ЅВОНОТО

На сон ми дојде демон. „Како се осмелуваш да лажеш?“

Бев најсрамежливиот дечко во соседството. Еден ден дојде еден странец. Бараше нешто од татко ми. Но тој почина. Само тој ја знаеше тајната на занаетот. Бараа да се направи нова камбана на црквата. Старата беше скршена.
Само јас останав жив. Целата моја фамилија умре од чумата. Бев сам. Татко ми не ми го пренесе знаењето од занаетот. Можев ли да одбијам еден странец кој бараше од мене да му помогнам? Се претстави дека е пријател на татко ми и дека доаѓа од локалната општина. Градоначалникот бараше мајстори за црковни ѕвона. Но ѕвоната биеја во мене многу гласно. Уште од времето кога немо ги посматрав мајсторите измеќари во работилницата на мојот татко.

– Секако дека знам – одговорив – мојот татко беше најдобриот изработувач на камбани и ги има направено најубавите ѕвона од најквалитетниот материјал!
– Во ред. Градоначалникот сака што е можно побрзо да се заврши. Ако не завршите во предвидениот рок постои можност сите ние да ја загубиме нашата работа!-рече загрижено.
– Ќе направам се што можам!

Нашата куќа имаше трошни ѕидови. Живеевме блиску до црквата во Курбиново во чиј двор си играв како мал. Еднаш влегов во неа влегов како мал, и тоа многу мал, рано, пред изгрејсонце. Внатре прашината од светлината го осветлуваше едното око на ангелот со крилја. Утринската свежина се кондензираше на иконите со светците што правеше како да им течат солзи. Се сеќавам дека чув гласови, музика со ангелски призвук. Можно ли беше ангелите да се скриле позади иконите? Се исплашив и веднаш се вратив пред портите каде што во црковниот двор ги оставив моите родители.

Ognen (3)

Татко ми беше мудар човек. Не зборуваше многу. Си работеше тивко. И си замина на оној свет тивко. Притоа, не остави никаков аманет ниту пак наследство. Претчувствував дека ќе умрам поради мојата лага. Луѓето ќе ја изгубат работата. Јас не знам како се прави ѕвоно. Зошто ли излажав? Како ќе се оправдам кога целата оваа работа на крајот ќе излезе неуспешна? Што ако дознаат дека не знам ама баш ништо од занаетот за правење црковни ѕвона?
На сон ми дојде демон. „Како се осмелуваш да лажеш?“, ми рече демонот. „Зарем не знаеш дека Бог ќе те казни за твојот неуспех и дека ќе бидеш засрамен за твојата наивност?“ Потоа демонот извади едно јаже и ми го заврза околу вратот, велејќи: „Побарај си го својот гроб тука некаде меѓу домовите на вечно живите!“ Го видов неговиот лик. Во него го препознав градоначалникот!

Камбаната веќе ѕвонеше во селото. Беше 6 и пол попладне и им даваше знак на селаните да излезат и да ги посетат вечните домови на своите најблиски. Никој не излезе. Тој ден црквата осамна празна. Пристигнав само јас и во неа ја видов големата сенка на силуетата на свештеникот која се оцртуваше на предниот ѕид. Тој седеше и бдееше над запалените свеќи.
„Оче, сакам да се исповедам!“ реков.
Тишина од свеќи.
„Оче, моето срце е затворено“.
„Гледам“, рече свештеникот. „Те чека тешка работа. “
„Што треба да правам, оче?
„Оди побарај им на сите во селото данок! Кој колку може да даде. Ни треба нова камбана! Старата веќе никој не ја слуша, како што можев да видиш и сам.“
„Оче, но што ако не сакаат? Кој сум јас да им земам нешто на луѓето? Како ли ќе им погледнам во очи?
„Снајди се! Потребно ни е ново ѕвоно. Ѕвоното ќе не заштити сите. Тоа ќе ни донесе мир и нам и на умрените! Не расипувај го својот углед! Татко ти беше човек со углед!

Уште еднаш заѕвони камбаната. Повторно никој не ја слушаше. Само јас. Тоа веројатно беше знак да си одам.

Следното утро беше многу ладно. Бев прегладнет, осамен и бос. Отидов на утринската богослужба. Во црквата повторно немаше никој. Се помолив на Бог да ми го покаже правиот пат. Да ми го покаже местото од каде новата камбана ќе одекне гласно. Некаде каде што ќе може да се гледа и да се слуша. Забележав дека на ѕидот фали иконата на ангелот со крилја.
Таа вечер решив да ги отпакувам правливите куфери на моите починати чии сеќавања беспотребно го окупираа просторот во поткровјето. Во еден од нив случајно пронајдов една лента. На лентата имаше многу прашина и одлучив да ја ставам во магнетофонот во случај нешто да не се сочувало на неа. Одеднаш, тишината на ноќта во поткровјето се исполни со гласови од црковен хор, и тоа токму истите оние гласови кои ги чув кога како мал за првапат влегував во црквата. Сега истата музика пред мене излегуваше од звучникот на нашиот стар магнетофон.

Мислев дека гласовите кои ги чув како мал доаѓаа од самите ангели кои се криеја позади иконите.
Уште една скршена илузија.

Ognen (1)

На сон ми дојде татко. Го прашав:
„Тато, постојат ли ангели?
Молчеше. Потоа неговиот дух ми одговори:
„Не. Тоа се локалните свештеници кои се снимаат на лента и потоа ја пуштаат секое утро за да можат да ги покријат утринските богослужби!“
За еден миг, целата моја визија за постоењето на ангелите се урна! Молчевме извесно време.
„Морав да ти ја пуштам кога беше мал. Толку многу сакаше да веруваш и толку многу сакаше да си играш во дворот на црквата! Каков татко ќе бидам јас ако ја урнам верата на својот син?
„Цело време ме лажеше! Но зошто? Ти не ме научи ништо од твојот занает! Не ми ги кажа ниту процесите, производите, мајсторствата. На крај ме остави сам! Зошто? Немам никаква книга, ниту тајна која можам да ја пренесам!“
Духот на татко ми почна да ги губи неговите контури во мојот сон:
„Зарем не те научив како да постапуваш? Знаењето не е важно. Важна е верата, духот, цврстата волја да направиш нешто! Каде ли исчезна духот на мојот голем син? Ги оставив материјалите кои самиот ги направив од кал.
„Ангелите ги пратат оние кои се снаоѓаат!“
„Но ангелите, татко, мојата единствена надеж, не постојат!“
Уште еднаш многу бледо ги изговори истите зборови: „Ангелите ги пратат оние кои се снаоѓаат…“
Се разбудив со голема главоболка. Морав да се соочам со изгубената реалност. Мојата вера беше залудна. Го искршив магнетофонот. Си приспомнав дека сето ова како да беше една голема лага! Мојот живот беше претстава од ленти, солзи, лажни визии и безгласни ѕвона! Сите визии од мојата глава исчезнаа и морав да направам грдни напори повторно да ги обновам. Но како? Ја изгубив верата во ангелите, сепак, единствениот ангел кој ми ѕвонеше во ушите беше оној на татко ми кој разговараше со работниците и им даваше инструкции за материјалите од кои требаше да се изгради ѕвоното, неговата локација и начините како треба да се подигне целата конструкција.
Тогаш, ми дојде една порака од небото. Глас во моите уши кој ме потсети на сите мои немили настани, непријатели и болести, на смртта на моите блиски и сите мои неповратно изгубени љубови. Сите тие не постеја! Беа лажни! Тие постоеја само во мојата глава. Исто како и ангелите, нивните гласови, солзите кои ги видов како течат од образите на светците! Единствено што беше вистинито беше мојот копнеж да продолжам понатаму и покрај загубите кои ги преживеав.
Го пронајдов клучот од подрумот. Во него среде мноштвото книги ја пронајдов иконата која некни кога бев во црквата видов дека недостасува.
„Ангелите ги пратат оние кои се снаоѓаат!“
Иконата како да ми даде чудна вера и духовна сила. Ја благословив заедно со сите настани од моето минато. Јас повторно верував!

Пристигна и тој пресуден ден. Градоначалникот дојде на свеченото пуштање на новата камбана. Се одржаа свечени говори. Се дигнаа јажињата кои со куки го поткрепуваа новоизграденото црковно ѕвоно. Се помолив на Господ, да биде се во ред. Да бидам спасен и ѕвоното овојпат да можат да го чујат сите. Ги затворив очите и уште еднаш во себе ги повикав силата на мирот и гласот на ѕвоната. Го слушав само звукот на срцето кое биеше во моите гради.
Камбаната започна да се ниша. Клепалото го допре самото ѕвоно. Ништо. Молк. Ме обзедоа старите демони. „Како ли може да се чуе? Ѕвоното е изградено, сепак, од земја!“ се насмеав и во исто време заплакав.
Се подготвив за бегство. Но некој ме фати одзади држејќи ме за левото рамо:
„ Погледни. Тие танцуваат!“
Тогаш, се свртев и погледнав во очите на луѓето. Видов насмеани лица. Како што душата ми трепереше, така тие танцуваа. Сите паднаа во некаков транс како во некој сон.
Градоначалникот не ја криеше својата воодушевеност. Пред него стоеше величенствена градба од бакар, злато и сребро. Не можев да поверувам на глетката. „Го изгради најубавото ѕвоно!“ рече.
„Но јас толку се измачив!“, реков, „и го изградив од земја и од вера!“

Новото ѕвоно го замени старото. Тоа им беше показател на луѓето, им го мереше времето, им ги бележеше умирачките и тажачките, ги развеселуваше на свадбите, ги предупредуваше.
Во нив ја раѓаше новата вера…

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
Господе, дај ми љубов / Црковниот отец / Лебот насушен / Благодатен оган
Поради пандемијата верниците влегуваа во црквите во мал број. Се собираа двајца...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *