Да се пишува значи и да се бара она што секогаш не е видливо на почетокот

Мило ми е што вечерва сме собрани уште еднаш да ја изразиме почитта што македонската култура треба да ја одаде на Коста Солев Рацин. Поет кој преку своето творештво се обидуваше да понуди една можност за подобар свет, кој веруваше дека преку уметноста светот може да се направи подобро место за живеење.
Независно од тоа колку бунтовно се однесува кон стварноста, литературата секогаш ја поседува способноста да понуди нејзина алтернатива…
Литературата ја има можноста кога светот ќе стане премногу брз, таа да создаде нова форма на бавност.
Кога она што се случува околу нас сите го доживуваат и сликаат во црно-бели тонови, таа мора да умее да ги пронајде суптилните разлики меѓу крајностите, да измисли нови, дотогаш ненасетени нијанси.

Govor Vladimir Jankovski

Кога работите стануваат премногу гласни, толку гласни што зборовите стануваат шумови, таа може да открие нова мелодија на тивкоста… која појасно се слуша од каква било какофонична врева.
Литературата е еден од начините на кој хаотичниот свет и живот, навидум бесмислени, се претвораат во калеидоскоп од значења, таа ја има способноста навестувањето да го претвори во знак, а прецедувајќи ги хаосот и безредието низ ситото на смислата да создаде нови симболи за откривање и читање на светот.
Да се пишува, меѓу другото, значи и да се бара она што секогаш не е видливо од почетокот, зашто смислата често лежи во потрагата, во патот кој додека чекориме кон целта нè менува и нè тера да не бидеме задоволни од ниту една цел доколку таа не биде почеток на нова потрага.
Ако во таа потрага успее да го убеди читателот дека нејзиното трагање е всушност неговата приказна и пат, кога тој ќе ги затвори страниците на книгата и повторно ќе го погледне светот околу себе – речиси е гарантирано дека ќе го види токму она што Рацин и многумина пред него сакале да го постигнат: еден новосоздаден свет, променет на подобро за уште една дотогаш неоткриена смисла.

Leave a Reply

Your email address will not be published.