичкото, притоа комбинирајќи фини лирски медитации за љубовта, умет¬носта и сеќавањата проткаени со темни ноти предизвикани од притисоците и неизвесностите на овој мошне урбан, глобали¬зиран свет. Сонот на архитектот за зимата е негова најнова стихозбирка во издание на Дедалус Прес, 2014 година.

Код

Оваа пеперутка е сошиена од информации,
таа светлата што летка околу твојата рака.
Твојата кожа што носи зелен, зелен фустан
додека мрзеливо ja навалуваш кофичката за наводнување

над грубата папрат, а и дигиталисот
е направен е од информации.
Пеперутката го растреперува дигиталниот јазик
кој во неа го вткал својот двоен син мотив.

Запомни, љубовницо, создадена си од податоци
и пак во бајти ќе се претвориш.
Ќе влеземе во град изграден од вода кога ќе умреме,
во компјутеризиран терен што тече:

неговите кули од капки, тераси наредени како облаци,
неговите времени поројни булевари
обликувани од бројните души што се судираат, се спаруваат, се разделуваат,
кога сланата од секое тело ќе се стопи,

неговите окрузи произведени од разгранувањето на струјата
што тече и те прави тоа што си.
Ќе станеш како дожд, како летна вода истурена
и која се истура по летниот воздух.

Препев: Јулијана Величковска

Ramsell cropped

ЏЕРИ МАРФИ е роден и живее во Корк, Објавил седум стихозбирки вклучувајќи ја и Крај на првиот дел: Нови и избрани песни. Најчесто објавува во Дедалус Прес. Негова книга со избрани песни наскоро ќе биде објавена на француски јазик.

Љубовна песна

Секој друг пат, освен сега
дувачки оркестар би бил
соодветен –
добредојден, дури.
Се обидувам да се сетам
каде првпат
те запознав и зошто
те навредив и како
сега дојдов до тоа
толку многу да ти се восхитувам –
да те љубам, дури.
Мислам дека ќе ја свират
Пак ќе бидеме нација.
Срање во секој случај! –
да го ебам, дури.

Препев: Јулијана Величковска

gerry

ДИРАН НИ ГРИОФА е родена во Ирска и во моментов живее во Корк. Таа има објавено две стихозбирки на ирски и англиски јазик, најскорешна е збирката Затворач (Де¬далус Прес, 2015). Таа е добитник на наградите Ирски претседа¬тел на поезијата и наградата Вигтаун за галска поезија.

Електрокардиограм

Тука, машината слуша тела.
Во срцевите отчукувања, ги слуша
пораките
на залистоците и крвните садови,
ги дешифрира
нивните шифри,
декодира зборови и ги поврзува
со извиени кабли
до местото каде што иглата ја гребе хартијата
со испрекината чкртаница.
Една ролна се отвора
додека срцето ги гребе
своите извештаи на очајот
— мускул преведен во мастило,
телеграма
однатре.

Препев: Јулијана Величковска

doireann


ВИЛИЈАМ ВОЛ
е ирски романсиер и поет, автор на четири ро¬мани, три стихозбирки и две книги куса проза. Неговата најнова книга е Слушање гласови / гледања нешта (Доире Прес, 2016). Неговите дела се преведени на многу јазици, а тој преведува од италијански. Неговата следна книга ќе биде четврта збирка поезија, а ќе биде издание на Салмон Поетри во 2017 година. Тој живее помеѓу Корк, Ирска и Џенова, Италија.
„Неговите песни… се читаат, на моменти, речиси како подоц—нежните песни на Бекет, споредувајќи ја пред сѐ фраг—ментарноста.“ (Саутворд)
„Песните бараат точки на неизвесност, непостојани и минливи изрази за тоа што значи да се биде човек… Вилијам Вол има маестрален капацитет да ја отслика двосмисленоста. Впечатли¬виот недостиг од интерпункција во делото и скриените мотиви на праговите сликовито ги доловуваат минливоста и сомнежот како суштина на изнемоштеното човештво.“ (Ајриш тајмс)

Кој оди во Мисрата?

песокта зборува, но сонцето молчи
од каде доаѓаме
не затворај си ја вратата
се движиме по земјата
сенката на маслинките се движи со дрвото
кој оди во Мисрата?
кој во Измир?

во нашата земја јадеме од истиот сад
дајте ни работа и ќе ве нахраниме
кој вели дека сакаме пари од вас
нема доволно за сите
нашите деца се гладни иако се насмевнуваат
кој оди во Мисрата?
кој во Измир?

кога зачекорив на брегот
знаев каде сум
ја бакнав песокта
и еден странец ми даде вода
го благословив човекот
кој оди во Мисрата?
кој во Измир?

доволно солзи на светов
сто браќа и сестри умреле
смртта е нашата заедничка иднина
која ја запира живата песок
која го запира морето
кој оди во Мисрата?
кој во Измир?

ова море е гробницата на Европа
ја донесов ќерка ми овде
оти не можам да се соочам со нејзиниот очај
изгубивме сè
но можам да ти го кажам моето име
кој оди во Мисрата
кој во Измир

Препев: Јулијана Величковска

index

ПОЛА МИАН е роденa во Даблин, каде што сѐ уште живее. До¬битник е на многу награди и признанија, вклучувајќи ја и награ¬дата за литература Мартен Тундер, книжевната награда Батлер за поезија и наградата во спомен на Денис Девлин. Таа има обја¬вено шест стихозбирки, последните преку Карканет и Дедалус Прес. Веќе три години работи како ирски професор по поезија (ирски еквивалент на поет лауреат).

Хана, баба

Најстудениот ноемвриски ден, засега,
нејзиниот глас близу до моето уво –

не кажувај им ништо на поповите.

Имав дванаесет? Тринаесет?

Валкани мисли имаат.

Чувај си ги гревовите за себе.

Не прави им задоволство.

Стари дртала.

Најблизу беше до птиците и пчелите,
на колена пред Богородица
нашата Дева за Животните Факти

до исповедалницата –
дабовата врата се затвора како капак од ковчег

фино изделкана,
полирана и обложена со кожа.

Во убаво направената кутија на песнава
нејзиниот глас умира.

Таа ги затвора очите

и ги доближува веѓите до споените дланки.
Силно се моли:

жена кон жена.

Препев: Василка Пемова

Paula Meehan - Howth

ТЕО ДОРГАН е роден во Корк, но живее и работи во Даблин во поголемиот дел од својот живот. Тој има објавено четири стихо—збирки, најскорешна е Девет јасни светки (Дедалус Прес, 2014). Објави и проза и поморски мемоари, уреди многу антологии и преведе стихозбирки од сириската поетеса Марам ал-Масри и од словенечката поетеса Барбара Корун на англиски јазик.

Платоновиот мит

Во Платоновиот мит седиме во огромна пештера
бројни и брборливи, таму, во темнината.
Од другата страна на пештерскиот отвор во погребна поворка
минуваат мажи и жени, носејќи статуи. Пес лае
во далечината, цикадите цврчат, светлината е силна, ама фина,
додека сликите една по друга ни се врежуваат во умот.

Митот, muthos, здивот на стварното –
светот, замислен идеално, дише и потоа пее.
Светлината е другаде, светлината е надвор,
се чини оти светот е сеќавање на нештата.

Ова е автократски сон за редот,
поетите се избркани, владеат најдобрите.
Умот ми умува, се мачи за да праша:
Кои статуи? Од кого се направени и обликувани?
По кој ред ги носат? Кој ја известил групата да ги носи? И,
која е приказната што треба да ја сфатиме?

Ова повеќе го сакам: се размрдуваме во темнинава,
стануваме и се провртуваме, почнува разговор.
Некоја ќе отиде до пештерскиот отвор,
ќе се протегне и ќе зачекори во првата светлина.

Препев: Василка Пемова

DORGAN

МАКДАРА ВУДС е роден во Даблин во 1942 година. Тој има обја¬вено повеќе од десетина книги поезија, вклучувајќи и Собрани песни (Дедалус Прес, 2012). Тој бил еден од уредниците на Сајперс, најстарото ирско списание за литература, кое опстојува уште од самото основање во 1975 година. Неговите дела се преведувани многу, вклучувајќи и цели две книги на италијански јазик.

Рецептот на Худини

Олабавувањето на синџирите е лесно
дури и во темнина
ама тука е и платнената вреќа
замандалената метална кутија
заклучена однадвор
и додека се занимаваш со кутијата
и воздухот се тенчи
ти преостануваат и длабоката вода
и површинскиот мраз
а кога оттаму ќе се ослободиш
ќе видиш дека веќе со недели врне

Во тој миг вештите
дишат длабоко и до крај
на податливата морска површина
и излегуваат од брановите
одат преку закривената плажа
за да стасаат дома –
оган да запалат во измазнетата
пепел пред огништето
во поцинкуваната кофа

Препев: Василка Пемова

macdara

ЛИЕН О’САЛИВАН е родена во 1983 година, а доаѓа од полуос¬тровот Беара во Западен Корк. Има објавено три стихозбирки преку Блодакс букс. Ги има освоено поетските награди Секат и Даворен Хана, меѓу другите. Таа предава во одделот за креатив¬но пишување на Универзитетскиот колеџ во Корк.

Занес

Сонував дека кога свртев од брдото
видов грмушка жолтевка што се тресе на врвот.
А грмушката беше смирение во движење,
кога лазев под неа ги најдов твоите раце,
заедно трепреа, злато во прав со паднати цветни ливчиња.

Ги собрав во рацете и ги бакнував,
со бакнежи го избришав цветот од кал на твоите дланки,
ги бакнував, дивјачки ги бакнував раните од иглички,
браздичките од зглобните пупки, нивната златна светлина
се ширеше како миризба во самракот во кој прска секавица.

Кога се вратив на брегот ги најдов твоите гради,
посипани со чакал и истриени со злато.
Ги најдов заедно, твоите раце, стапала, ребра, твоето лице
светеше како скапоцено срце меѓу школките,
а дарот од твоите усни како ткаенина ми се залепи за лицето.

Кога те составив беше мирен
и јас легнав со тебе, нежната глина на моето тело
ја истапкав во твоите процепи, небаре нема да се раздвоиме.
Не се движев. Како лупар до тебе, Љубов моја,
дури приливот не се смени во одлив и светот не ме одлепи од тебе.

Препев: Василка Пемова

Leanne O'Sullivan cropped

Leave a Reply

Your email address will not be published.