Расказ-Таткото на Кафка

„Е.А. По, Кафка и Гогољ би биле воодушевени од италијанската зона на самракот што ја создал Ландолфи“. Њујорк Тајмс

Кратките раскази собрани во книгата „Сенки“ се напишани во временски лак од триесетина години, со почеток во 1935 година. Ова е обид да се доловат разноликоста и неповторливоста во опусот книжевни теми и форми на Ландолфи, како и да се истакнат најоригиналните исчекори во фантастичниот расказ од неговото творештво. Карактеристично е присуството на елементи од готскиот роман, како и на гротескни тонови што често еволуираат во комичност. Ландолфи ја оживува таквата атмосфера, не само преку умешната игра со мотивите својствени за приказните со духови и со привиденија туку и преку превезот на античност со кој го обвива раскажувањето, инсистирајќи на архаични конструкции, секогаш во духот на иронијата и на пародијата.
Специјално за македонското издание предговор напиша лично синот на големиот италијански мајстор на раскажувањето.

skulls-623532_960_720

ТАТКОТО НА КАФКА

Многу мои пријатели настојуваа на тоа и, еве, конечно решив накратко да раскажам за еден настан што сигурен сум дека играше мошне важна улога во животот на Мајсторот (и во мојот исто така).
„А што ако, во мигов, две, всушност неколку долги тенки и влакнести нозе ги опипаат рабовите на подотворенана врата? Претстави си дека вратата попушта под нивниот притисок, отворајќи се бавно, и дека зад неа се појавува едно огромно пајачиште, големо колку кошница за алишта…“
„Ете, си замислувам, и?“
„Чекај, не се доискажав. Што ако пајакот, наместо тело, има човечка глава што би те зјапала од подот? Што би направил ти? Би се убил, така?“
„Јас? Не би ни помислил на тоа. Зошто би се убивал себеси? Попрво, би го убил него“.
„Јас, од друга страна, би се убил. Господе, чуму живот во таков свет каде што се возможни овие нешта!?“
„А, јас знам дека би сторил сè, само никогаш не би се убил. Ниту на сон“.
Кафка уште ги немаше доизречено зборовиве и пркосно гледаше кон подзинатите двери, кога едното крило од вратата почна бавно да се врти на своите шарки, отворајќи се, и тогаш се пресоздаде, до најситни посебности, сцената што претходно ја замислив. Во изолираната одаја каде што вечеравме, срипавме на нозе во ужас. Пајакот, или човечката глава, на своите долги пружинасти нозе се дојазуваше кон масата и нè гледаше со еден одвратен израз на лицето.
„И?“, врескав јас, исповедам, речиси липајќи. „Зошто не го убиеш?“
Но Кафка ококорено го гледаше животното, или човекот, без да мрдне ниту со малиот прст; само вкочането се повлекуваше наназад кон еден агол од собата. Подоцна дознав дека, всушност, тоа беше главата на одамна починатиот му татко. Овој се ѕвереше во Кафка и лицето му беше изопачено во грозоморна гримаса. Закрвавените очи му беа речиси испревртени наназад, а горната усна од бес искривена угоре на едната страна; исто како, сега добро се сеќаваше Кафка, кога ги правел оние свои тегобни сцени и непотребно го повишувал гласот. Сега не говореше бидејќи можеби не можеше, но ние чувствувавме дека речиси ќе експлодира од што му доаѓаше да се дере. Главата, со лицето свртено нагоре, му беше малку навалена наназад, како на жаба.
„Што имам направено пак сега?“, се прашуваше Кафка, повторно измачуван од истото чувство на вина, како кога беше дете и ги трпеше таквите сцени без да ја знае причината. „Тато…“, промрмори.
Јас, признавам, почнав да удирам со дланките и да шиштам: „Бегај, бегај, грозен ѕверу!“, друго немав храброст да сторам. Тогаш, таткото на Кафка, кој сè уште бавно напредуваше кон нас, како да се премисли. Стори огромен напор да се надмине себеси и да го одложи скандалот, или нападот (тој отсекогаш умееше да се воздржува пред „странците“, иако ликот му ги издаваше чувствата и намерите, дури и кога нервозно мрмореше: „Глупости, глупости!“). Колебливо се сврте и поткуцувајќи се затетерави по истиот пат од каде што беше дојден. Јас, исповедам, се напикав во некој ќош и се кубев за коса липајќи. Кафка отрча по татка си во големата мрачна дневна соба.

252.Senki

Излишно е да се говори дека ниту таа ноќ, ниту во следните денови не успеваше да го пронајде, иако непрестајно трагаше низ сите одаи. „Замисли“, си велеше, „во мојот дом пребива едно такво суштество и никој никогаш не го видел! Којзнае уште колку такви слични шетаат по куќава. Ако не го убијам, не ќе можам веќе да живеам тука“. Најпрво, помислуваше да го затвори во кафез или во собата што порано му припаѓаше нему. Најпосле, една квечерина, го виде како брзо преминува преку еден куп прашливи предмети. Сфати дека пајакот со леснотија минува низ затворени порти, а можеби и низ ѕидови. Тогаш си вети дека ќе мора безмилосно да го убие, ништо друго не му преостануваше. Се подразбира дека и во таа пригода пајакот му избега.
Кафка веќе се откажуваше од тоа дека ќе го најде и беше решен да замине, оставајќи го стариот замок на милоста на победникот, кога одненадеж налета на пајакот, и тоа среде бел ден. Идниот велик писател беше во својата спална. Низ прозорецот проникнуваше изобилие сончева светлина. На светло, изгледаше уште посив и попрашлив; овој пат, со насолзени очи, нежно гледаше кон сина си, и на пеплосаниот изморен лик му се изобразуваа умилност и благост (како порано, кога ќе се каеше). И покрај сето тоа, Кафка зграби еден стол и веднаш го тресна зашеметувајќи го; потоа отрча во визбата, зеде еден токмак и го догмечи. Од смачканата глава, како што се очекуваше, се растече мозокот.
Така, Кафка веруваше дека засекогаш се отарасил од него, иако скапо плати за тоа. Но на колку пајаци, големи или мали, им е прибежиште стариот замок!

Превод од италијански: Ненад Трповски

Тагови од објавата
Напишано од
More from Томазо Ландолфи
Индекс на раскази преведени на македонски
Расказите преведени на македонски од Ненад Трповски се изведени од следните збирки.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *