Потег

Младите шахисти го привлекуваат и вниманието на жените

Пред неколку потези младиот противник му понуди реми, но мајсторот одмавна со глава. Тој не ја прими понудата не дека гледаше во изедначената позиција некакво скрито предимство за себе, ами просто затоа што само со половина поен ништо не постигаше: оваа партија му е последна во полуфиналниот турнир, и само ако ја добие, само ако реализира вечерва цел поен, тој можеше да влезе во финалето за државно првенство. Му требаше уште еден мал чекор па да ја искачи последната скала.
А колку само му беше важна и потребна оваа победа! Еве трета година се обидува напразно тој да го пречекори прагот на финалето. Во конкуренцијата скоро и не среќава никого од оние со кои ја почнуваше својата шаховска кариера. Некои стекнаа светска слава, а некои се повлекоа или се занимаваат со коментирање на туѓи партии по шаховските рубрики (тоа се шаховски критичари). Да, еве го еден и на овој турнир, но само како судија. Оние со кои сега се среќава се сите млади луѓе, некои скоро дечишта, гимназисти, безгрижни и наметливи, иронични спрема него дека не може да ја совлада слабоста да се прави важен, а тие го надминуваат и го оставаат назад во шаховската трка, претставници на една нова генерација.
На никого не би му кажал тој дека на моменти го фаќаше вистински ужас од заостанувањето. Тоа беше заправо кај него старо, испитано чувство, тој ужас, но сега се будеше по нов повод. Како студент зеде учество во една голема демонстрација против режимот. Кога ги збрка полицијата, тој се најде меѓу првите редови во бегањето, но беше слабичок и истоштен, и се` повеќе заостануваше, не ги разликуваше лицата, гледаше само како безброј нозе го заминуваат, го сечат некако грубо неговиот чекор, и тој останува се` поназад и поназад. Брзината на тие нозе што го протрчуваат се пренесува во него како морничава гроза, се буди тоа чувство на ужас дека уште малку ќе биде изоставен од масата, сам и најзабележлив во ова бегање.
На никого, рековме, не би му ја поверил длабочината на своето страдање дека изостануваше. Што знаеја другите беше јасно само по себе – дека тој се стреми кон извесна рехабилитација, што е сосем природно и разбирливо. Последните два пати не му успеа, остана некаде при дното на табелата, во долниот дом, како што се вели на смеа. Шаховските известувачи, во куси реченици, констатираа дека тој не може да ја постигне својата форма, почнува доста добро, но брзо се заморува, расипува и добиени позиции и нема сили да го издржи финишот. Во тие белешки беше се` верно и тој не можеше на никого да му замерува. Го болеше нешто друго: оние потсмешливи погледи на младите, што ги чувствува и зад својот грб, дури тој бескрајно долго мисли како да излезе од некоја ситуација од која не постои излез. Уште повеќе го болат оние општи расправања во шаховскиот печат, во кои не се споменува ниедно име, но се зборува на пример за тоа дека титулата на шаховски мајстор не треба да се дава доживотно, ами мора во одредено временско растојание да се потврдува, зависно од реалните успеси во турнирски среќавања, зашто – се забележува – има и такви мајстори за кои добивањето на таа титула го означува и крајот на нивниот развиток. Мајсторската титула не е исто што и грофовска титула.
Тој сознаваше во колку голема мера се однесува сето тоа на него. Мислено секогаш гледаше, како илустрација на разлагањата од горниот вид, една заграда во која фигурира и неговото име, покрај имињата на уште неколку негови несреќни собраќа. Можеби тие студено го примаат ударот, одмавнуваат со рака, се` им е едно, но тој не може да се помири, тој страда, зашто шахот не беше за него работа меѓу другите, преоден занос на младоста, ами позив на којшто свесно се управија сите негови не мали амбиции. Шахот беше сонот на неговиот животен успех.
Како студент тој ја освои мајсторската титула, но поради одлагање од ден до ден, не ги положи сите испити на правото, иако инаку имаше стекната навика да биде секогаш добар ученик. Едно друго поприште му се гледаше тогаш попримамливо во неговиот живот. Мало беше на прв поглед тоа поприште, штуро за непосветените, – шеесет и четири црно-бели полиња на една плоча што можеш да ја носиш под мишка. Но отвораше тоа пат во еден свет на чудесни доживувања, што како и вистинскиот свет бара да ја потврдува човек едностојно својата сила, но го бара тоа не грубо и делнично, туку во занесна и благородна устременост на духот. Не го тревожеше мајсторот што се победите во тој свет чиста илузија, зашто тој знаеше дека, ако се размисли добро, до тоа се сведуваат и многу работи што се чинат важни во животот и на кои им се посветуваат со сиот напор сериозни луѓе. Тој го пригрна разбирањето, се` уште недоволно образложено а уште помалку општо признато, дека шахот е уметност, и дека да му служиш, значи да ги доживуваш сите оние наслади, но и падови, што ги носи со себе службата на возбудениот дух.
Но треба да се подвлече дека и овде со нуждата за чисто духовно изживување во одреден вид, се поврзуваат и поинакви мотиви, многу пореални – сонот за земна слава што обезбедува убав, весел и разноличен живот. Природно е дека и во случајот со нашиов мајстор тие мотиви играа важна улога. Сиромашен студент, свикнат со секојдневно мизерување, тој почна да ги среќава благата на животот баш преку шахот. Турнирите се одржуваат обично по летувалишта и бањи, по убави места што изненадуваат со својата свежест и пријатност, како и со една концентрирана животна обилност, на која и младиот шаховски избраник почнува некако внатрешно да полага право, иако допирот со него му го обезбедуваат туѓи средства. Во турнирската сала, пред очите на тиха публика, тој ги смислува, како сосем отсутен од стварноста, своите потези или пак прошетува со одмерен чекор меѓу шаховските столчиња, погледнувајќи ги позициите на другите табли, а изразот му е задлабочен, продуховен, и некако само од себе му се налага да ја чувствува својата важност и како случајно да погледне во публиката сакајќи да види дали се одразува на неа сугестивно тоа негово чувство.
По летувалиштата, а особено по бањите, младите шахисти го привлекуваат и вниманието на жените, секогаш готови да ја насрчат талентираната младост. И нашиов мајстор може да си припомни од тоа време неколку срдечни истории, од кои последната заврши со неговата женидба. Убаво беше тоа време! Малото шаховско поприште му откриваше широк пат во животот, го одведе еднаш и во странство, и веќе опипливи му се чинеа мечтаењата за светски турнири и турнеи, за гостување кај шаховски снобови – бразилијански владетели на плантажи или баснословно богати махараџи, во дворците на кои убави жени, покриени само со тенок превез, ги извиваат своите тела во танци при ноќен водоскок, а оние црни очи им горат, им светкаат.
Но како се подигра животот со тие негови соништа! Подјарувајќи ги до краен предел, тој му откажа во силите да ги достигне, да им се приближи барем. На четириесет години, свиен над овие молчаливи фигури во еден провинциски град, тој сознава дека вистинската сила на неговата фантазија била во создавањето убави мечти за животот што го чека, а не во творечко разрешување на проблемите што ги поставува безгласната плоча со шеесет и четири полиња. Едно несоодветство се јавило заради тоа, јаз во душата, и тој мора сега да страда. Се прости од сништата на младоста, но не може уште да се помири со едно: дека го градел својот живот на погрешна основа и дека она, во кое ја насетувал својата исклучителна талентираност, се исцрпило со најпросечен дострел што дури и не се повторува.

