Љубопитно ѕиркање во сајберпанкот на „Неуромансер“

Сајберпанкерите ја користат технологијата за да се себереализираат во свет кој не им нуди простор тоа да го направат надвор од виртуелната реалност. Тие преку употреба на податоците за своја корист, го излеваат својот бес кон светот. Не пишуваат графити, крадат податоци. Тие се експерти за компјутерски вандализам, можат да избришат и преместат информации, да изменат материјали и сосема да го сменат својот или нечиј живот.
Опозитот кој се обидуваат да го срушат, расцепкаат и завладеат сајберпанкерите не се владите – национални држави, туку мултинационалните корпорации – глобалните држави. Низ очите на сајберпанкерите, иднината ќе знае само за две групи на луѓе, оние кои ги имаат податоците / информациите и оние кои ги немаат. Според сајберпанк филозофијата доминацијата на мултинационалните корпорации и нивната растечка монополизација на информациите, не е ништо друго, туку моќ одземена директно од рацете на обичниот човек.
Но, што содржи сајберпанкот на Вилијам Гибсон? Дрога, делови од тела кои се препродаваат на илегалниот пазар и генетски хирурзи кои работат во подземјето, компјутерски хакери наречени каубои, компјутерски софтвер, панкери – терористи кои оперираат под името Модерни, отисоци од личности на мртви хакери наречени конструкти и голема компјутерска мрежа – Матрица.
Матрицата функционира налик на видеоигра, а се доживува со помош на дерматодите што директно преку кожата праќаат импулси во мозокот. Матрицата нема определен простор, таа се протега низ целиот свет.
Мрежата може да се дефинира како тоталитет на сите информации и комуникациски трансфер. Некои од овие трансфери се привилегирани и ограничени само на одредени елити, што на Мрежата ѝ дава еден хиерархиски изглед. Некои други трансфери и податоци се достапни за сите и така го создаваат нехиерархискиот карактер на Мрежата. Со други зборови, Мрежата е себеподелена, внатре во себе содржи против-Мрежа. За да ги диференцира Мрежата и Против – мрежата, Хаким Беј ги користи изразите Net за првата и Web за втората. Web, односно пајажина, го користи за означува на алтернативната хоризонтална отворена структура на информациска размена, нехиерархиската мрежа. Терминот против – Мрежа го употребува за означување на тајната, илегална и бунтовничка употреба на Пајажината, како пиратирање на податоци и хакерски напади.
Во Гибсоновиот „Неуромансер“, сајберпанкот не се споменува како збор, но се употребува од страна на критичарите да ја објасни и демистифицира книгата како комбинација од висока технологија и евтин (низок) живот. Или како што Гибсон го кажа тоа: „Улицата има свој сопствен начин на користење на технологијата“.

neuromancer

Дејството на новелата „Неуромансер“ е поврзано со Кејс, софтверски каубој на изнајмување во некоја идна дистопија. Кејс го прелажува својот газда, а како одмазда, во неговите артерии се вбризгани минијатурни кеси со микро токсин од времето на руските војни. Отровот бавно се шири низ телото на Кејс и тој умира, а притоа не смее/не може да се вклучи повторно во виртуелната реалност.
Кога песимистички мисли целосно му ја обезличуваат желбата за преживување, добива понуда што не може да ја одбие. Армитраж е чуден лик кој се појавува од нигде никаде, ветувајќи му прочистен организам, под услов да влезе во високо обезбеден компјутерски систем и да извлече, за него, многу клучни информации. Со оваа понуда, после многу години пауза, Кејс добива шанса повторно да ја искуси виртуелната реалност. Но, радоста на Кејс за уштекувањето во матрицата мора да биде наплатено со потпомагање на мрачната, интердимензионална корпорација.
Една од главните карактеристики на сајберпанкот на Вилијам Гибсон е начинот на кој го сопоставува уличниот начин на живот со високата технологија, таа фузија од валкани хакери-платеници и чисти вештачки интелигенции. Во „Неуромансер“ ја гледаме симбиозата на два дијаметрално различни светови, реалниот, стварниот, кој е цврсто опседнат со идејата за пари, секс и моќ, и оној виртуелниот, кој оди отаде границите на замисливото, па ни прикажува отиснување на свеста врз силиконски чип.
Но, она што го прави Вилијам Гибсон сајберпанк писател не е само нивното фокусирање на компјутерско програмирање, туку и неговиот интерес за човечкото искуство како некаков вид невронска мрежа. Две прашања се појавуваат тука. Првото е дали ликовите во „Неуромансер“ уживаат во своите тела и матрицата поради вистинска страст или се водени од зависнички импулси? Второто е во однос на концептуализацијата на животното искуство, дали сличностите со компутерското програмирање го ограничуваат или дополнуваат првото?
Поттемата дека човечките суштества се подложни на програмирање, во „Неуромансер“ е длабоко обоена со песимизам. Пораката што ја носи е дека ликовите мораат да се однесуваат апсолутно доследно на својата програма, бидејќи немаат друг избор освен да ги следат упатствата на својот емоционален калап. Дури и Моли, која од сите ликови во „Неуромансер“ најмногу се интересира за љубов, го остава својот сакан со една писмена, самопоразителна белешка „Белки сум така споена“.
Атмосферата е песимистична, мрачна и безнадежна. Главна ризница на идеи и инспирација за денешната сајбер панк продукција е животот на маргиналците во опресивни, технолошко изградени општества кои се засноваат на неограничена власт на група луѓе, моноцентрични корпорации или фундаментални религии. Делот панк се однесува на криминалци, рокери, визионери, асоцијални ликови, одметници, бунтовници кои се занимаваат со нелегални активности, безнадежни случаи, и сите оние кои уживаат во слободата само поради слободата. Идејата на сајберпанкот е едноставна, човекот чија мисија е да го сруши тоталитарниот систем обично се раѓа на неговата периферија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.