Жените на Лазар

Во 1985 година Лидочка наполни пет години и нејзиниот живот отиде во неповрат. Тие веќе не се сретнаа, Лидочка и нејзиниот живот, и токму затоа обајцата силно, до болка, ги запаметија сите мазни, соленикави, влажни подробности на своето последно среќно лето.
Црно Море (црно е затоа што никогаш не си ги мие рацете, така?), пансион што наликува на растурени кутии од кибрит, плажа опсипана со меки картонски чашки од овошнојагоден сладолед (тато велеше, овошнозгоден сладолед) и со огромни вжарени тела. Утринско минување до омиленото местенце, учтиво газење на нозете за да не се закачи со петицата или со крпата нечие туѓо бујно тело на одморец. Лидочка бргу си го губеше трпението и доволно ѝ беше мама барем за секунда да си го сврти вниманието кон сосетката од масата на одморалишната менза или кон патувачкиот трговец со забранет шеќерен памук за да избега од строгиот визуелен поводник и, без внимание, тропајќи со тркалезните дебели петици, со остра викотница да се впушти кон морето.
Одморците, вознемирени како моржови, се поткренуваа, го истресуваа од влажните отвори и од синтетичките набори утринскиот песок крупен како жито, се насмевнуваа како одговор на родителските извинувања и лелекања – нека го, нека се радува детето! Види ја како скока, пеперутка! Ме сфаќате, таа првпат е на море… А вие, од каде сте? Од Енск. О, далеку сте стигнале! Ние сме од Криви Рог, добивме дозволи за годишен одмор од фабриката, нели, Мања? Мања радосно кимаше со добрата уста, штедро наполнета со златна руда, и си ги збираше работите на купче за на тато поудобно да му ја постеле крпата. Одморате во Сончево? Да, да. Мајката бргу се ослободуваше од лесниот фустан, потпукнувајќи со искрите и со шевовите на синтетичката свила. Ние сме во Црвено Знаме. Мило ми е.
Долгогодишното пријателство, готово да пламне, со честитки за календарските празници и со заемни посети низ целата земја, го попречуваа врелината и Лидочка, златна, бучна, мазна, која блескаше во ситниот народен прилив. Мајката не можеше да го тргне погледот од неа ниту за испотената лубеница што слатко крцна под крвожедниот нож на мирниот пролетер од Криви Рог, ниту за вечните карти на плажата (ве молам, кои ни беа адутите? Не, каро беше минатиот пат!), ниту за бесконечните сплеткани монолози од примамливиот непознат живот. Тогаш Петрович, брат ми, рече – ајде, Лариска, земи го детето и сели се кај мене, има доста место, а тој навистина само што доби соба од управата – дванаесет метри, сакаш жени се, сакаш на мотоцикл вози се! Романтичната линија на судбината на непознатиот Петрович се закануваше да се претвори во линија на потполна човечка среќа, но мајката само расеано се насмевнуваше.
Некој нареден пат таа со задоволство би ја испробала на себе туѓата невозможна судбина – само за да се убеди колку вешто и внимателно е искроена нејзината сопствена. Но беше доволно историјата да создаде наредно свивање на судбината, полно со комунална сиромаштија и со деца добиени низ грев (од некои причини, оскудниот советски бит секогаш провоцираше невидени, вистински бајронски страсти), кога Лидочка, смеејќи се на цел глас, отскокнуваше од бранот што ја скокоткаше и нишката на историјата безнадежно се губеше. Хоризонтот, кој се привидуваше, кој трепереше од нараснатата жега, ги заслепуваше очите и мајката исплашено мижуркаше, не наоѓајќи го меѓу излупените плеќи, титанските задници и победоносните крици познатото капче на ќерка си. Фала Богу, ете ја. Лидочка ѝ мавташе со раката како одговор и, не симнувајќи со црвено-синиот круг за спасување, клекнуваше за да лепи од песокта, апетитна како лепче, куќичка со мали кулички, истиснати од малото врело тупаниче.

matryoshka-908937_960_720

Капчето од бели нишки фрлаше жива продупчена сенка на исончаните образи на Лидочка, но сенката од клепките беше уште попроѕирна и подолга – ох, колку ви е убавка ќеркичката, пу-пу, да не ја урочам. Мајката со благодарност ја примаше пофалбата, со двете раце како лебот, но потајно, со победничка зовриена убеденост, чувствуваше или дури и сигурно знаеше дека Лидочка не е убавка, туку единствена. Неповторлива. Најпрекрасното дете на светот – со најпрекрасната, беспрекорно среќна судбина. Мајката со тивко чудење си ја гледаше првин ќерката, а потоа својот стомак – млад, цврст, сосема ненагрден од раното раѓање, и самата не можеше да верува дека Лидочка, со тркалезни очиња како на кутре, со свилени врели лопатки, со лесни кадри на исончаниот буцкаст врат, некогаш сета беше сместена таму, внатре, а уште порано воопшто не постоеше. Тогаш мајчините мисли, стигнувајќи ја границата на дофатливото, започнуваа опасно да се лизгаат, како камион што виси над бездна – здодевна бучава на моторот во агонија, двете тркала залудно го мотаат густиот воздух на ќелавите гуми, другите две со грсти фрлаат ситен чакал што како да експлодира. Уште само секунда до падот, секунда, секунда, пред очите скока проѕирно пластично ѓаволче од шофершајбната, Вовка го направи од капалка, ми должи три рубли мајмунот, сега сигурно нема да ми ги врати, значи вака се умира, ова веќе никогаш никому нема да можам да го раскажам… Но зошто небитието пред раѓањето ме плаши повеќе од посмртната празнина? Зошто умирањето не е толку страшно, гос-по-ди-спаси-и-помилуј?
– Нешто си ми бледа, Нина – вознемирено велеше таткото и ја бакнуваше мајката во плеќите. На усните и на јазикот кожата ѝ беше врела и сува, како да е лесно наштиркана. – Да не се прегреа?
Мајката виновно се насмевнуваше. Мората ѝ поминуваше и душата, ситно крстејќи се, излегуваше на основниот пат, испотена од ужас, спасена, изнемоштена, но со самиот свој крај тагувајќи што не спозна што има таму – зад последната секунда, по која следуваат само стрмоглавиот лет во трка со бесшумните парчиња железо и пукотницата на раскинатите мускули и… и… и… Мајката збунето се обидуваше да си го замисли она што никако не може да се замисли, се триеше со челото на спасоносната рака на својот маж – цврста, со крупни дамки и со познати црвеникави влакна. Да, нешто ми е топло, миличок. Ми се врти во главата.
Лидочка, сè уште ѕверче на свои пет години, кога ќе го почувствуваше чудниот отадестран провев, веднаш трчаше кај мајка си – врела, итра, во неверојатни странски гаќички за цела седмица. Секој ден со нова боја, секој ден со нова смешна апликација. Розови гаќички со јаготка, понеделник. Светлосини со намуртен зајко, вторник. Жолти со штрбнат сончоглед, среда. Мамо, што ти е? Мајката со нежните усни ги допираше клепките на ќерката – едното окце, другото окце – сè е в ред, Карамелке, гледај да не изгориш. Нема, смирената Лидочка се оттргнуваше од нежните раце што ја галеа, трчаше назад кон морето, нови познајници од плажата пријателски ѝ се насмевнуваа. Лида, Лидочка, Шеќерче, Карамелка – мали семејни прекари, тивок говор на родителска страст. Веќе никој никогаш толку силно. Никој никогаш.
– Немој да бегаш, партизанке – таткото ја зграпчи Лидочка со рацете, вешто ја преврте, така што Лидочка зајде од смеа: небото и морето си ги заменија местата, секој миг бродовите од хоризонтот ќе се истурат во облаците, рипчињата што касаат, морските коњчиња, сè пловеше, се топеше, на невидливи нишки висеа закачените прегласни галеби, самата Лидочка лебдеше помеѓу небото и морето.
Тоа беше среќата, блиските врели раце никогаш нема да те пуштат да паднеш, дури и целиот свет да се преврти. Таа подоцна го сфати тоа. Многу подоцна.
– Поседи малку со тетка Мања и со чичко Коља – рече таткото спуштајќи ја Лидочка на песокта и морето повторно се врати долу, а небото горе. Како и обично. – Ќе поседиш?
– Одете, одете слободно – со низок глас започна тетка Мања – двајца свои кренав на нозе, па и трета внука набргу ќе дојде, нема да си го тргнам погледот од вашата убавица. Капете се на раат.
– Нема да се задржиме долго – виновно вети мајката и се стегна до Лидочка со мекиот огнен образ. – Слушај ја тетка Мања. Јас тебе те сакам, многу те сакам.
Лидочка невнимателно кимна, тетка Мања со изглед на заговорник нешто енергично раскопуваше во чантата и беше јасно дека ќе извлече нешто мошне интересно. Чичко Коља исто така изгледаше заинтригирано, се гледаше дека неговиот живот со жена му сè досега бил полн со мали возбудливи изненадувања. Види го ова! – со циркуска интонација воскликна тетка Мања и ѝ подари на Лидочка огромна праска со нежно руно, врела и тигресторозова од светлината што ја исполнуваше. Бранот со студена шепа го турна стомакот на мајката и по грбот и по плеќите веднаш се растрчаа брзите трпки. Лидочка замижа и ја мирисна скокотливата праска. Ајде, кој прв ќе стигне до пливките, Нина? Мајката затресе со главата и со доверба се насмевна. Јади, ќерко – нежно ја советуваше тетка Мања, чичко Коља веќе тропкаше со вареното јајце извадено од истата чанта, на весникот едноподруго, како во некој трик, се појавуваа грди големи домати-јаболчари, парчиња леб присобран од мензата, потоа златно грозје купено од пазарот. Се нагодивме на осумдесет копејки, се пофали тетка Мања и со истата механичка нежност го погали првин главчето на Лидочка загреано на сонцето, а потоа потстрижениот дегенериран тил на својот пролетерски маж – ох, каква златна домаќинка си ми ти, Марусја, самиот си завидувам, чесен збор…
Лидочка ја изеде праската речиси до половина, земајќи здив и лесно стенкајќи од задоволство, лепливиот сок ѝ течеше по брадата, по дебелкото исончано меше – замачкај се, ќерко, и онака подоцна ќе те искапам, ќе бидеш чиста како јаболче, каде работи мајка ти? Види само, и татко ти црта цртежи? Колку соби имате? Слушаш, Коља, ти велев дека на север инженерите веднаш добиваат трисобни, а ти – на Гена не му треба техничко, нека оди да работи во фабрика, веднаш! Ќе си цркне тој со семејството во комунален стан. А, големи ли се платите на мама и на тато? Не знаеш? Ајде, јади, ќерко, јади, дал ти Бог здравје, и на мајка ти и на татко ти исто…

matryoshka-970943_960_720

Ненадејно се слушна страшен извик, на една нота – ААААА! Лидочка се задуши, ја пушти праската, на неа веднаш се залепи крупната песок – право по највкусниот и најмек дел, веќе не може да се измие, само да се фрли, каква штета, а извикот постојано наближуваше додека не стигна до толкава неверојатна висина што сликата на плажата, божем нацртана на дебело полупроѕирно стакло, веднаш се замати и целата се прекри со пајажина од исплашени пукнатинки. Одморците бавно, како месечари, стануваа од крпите и од лежалките, некој веќе трчаше кон брегот туркајќи ги другите.
АААААА! ПО-МОШ! ПО-МОШ!
Тетка Мања исплашено се прекрсти, Господе Исусе, Коља, оди види што се случи, само немој да плачеш, ќерко, очигледно некого го фати сончаница, ајде ќе одиме да видиме. Лидочка постојано се вртеше кон паднатата и безнадежно валкана праска. Таа не ни помислуваше да се расплаче. Напротив, ѝ беше неверојатно интересно.
Таткото стоеше на колена на самиот брег на плажата и него, како мало дете, го влечеше за рака висок воден младич, еден од четата мускулести спасувачки каријатиди, кои обично со денови висат на своите дрвени кули ждерејќи сладолед, кокетирајќи со младите туристки, но во најголем дел, секако, збудалувајќи од здодевност.
– Во ред ли сте, другар? – го прашуваше младичот таткото, натртувајќи си го задникот во гаќите за капење и од толпата љубопитни некој со бас прекорно му одговори:
– Зарем може да е в ред?! Не гледаш ли?! Човекот се удави!
– Не се удави тој, жена му се удави – го исправија басот и таткото, конечно оттргнувајќи си ја раката од мускулестиот, ненадејно меко и тапо офна и се сруши ничкум, како играчка случајно турната со лакотот од вообичаеното место.
Спасувачот се исправи, загубено гледајќи по страните, но низ прстенот одморци веќе се пробиваше, викајќи, бела и брза како глисер, докторка – и, сосема ист бел и брз, но овој пат вистински глисер се вртеше кај пливките, подигнувајќи вознемирени бранови, и од него со безвучен плискот нуркаа во мазните бранови други спасувачи, довикувајќи се со далечни, ѕвонливи млади гласови.
– Види го, жена му се удави, а самиот си е жив – дали го прекори, дали му позавидува некој невидлив, нејасен во таа гола, испотена, разџагорена толпа и таткото, како да ги слушна тие зборови, веднаш стана, сиот како недојадената праска на Лидочка, излепен со тешка темна песок.
Ненадејно, тој ја крена главата кон небото и со тупаницата му се закани некому таму горе – со гест со толку древна и страшна сила што не беше човечки. Шеговитото бранче се реши да му се подлизне, допре до розовите и некако детски петици, но ненадејно се преплаши и отскокна назад до морето, до своите. Таткото ги погледна одморците со голи водени очи.
– Не – рече тој, ненадејно сосема мирно. – Сето тоа не е вистина. Време ни е за ручек. Сега ќе одиме на ручек. Каде е ќерка ми?
Лидочка ја извлече од дланката на тетка Мања својата малечка рака, леплива од сокот од праска, и се вдаде настрана, тешко газејќи во сипливата, врела песок – сиплива и врела. Нешто сосема јасно ѝ пукаше во главата, со мали чести експлозии како да пукаа ситни осигурувачи што не го издржуваа напонот – едно по едно, едно по едно. Сè додека не се избриша сето она што требаше да се избрише.

(Дури тринаесет години подоцна, гледајќи на Би-би-си некој бавен документарец за едно семејство орангутани, Лидочка внатрешно се стресе кога мажјакот, кој едвај го оттргна детето од алигаторот, скокна на брегот и, сосема човечки, рапаво викна и ненадејно го крена мртвото младенче кон небото – дали со закана, дали со прекор, дали обидувајќи се да сфати. Лидочка се намурти, ненадејно главата ѝ се исполни со некоја мрсна магла, како да го гледаше светот низ очила пофаќани со мрсни прсти – туѓи, со туѓ диоптер, набрзина грабнати од нечија туѓа маса. Ништо не ѝ успеваше. Ништо.
Потоа, мажјакот внимателно го легна детето на земја и сите орангутани редум го омирисуваа неподвижното и нагрдено телце, како да се збогуваа со него, и во редица си заминаа, подгрбавени од еволуцијата. Несмасни, тие во миг среќно заборавија сè затоа што заборавот за нив значеше живот. Нели е тоа тажно? – праша Лужбин, често намигнувајќи – како сите свесно жестоки луѓе, тој честопати лееше солзи по различни дребности. Лидочка согласно кимна. Неа уште во училиштето, на деветгодишна возраст, ја одучија да плаче. Сакаш праска? – Лужбин збунето се вдаде кон чинијата со овошје, по ѓаволите, се разлигавив како жена. Не, му рече Лидочка. Извини, имам алергија на праски.)

index

Децата се сложени цврсто, мошне цврсто. Колку и да се обидуваше возрасната Лидочка да се сети на летото осумдесет и петтата година, не пред, туку по 24 јуни – ништо не ѝ успеваше освен болни и светли блесоци. Ќебенцето на креветот во собата – бело-сино, со цветчиња. Татко ѝ цел ден прележа на соседниот кревет со лицето кон ѕидот, на тилот низ црвеникавата куса коса му се гледаше розова незаштитена кожа. Во авионот – Лидочка првпат леташе со авион! – затегната во сино и мошне убава, тетката носеше на подавалник „авионски“ бонбончиња – мали, двојно помали од обичните, неверојатни. Лидочка зеде едно и, како што ја учеше мајка ѝ, тивко рече „благодарам“. Земи уште, девојче – ѝ дозволи стјуардесата и низ професионалната насмевка низ кремот балет, дебело намачкан како масло на леб, се појавија сосема човечки, загрижени брчки. Благодарам, повторно прошепоти Лидочка и зеде уште едно бонбонче. Во авионот беше интересно, но задушливо, и мирисаше на зимзелен освежувач на воздух и на нечија мошне дамнешна блуеница. Татко ѝ плачеше во текот на сите шест часа додека летаа до Енск. Без прекин. Цели шест часа.
Кој тогаш ги презеде врз себе сите невозможни грижи, кој ги подготви документите, кој најде сандак, кој помогна тој да се превезе низ целата земја, кој? Лидочка никогаш не го дозна тоа. Неа не ја зедоа на погреб и таа – под надзор на молчаливата сосетка со игли за плетење – остана дома и си играше со своите кукли. Куклите вареа супа и одеа на гости, а Љеља од ГДР, со златна чкриплива коса, дури и се омажи со зајакот. Таа беше малку помала од Лидочка, така што мајка ѝ соши за неа фустанче од едно старо фустанче на Лидочка – бело, празнично, со ужасна изгореница од невнимателната пегла. Мајката ја скри изгореницата под голема панделка и сега бело-свилената Љеља беше едноставно осудена на вечни матримонијални намери. Што работиш, Љеља? Јас? Јас сум невеста!
Кога заѕвони ѕвончето на вратата, Лидочка штотуку размислуваше кого да назначи за дете на Љеља и на зајакот – дали кученцето со големи очи или пластичниот Гурвинек, кому му се движеа рачињата. Сосетката во четири движења (ги симна очилата, ги стави очилата, ѝ падна клопчето, си ја истри половината) се обиде да се извлече од фотелјата, но Лидочка веќе леташе во претсобјето, скокајќи од среќа – мамичка, мамичка дојде, знам! Конечно сосетката се оттргна од заробеништвото на мебелот и потајно се прекрсти. Зад вратата стоеше жена, сосема непозната на Лидочка, во фустан со неверојатна, тревожна, ноќна боја. Таа беше убава – мошне убава, дури ни стјуардесата не беше толку убава. Речиси исто толку убава како мама. Само, усните ѝ беа премногу црвени. Жената, без да гледа, ја помрдна Лидочка настрана, како мал и не многу скап предмет, и влезе во домот.
— Каде е мама? — праша Лидочка и однапред ја отвори устата за што поуспешно да се расплаче.
— Умре — мошне мирно одговори жената и сосетката уште еднаш се прекрсти.
— А, тато? — Лидочка не знаеше што е тоа „умре“, но за секој случај не заплака.
Усните на жената малку затреперија, како да сакаше да го бакне воздухот и да се премисли.
— Татко ти бргу ќе се врати — рече таа и конечно ја погледна Лидочка.
Очите на жената беа сивосини, проѕирни, мазни и со некоја сложена пепелава нијанса на самото дно. Очите на мама беа црвеникави. Црвеникави и весели, како на весело лисесто кутре. Потоа – натаму, во текот на животот – најмногу од сè на светот Лидочка се плашеше да не го заборави токму тоа.
— Извинете, Ви се молам, која сте Вие? — конечно се освести од забуната сосетката, која дотогаш со недоверба ја разгледуваше двојната нишка бисери на вратот на непознатата гостинка – бисерите беа крупни, сите исти и заедно оставаа впечаток на извонредна скромност што може да ја има само мошне скап и мошне едноставен предмет.
Сигурно се вештачки, се утеши сосетката, професионална продавачка и завидливка во заслужена пензија. Надежта ѝ беше залудна, бисерите беа вистински, сиворозови, морски, трпеливо одгледани во нежните живи темнини на остригите. Воопшто, Галина Петровна Линт се служеше само со вистински, само со најдобри и најскапи работи. Со исклучок на сопствениот живот, но, фала Богу, никој ништо не знаеше за тоа.
— Која сум јас? — Галина Петровна со страдање ги поткрена веѓите, како сосетката да е налудничава и да не ја препознава царската личност чиј портрет виси во секој дом, на почесно место, разбрануван од темјанот на народната љубов и на бесконечно зовриениот самовар. — Која сум јас? Сериозна сте?
Сосетката во миг се изгуби, се повлече назад во својот кутар живот, во тесниот еднособен стан со несмасни селски шари, фабрички испечатени по белообоените ѕидови.
— Да одиме — рече Галина Петровна и ја поттурна Лидочка кон вратата, која никој не се досети да ја затвори. Лидочка послушно пречекори преку прагот на сопствениот живот.
Не веднаш, но Лидочка сфати дека неа ја наследи нејзината баба.
Бабата се викаше Галина Петровна, Вие. Лидочка се обиде со варијантата „баба Гаља“, но тоа беше одбиено: како прво, затоа што звучеше сосема селски, како второ, можеше да се помисли дека имаш стотина баби и дека не знаеш на која ѝ се обраќаш. Тоа беше вистина: Лидочка немаше стотина баби, немаше ни стотина дедовци. Поточно, постоеја дедо и баба – живееја во спалната на тато и на мама и мама некојпат ги симнуваше од ѕидот и нежно поминуваше со прстот по црно-белиот маж во униформа и по кадравата жена, која ја сместила на капетанската еполета на мажа си својата лесна, силна и навидум дури весела рака. Жената имаше долг ѓердан и дупчиња на образите, а мажот имаше мустаќи како четка. Ова се, Карамелке — велеше мама — моите мама и тато, а тебе ти се дедо и баба. Каде се тие? — прашуваше Лидочка, однапред знаејќи го одговорот, како во прикаските, и однапред радувајќи му се како што секое дете му се радува на еднаш и засекогаш воспоставениот ред на нештата. Тие се мошне далеку одовде, во еден чудесен крај од приказните — тажно велеше мама, имајќи ги предвид дали рајот дали воената област на Далечниот Исток и заснежениот мост од кој се нурна ушлестото војниче задремано зад воланот, носејќи ги со себе во последните соништа и одделението што се мрзнеше во товарниот дел на камионот, и капетанот што го запре на излезот од градот Бикин, и жената на капетанот седната во кабината, која дури и мртва ја стегаше ламбата за маса со врел сончев абажур, купена во воената кантина.

dolls-315562_960_720

Зошто баба и дедо не ни доаѓаат нагости? Лидочка нетрпеливо си ја влечеше мајка си за рака, како да чувствуваше дека не смее предолго да се мисли за мразот што се крши под тркалата, за црната вода нема од студенило што лета во пресрет. Зошто, кажи ми, зошто? Затоа што, Карамелке, тоа е мошне далеку. А, дали ние ќе одиме кај нив? Секако – сериозно ветуваше мама. – Првин јас и тато, а потоа и ти. Само, тоа нема да биде набргу. По илјада милиони години? Лидочка дури занемуваше од ваквиот величествен број. И дури по уште повеќе! – ветуваше мама и стануваше од отоманот, кој личеше на кадифена јаготка со дебели нозе. Ајде да одиме да испечеме палачинки, ете што ќе правиме! Лидочка радосно пискаше, претчувствувајќи добра забава со брашното и со свежоотворената тегла со слатко, и баба и дедо се враќаа на ѕидот. Искрено речено, тие малку наликуваа на баба и на дедо.
Но Галина Петровна – Галина Петровна не наликуваше на никого!
Како прво, таа сосема сама живееше во огромен стан што личеше на слика на замок од големата крцкава книга приказни на Шарл Перо.
Како второ, во станот не смееше да се трча, да се скока и да се вика. То ест, тоа воопшто не смееше да се прави, а особено не во станот.
Како трето, секое утро доаѓаше една жена, Марија Ивановна, која се преслекуваше во престилка и ги чистеше сите соби со бездушна и молчалива вештина на вистински механизам. Кога мама чистеше, таа секогаш или се лутеше или пееше. Марија Ивановна, исто така, готвеше – секој ден нова свежа храна, а остатоците од вчерашниот ручек или вечера ги претураше во посебни лончиња што се викаа „мањерки“. Тие лончиња Марија Ивановна си ги носеше со себе. Таа не разговараше со Лидочка, исто како да ја немаше.
— Зошто ѝ е на Марија Ивановна храната? — Лидочка не издржа, сепак ја праша Галина Петровна, иако одлично знаеше за љубопитната девојка што сакала сè да знае и затоа ѝ ги скинале ушите. Мама и тато не ѝ дозволуваа да им додева на возрасните туѓинци со своите прашања. Но, ако нема други возрасни што не се туѓинци, тогаш веројатно можеше да се праша.
— Каква храна? — расеано се зачуди Галина Петровна, тргајќи го погледот од телевизорот. — А-а-а… таа. Не знам, веројатно им ја носи на внуците.
Лидочка молчеше и размислуваше.
— Дали Марија Ивановна е наша заедничка баба?
Галина Петровна конечно изнурна од долгометражниот филм Бразлетна 2. Некаков глупав коњ. Сосема заборавија како се снимаат филмови.
— Од каде ти е идејата дека Марија Ивановна е наша баба? Не чепкај ја фотелјата. Ќе ја расипеш.
Лидочка послушно престана да ја чепка сомотската фотелја. Марија Ивановна доаѓаше секој ден, готвеше, чистеше, постилаше кревети, переше. Се грижеше за Лидочка и за Галина Петровна, како што ѝ прилега на бабата. Освен тоа, како што сега се разјасни, таа имаше внуци на кои им го носеше она што Лидочка и Галина Петровна немаше да го изедат. Заклучно, Галина Петровна и Лидочка исто така ѝ беа внуки на Марија Ивановна, и тоа најсаканите. Лидочка не гледаше ниту една дупка во логичкиот синџир на своите размислувања. Сè беше точно. Зарем не?
Галина Петровна раздразнето одмавна со главата.
— Со какви глупости ти е полна главата! Марија Ивановна е мојата куќна помошничка. Подобро оди читај или цртај! Знаеш ли да читаш?
Лидочка навредено се стркала од фотелјата. Таа знаеше да чита. И тоа од мошне одамна. Меѓу другото, дури и во себе!
Друга работа беше чудна: претходно Лидочка немаше никаква претстава дека Галина Петровна воопшто постои. Тоа беше нејасно. Затоа што или имаш баба – дури нека е и на ѕидот – или немаш баба. Секако, можеше да побара објаснување од тато, но тато – иако Галина Петровна вети дека тој бргу ќе се врати – сè уште не се враќаше, којзнае зошто. Лидочка нејасно се сеќаваше дека првата ноќ помината кај Галина Петровна (нејзе ѝ послаа на кожената софа, жива и на допир сосема како слон) тато беше таму. Тој нишајќи се стоеше на колена покрај софата и тивко, како кученце, цивкаше, така што Лидочка, дури и низ густите слоеви на сонот, го чувствуваше неговиот близок топол мирис – чудесната смеша на тутун и на колонска вода за која мама велеше дека мириса на лаворов лист од супата и некојпат дури го викаше тато Лаворче. „Лаворче“, промрмори Лидочка вртејќи се настрана – перницата беше чудна. Премногу мека. Мама велеше дека е штетно да се спие на меко. Тато исплашено замолкна. Спиј, ќеркичке, спиј, зајаче мое – зашепоти тој, обидувајќи се со невидливите слепи раце да ја напипа Лидочка во длабочините на софата. – Гледаш, никој не ти ја расплете косата пред спиење, баба ти не се досети, не лути ѝ се, ќе научи таа, ќе видиш…

Zhenite na Lazar-500x500

Лидочка се обиде да ги одлепи тешките клепки, ништо не ѝ успеа. Каде е мама? – праша таа со незадоволен глас, рапав од сонот – викни ја мама… Тато молчеше, како да собираше сили, а потоа ненадејно го втурна огромното пламнато лице во Лидочка, така што таа низ тенката ткаенина на пижамата почувствува како му тропаат и му се тресат забите.
– Борисе, прекини со хистеријата – од вратата нареди, изникната од никаде, Галина Петровна. Бела ноќница како на призрак, наметка со цврсти свилени змејови. – Се однесуваш како жена.
Тато ја крена главата, пижамата на Лидочка беше сосема водена од неговите солзи.
– Секогаш си ја мразела – тивко рече тато. – Секогаш.
Галина Петровна слегна со рамената и исчезна, а потоа исчезна и тато, се истопи во бавниот ноќен воздух и Лидочка се преврте на другата страна, немајќи повеќе сили да му се спротивставува на нежниот притисок на сонот што ја заплиснуваше од сите страни…
Утрото тато никаде го немаше и Лидочка долго скиташе по непознатиот стан шлапкајќи со босите петици додека не наиде на Галина Петровна, која стоеше пред прозорецот во врела тутунска аура – мама никогаш не пушеше. Тато пушеше, а мама не.
— Каде е тато? — мречно праша Лидочка.
Галина Петровна се сврте, цигарата во нејзините прсти беше зачудувачка. Долга.
— Си замина — рече таа.
— А, мама?
— Мајка ти умре.
Лидочка молчеше, мерејќи ја врз себе таа невозможна судбина.
— Сакам дома — рече таа.
— Сега овде ти е дома.
Тоа не беше вистина и обете, и Лидочка и Галина Петровна, тоа одлично го знаеја. Но немаше друг избор. Така Лидочка и Галина Петровна започнаа да живеат заедно.

Leave a Reply

Your email address will not be published.