chess-140340_960_720

Тој дојде на овој турнир со цврста намера да го реши за себе двоумењето, надевајќи се потајно дека сепак не е се` уште загубено, дека се` може да се поправи, и дека неговата слабост е само преодна слабост. Затоа се фрли со сета енергија во играта. За другите тоа беше борба за рехабилитација, за него – нешто подлабоко, рамносметка со себе, преценка на својот животен пат. И еве го сега над оваа позиција од која му зависи дали ќе го забележи посакуваниот успех или ќе биде пак изоставен, сега пред самиот праг, како човек што долго чекал во редот пред театарската каса, а билетите се свршуваат токму кога тој му пристапува веќе на шалтерот. Дали ќе успее уште еднаш да ги премери силите со оние што почнуваа некогаш заедно со него, но беа поталентирани ли, поиздржливи ли, посреќни, и го оставија далеку зад себе?
Мајсторот долго ја гледа позицијата и една увереност се` повеќе го проникнува – дека заправо неговиот млад противник побрзал кога му понудил пред неколку потези реми. Неговата нестрпливост лесно се објаснува: во последниот ред од салата го чека девојче, црвено облечено, до кое одвреме-навреме тој оди и и` шепнува нешто. Сигурно ја успокојува дека мора уште да го чека, а во себе се плаши да не му пропадне една убава вечер, и ќе беше најзадоволен да се договореа веднаш на нерешено. Мајсторот, заинтересиран и психолошки да го следи партнерот, го забележа веднаш ова и во првиот момент, токму кога ја одби понудата, му се стори дека во таа нестрпливост на противникот се јавува извесен изглед за неговата победа. Но сега, откако се изиграа неколку потези, тој гледа дека погрешно ценел – позицијата не му е никако наклонета, големо прашање е дали ќе може и да ремизира. Веќе го опфаќа тиха резигнација пред немилосрдната вистина.
При сосема редуциран материјал, во завршница на дами, неговиот коњ (тој игра со црни фигури) е врзан и сведен до бедната улога на пион зад кој се затскрива кралот, опасно загрозен на ха-7, додека белиот лауфер може широко да се рашетува. Противникот има простор, а тој е стиснат и скоро наполно блокиран. Што да игра? Изборот е никаков, останува како обичен изнуден потег да го помрдне за едно поле пионот пред кралот, но тоа е празно исполнување на времето и ништо не ослободува. Мајсторот, веќе покорен на судбината, ја испружува раката да го направи тој потег, но токму во моментот кога треба да ја фати фигурата, погледот му се слизнува на другата половина од таблата и тој нагло си ја прибира раката.
Нешто го изненадува. Зарем може навистина во една ваква ситуација да се таи шанса што само вешто проблемско конструирање би ја создало? Или го лажат очите? Се работи за жртва на еден, можеби и на два пиона, од четирите што ги има црниот. Тогаш противничкиот лауфер останува на средината на таблата без да биде штитен од својот пешак. Поентата на оваа комбинација мора да се бара понатаму во потегот со црната кралица, која треба да се води така што да почне да го шахира противничкиот крал и да го освои лауферот.
Мајсторот се налактува со двете раце на шаховското столче и погледот почнува да му шари над фигурите како авион во низок лет над зградите. Но, боже мој, колку безбројни варијанти се откриваат веќе од првиот потег со пешачка жртва! Како да се проследат тие сите, како да се подредат, да се изврши вистинскиот избор, за да не испадне просто смешен тој негов генијален потег, една обична очајничка непромисленост. А и времето што го има на располагање е толку кратко! Се задлабочува во анализа на варијантите. Стои пред решителниот потег во својата шаховска кариера.
Дури тој мисли, еден од демонстраторите му носи писмо во обичен син плик. Мајсторот погледнува само со едно око – од Марија, си помислува – и го остава да лежи на работ на масичето. Тој се сили да постигне најполна концентрација, да го искористи до најголем степен веќе скоро исцрпеното време. Анализата на првите неколку варијанти покажува дека белиот може да најде добар одговор и да ги парира лесно сите негови заплашувања. Тоа го возбудува, мислите за момент му се мешаат. Но тој се созема, чека да му мине згорештеноста и таблата пак спокојно испливува пред неговите очи.
Рано е да се откаже, има уште толку начини за разрешување на оваа позиција, а нешто му шепнува дека меѓу тие многубројни начини се крие само еден што води до победата, и тој може, и тој мора да го најде. Несреќата е само дека не излегува веднаш на правиот пат, како да го издава старата интуиција, а правиот потег намерно се крие од него, како што се крие палаво дете зад грбот на други деца на одморот во школскиот двор. Тој го предизвикува: „Најди ме, најди ме!“ – и мајсторот прави нов напор, се подналактува уште пониско на столчето, ги збира уште повеќе веѓите, и бара, и бара.
Но едновремено тој чувствува дека нешто стинее во него, полипот на безволие ги протега своите студени пипки по неговата снага. Нели беше само фатаморгана, што му се јавува на очајникот во пустина, тоа насетување на спасителниот потег? – помислува тој. Каде е, ако го има? Невозможно е да не го гледа уште! Одеднаш, се фаќа во најобична самоизмама: па тој ги повторува заправо некои од веќе проследените варијанти, мислејќи оти се движи напред тогаш кога се врти само во круг. „Не биди смешен – му вели некој внатрешен глас – нема никаква шанса, а бараниот потег е измамен потег, една обична бесмислица, глупост една, недостојна за тебе.“
Мајсторот се подисправа и погледнува. Неговиот партнер се смешка најделикатно. Публиката е незаинтересирана од оваа партија, таа ја следи играта на другите табли. Само едно старче седнало спрема нив во првиот ред, да не се знае дали посматра или дреме.
Тогаш мајсторот полека ја испружува раката и го прави изнудениот потег со пионот за едно поле пред кралот, зашто тој е решителниот потег во неговата шаховска кариера. Прстите неусетно му треперат, но тој е смирен. Се потпира со грбот преку потпирачот на столицата, замижува малку и си мисли: „Веројатно не се лажев, треба да имаше таков потег, но јас не можев да го најдам. Уморен сум. Ќе покажат анализите.“ Одеднаш му станува јасно дека му е сеедно што ќе покажат анализите, дека му е сеедно што и како пропуштил, дека му е сеедно што и овој, последен пат, нема да пречекори во финалето. Сеедно му е . Настапува часот на примиреност.
Се сетува на писмото, го отвора и чита. Жена му пишува за сосем обични работи, дека се здрави, дека е времето врнежливо. Ништо не зборува за пари. Сигурно го зела детскиот додаток (имаат две деца) и ќе и стигне до крајот на месецот. Тоа е добро.
Белиот го прави својот потег.

chess-1226126_960_720

– Шах, вели мајсторот и ја носи на другата страна својата дама.
Добро е што жена му не му посакува успех во играта, сега тоа би звучело иронично. Таа и не разбира ништо од шахот, досадно и` е кога тој дома по цели часови кисне над таблата, без да зборне со неа ниту збор. А има право да бара да зборува со неа за работи што ја интересираат, да бара да ја изведува надвор барем во сабота, на прошетка или во кино.
Белиот не чека сега многу.
– Шах, вели мајсторот.
Ах, на другата страна му пишува ќерка му. Таа е веќе големка, има четиринаесет години, и мисли на дотерување. Го потсетува да не ја забоорави блузата со народен вез што и` ја вети. Мајсторот се смешка. Не, нема да заборави. Тој штедеше од дневниците, а ќе добие и утешна награда, и ќе располага со доволно пари да и` купи убав подарок нејзе и на синот. Мислата нагло му свртува на друго: можеби, ако не ги делеше тие пари, ако ги дадеше за засилување на храната, ќе успееше да го направи оној потребен напор за освојување на последниот поен. Но тој веднаш со мрштење, како да се гнаси, ја отфрла таа мисла, чудејќи се колку е понекогаш човек себичен и што ли не помислува дури и за своите најблиски и најмили!
Белиот му избрал место на својот крал.
– Шах, вели мајсторот.
Но тоа е последниот шах што може да го даде. Белиот крал си наоѓа веќе сигурно засолниште. Мајсторот мисли уште малку, а потоа тихо вели: „Предавам.“ Ги потпишуваат заемно ливчињата. На демонстрационата табла натписот „Црниот предава“ го обесуваат токму на вратот на неговата кралица.
Мајсторот не почнува анализа на партијата, како што прават обично оние што загубиле, докажувајќи му на победникот како и од каде можела партијата да земе поинаков тек, во нивна полза, но правејќи го тоа повеќе за да ги смират нервите и да не изгледаат многу потресени. Тој станува веднаш и погледнува во салата. Сепак во неговите очи има еден влажникав отсјај што уште не успеала да го избрише примиреноста. Но никој не го забележува тоа: публиката овде ги гледа фигурите, а не луѓето.

Напишано од
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *