Патот на еден капут

Необјавен расказ од прозниот мајсторот Александар Прокопиев.

Велат – ноќта спроти полна Месечина се плетат фаќачите на лоши соништа што се  закачуваат на јужната страна над постелата за мирна почивка. Но тој никако, никако не можеше да заспие.

Разбеснетиот ум му ги натрупуваше мислите како перпетум мобиле. Кога светот би бил понормален, би го оставил ширум отворен прозорецот од спалната барем малку да се олади. Но од пеесетина метри оддалеченото училишно игралиште за кошарка,  глутницата  пубертетлии завиваше како побеснета. – Ако погодам, брат, да му го сечам онаквотоо на Благојаа! – се дереше најгласниот, ударајќи со топката по бетонот  пред да ја фрли кон кошот.  Туп, туп, туп!, мала пауза, па дум-дурум, топката се одбива од обрачот,  што е проследено со крици на малолетната банда. – А бе брат, ако го даам, Пере да ја ебе Маринаа! – гракна следниот напнат член на бандата. Туп, туп, туп, нервозно го чекаше дум-дурум, но овој пат топката помина низ кошот што веднаш предизвика висок бран на неконтролирани емоции. – Пере да ја ебе! Пере да ја ебе! – навиваа младите штакори.

Злосторници! Злосторници! Би ги наклукал со барбитурати, а потоа, така утепани, со камион би ги преселил во некоја пустелија, каде што нема жива душа освен волци и терористи. Пцуејќи, ги затвора Рехау прозорците со највисока звучна изолација. Потоа ги спушта ролетните.

Залудно. Можеби бандитската врева за половина стивна, но затоа сега од соседниот стан ечи телевизорот со вечерни вести за штрајковите во државата. Комшивката легната на каучот, во  тренерки помали од што треба оти постојано се здебелува, чека дневникот да заврши за да и почне омилената индијска серија во сто и едно продолжение и понатаму „Малечката невеста“.

Се му изгледа забегано. Заедно со времето. Сред октомври, температури како во лето! А утре, како и обично, во 8,00 мора да се нацрта на работа, дури десет минути порано, зашто шефот свика итен состанок. Итен!? Ринта од утро до мрак, како идиот, за плата што, кога ќе плати струја, вода и парно, не стига ни до петнаести. Ама не може да се сопре – секој делник срипува како попарен од креветот во 6,45, за да ја стигне „15“-та во 7,15 – тоа е единствениот градски автобус што директно го води до работа. Кога во купатилото ќе се погледа во огледалото, лицето му е изобличено како после тежок нокаут. Под натежнатите клепки се уште наѕира по некое парче од прекинатиот сон, но реалноста е неумолива, го молзе со надоаѓањето на секоја секунда  – треба на брзина да ги заврши основните физиолошки потреби, да се избричи, евентуално да касне некое залче, да сркне голтка-две кафе, и потоа марш!, со четврта брзина кон автобуската станица. Да си најдеше барем партнерка, некоја сочна провинцијалка, да го цмокне за „добро утро“, да му подготви појадок, да му ги испегла кошулите… Но, со што да ја заврзе – „Вашиот кредит е премногу мал!“.  Иако секој ден мора да испие „Глукофаш 1000“ против дијабетисот (а како да не му скокне шеќерот со овие секојдневни стресови!), тој се уште изгледа добро за својата возраст. Иако забите не му се баш здрави, насмевката му е се уште привлечна. Но возраста му е повеќе од пристојна – ја помина шеесеттата.   Во меѓувреме, два пати се разведе поради „непремостливи карактерни разлики“, иако двете бивши сопруги беа потполно различни меѓу себе: првата – висока (кога ќе облечеше чевли со високи топуци го надвишуваше), русокоса и синоока, па на лето на плажа веќе вториот ден поцрвенуваше како рак и навечер воздивнуваше, намачкана со кисело млеко по грбот. Но иако целата изгорена и со излупеници,  зашто очигледно немаше доволно пигмент, таа, без оглед на последиците, упорно, во бикини, и натаму се пржеше под пладневното сонце. Беше тоа уште еден од бројните докази за нејзината непоколеблива упорност, со која го фиксираше со својот вперен син поглед како да му поставува некое многу важно прашање на кое тој мора брзо да одговори. „Дали таа постојано настојува да ми командува?“, се праша едно мачно попладне, кога, глува за неговото полчасовно објаснување зошто не стигнал да ја плати сметката за парно, тотално го понижи со својот молчалив презир. Дека нејзината упорност е најсоответен израз на карактерна тврдост и неосетливост се покажа и при разводот, кога, без око да и трепне, сосе детето, му го зема и станот и „реното“.

 

* * *

 

 

Втората сопруга беше сосем поинаква – црномуреста, извонредно градена, па затоа секогаш во припиен фустан да и се видат облините, со живи очи и брз говор. Дрдореше и итрости, и лудости и неважности, и тогаш образите како праски ќе и заруменеа од возбуда поради уживањето во сопствениот говор. Понекогаш за миг ќе се прекинеше, „Што сакав да кажам?“, ќе се потпрашаше за веднаш, без одговор, да продолжи се својот сладок, бескраен монолог. Кога ја запозна,  на вечера кај колега од работа, веднаш го привлече нејзината заразна живост, сосем различна од студената рамнодушност на првата сопруга. Му заличи на верверичка, толку слатка и неуморна. – Утре, можеме да се видиме на кафе? – ја праша на крајот на вечерта, и самиот изненаден од сопствената храброст. – А каде да се најдеме? – му возврати, па веднаш додаде – Во „Париз“, на пладне.

Следниот ден, во канцеларијата, постојано подгледнуваше на ѕидниот  колку е часот. Некаде во 15 до 12, му заѕвони телефонот: – Ќе доцнам десет минути. Морам да скокнам до „Рубин Кармин“,  ми јавија им дошле „Диорисима„ парфеми “ – побрза да му каже, па веднаш дофрли некому: – Еве сум Јана, веднаш доаѓам… – па се врати кон него: – Што сакав да кажам?

Не може да одрече  дека тогаш, кога се запознаваа, ја исчекуваше со  насмевка, што ни сега не може да ја сокрие кога ќе се сети како кожата по рацете и се ежеше од вживувањето во брзоизречените импресии. Тоа живо секси суштество што дрдореше, гестикулираше, се смееше без запирка беше навистина автентично привлечно, особено за еден омалаксан тип, оставен сам на себе,  каков што беше тој по разводот. Особено поради тоа што освен станот и „реното“, бившата жена му ја одзема и Елена.

Елена, Лени,  Ленче, неговото ќеркиче. Од мајка и го задржа нордијскиот изглед, но сините очички, заедно со веѓите и долгите трепки и играа како на Штрумфета. Како што се оддалечуваше од жената, така се зближуваше со ќерка си. Уште од бебе таа го препознаваше со смеење, кога ќе ја земеше во раце се стискаше во неговите гради полнејќи ги со неизмерлива радост, му доаѓаше тогаш да викне „Те сакааам!“. Се обедини со нејзиното раснење – првиот чекор, првите зборови, првите напишани букви. Додека бракот не се распадна, Лени заврши градинка и појде во училиште. Израсна во срце девојченце, кое никако не можеше да сфати дека тато веќе нема да живее со неа.

Кога три години по разводот, првата сопруга се премажи за хер Бенџамин  Шварц, со кого се запознала на летување во Грција, ја зема со себе и деветгодишната Лени. Порано барем можеше да ја гледа еднаш неделно, преку викенд, сега, откако ја однесоа во Франкфурт, таа беше брутално однесена во туѓина. Му беше како да падна во надојдениот Вардар и почна да се дави во матната вода, без да може да се спаси.

 

* * *

 

 

Во таквиот, прилично очаен период, од конечниот пораз го извади една жизнорадосна жена, идната втора сопруга. На некој начин, таа почна да му го надоместува отсуството на ќерка му. Нејзиниот вроден оптимизам го ослободуваше од неговата вродена стегнатост, го будеше од внатре – да ја чува, да ја стопли, да и биде заштитник од страшниот надворешен свет, полн со валкани натрапници и манијаци (што не е далеку од вистината!). Беше убеден тогаш дека таа му е пратена поради повисоки цели. „Ако долго ја чекаш шансата, ќе ти дојде друга шанса што некој некаде ја пропуштил“, се сети тогаш на оваа мисла прочитана во популарно илустрирано списание.

Додека за првиот брак, со синоокиот леден брег, му беше јасно дека ќе заврши така, за вториот се уште не му е јасно зошто не траеше подолго. Немаше ништо килаво во нивниот однос, во разиграната друштвеност, како и во задоволствата во постелата. Втората џагорлива сопруга пресади дел од нејзиниот ентузијазам во нејзината утроба, во која се очовечи нивното златно игриво и итро детенце, Златко. Докажан детољубец, како што ја засака Лени, а и таа него, така го засака Златко, а и тој него.

Мислеше (или си замислуваше) дека се врви како што треба, кога, во седмата година од бракот, една жешка ноќ додека  Златко мирно спиеше во својата собичка, таа, како што вообичаено правеше за време на сладострасните спојувања, почна да офка „ох, Драган, да, да, Драган…“, не премногу гласно да не се разбуди детето, а сепак чујно. Но овој пат нејзините воздишки не го исполнуваа со гордост, туку, сосем спротивно – го сепнаа!  Пред се, зашто тој не се викаше Драган, туку Ѓорѓи, што, ќе се сложите, е прилично далеку од Драган! И така, во конечната разврска на прашањето за променетото име, што се интензивира во следните деноноќија, од нејзиното потполно негирање со заруменети образи и наежена кожа на рацете до признанието „па што ако е така? Тој е вистински маж кој умее да се грижи за мене и за моето дете!“, испадна дека и Златенце го познава, се дружи и си игра најприсно со чичкото.

Не му преостануваше ништо друго освен да се исели од средениот, комфорен стан каде таа и малечкиот Златко по само неколку дена весело го пречекаа чичко Драган.

Наредното лето, кога семејството Шварц дојде во еднонеделна посета на Скопје, двојно разведениот татко Ѓорѓи ги шеташе низ градскиот парк своите две деца, кои, иако се полубрат и полусестра баш ич не си личеа меѓу себе, ни по раст, ни по боја – таа синоока, синокоса тинејџерка, сред интензивен процес на преобразба од девојче во женска, тој шестогодишен галамџија прцул што трчкаше по тревата околу дрвјата, а потоа околу кафезите со животни во Зоолошката градина.

 

* * *

 

Отсекогаш, и кога беше во брак, и како самец, имаше проблем со плаќање сметки. За кирија, парно, за струја, за телефон, за вода, за радиодифузија, подоцна за Интернет… И за две алиментации. Иако се трудеше да ги плаќа на време, да не се задолжува, и, не дај боже, да позајмува и да се влече со кредити, испаѓаше обратното – мораше да бара, најпрвин од братучедите, потоа од другарите, потоа од колегите, помали суми на заем. Но едно е да те потпомогнат со 1500 денари, а сосем друго кога ти се потребни 1500 евра. Затоа беше принуден да зема, а потоа со години да ги враќа кредитите – а кога на предаторскиот синџир се закачија нотарите и извршителите, немаше начин да се подобри ситуацијата. Падна во клопката на вечни должници, а како кираџија имаше лош ксмет да најми еднособен стан што го чинеше 120 евра месечно и уште беше само педесетина метри оддалечен од кошаркарското игралиште каде деликвентните галамаџии завиваа 24 часа дневно.

Помисли колку  би било подобро наместо да трча по автобусот како улав, да појде, спокоен и без обврски, по улицата, па по некоја споредна уличка, па, по некоја шумска патека, нагоре, кон Водно, каде се уште, нема ни кошаркарски „браќа“, ни комшивки љубителки на индијски серии. Но во мечтаењето се забодува тескобната слика на реалноста – падините на Водно веќе се окупирани од урбаната мафија, зградиште до зградиште, внатре се напикале збогатените  на  божемски планински воздух, а како гуштери без сонце, не можат ни шумичка д/а видат од предвидливата геометриска набутаност на висококатниците. Баш кога во главата ја врти дискусијата за урбаната агресија, едновремено брзајќи да ја стигне „15“-та, патот му го преминува црн мачор глауч. Од каде пак сега овој створ! И каде сега? Во мигот го фаќа јанѕа, се здрви на асфалтот, но како за баксуз – никој не доаѓа од неговата, ниту од спротивната страна! Му преостанува само да се врати, и преку заобиколната уличка да дојде до Партизанска, да ја помине и да стигне на автобусот. Се придвижува, забрзува, гледа 15-та е доволно далеку да ја сочека, кога: – Господине! – го засекува јасен и строг глас: – Запрете се, ве молам! Господине!

Пред него се испрчи намуртено униформирано лице: – Направивте прекршок, господине! Ја поминавте улицата на црвено.

Улицата, во овој случај, беше половина од булеварот Партизанска, поделена од другата спротивонасочна половина со зелена алеја со џбунчиња. Овој пат, за разлика од порано кога, како и повеќето граѓани, едноставно го претрчуваше булеварот, ја помина едната половина на булеварот по пешачкиот премин, кога на семафорот беше зелено. Но освен овој, на истиот пешачки, беше поставен уште еден семафор, што,  и во тоа беше проблемот, не работеше синхроно со другиот! Што, подедноставено, значеше дека пешаците кои  регуларно ќе го совладаа првиот дел од булеварот, беа принудени да се запрат на острвцето меѓу двете ленти стуткани да чекаат, вдишувајќи ги отровните гасови од забрмчаните автомобили што јуришаа на чекор пред нив. Кога улицата – тркалиште за момент се исчисти од збудалените, прдливи машини, тој реши да ја премине улицата за да не задоцни на глупавиот состанок и да ја фати 15-та што веќе пристигаше на станицата.

И тогаш, негде од сенка, излезе униформираното лице за да го казни, без право на приговор, со 60 евра. Шеесет евра! А месечната рата за парно кај нотарот Вучиќ? А алиментациите за септември?

Во меѓувреме, додека цајканот му ја пишуваше казната, „15“-та си замина.

Поради вакви неправди, почна да излегува на јавни протести, иако понекогаш меѓу младите демонстранти си личеше на човек од минатиот век. Но тоа не му пречеше револуционерно да се бунтува, да дува во свирчето и да носи транспаренти на кои со црн фломастер напиша, а со црвен ги поцрта извичниците: КВАЛИТЕТ – ДА!!! ПАРТИЈАЛИТЕТ – НЕ!!!. Другите демонстранти го гледаа прилично зачудено, а и колегите го  предупредија, внимавај ќе те избркаат од работа, газдата е врзан со власта, нема да ти прости. Се почувствува тотално отфрлено. Престана да оди на демонстрации. Почна да носи темни очила и да ја префрла преку глава качулката од ѓубретарецот, што веќе беше побледен од старост.

 

*  *  *

 

Тогаш, снаодливата пријателка Весна му понуди убав капут од кашмир за неголема цена. Црниот, лесен капут со ревери и коси длабоки џепови добро му стоеше, а во Скопје ненормално жешките есенски денови нагло се менуваат со мразните, магливи есенски ноќи, па помисли, со оглед и на квалитетот на капутот и колку чини, дека ова е добра прилика да се поднови.

Единствена мана на капутот беа потпунките на рамениците, прешироки за него, па реши да го однесе кај познатиот скопски кројач чиј дуќан се наоѓаше во близина на неговата зграда.

Стариот кројач кај кого татко му редовно ги шиеше своите одела, веднаш го препозна, иако беше наведнат над машината за шиење: – Како сте, млад господине Ѓорѓи? Одамна ве немам видено. Со татко ви редовно соработував. Ретко е да се има таков елегантен муштерија каков што беше татко ви. – го крена погледот над очилата поднати на носот – А вие, господине Ѓорѓи, што ми донесовте?

Го извлече капутот од големата пластична кеса: – Широк ми е на рамениците – објасни.

– Облечете го – скокна кројачот од столчето, необично итро за човек на толкава возраст – Аха. Така – почна со сапунчето да ги исцртува контурите на поправениот капут – Ќе ги извадиме потпунките, малку ќе ги повлечеме ракавите. Така. Ќе мора, господине Ѓорѓи, да дојдете на уште една проба. Утре, прекутре. Уште еднаш да видам како ќе ни стои. Дајте ми го, ве молам, бројот на мобилниот, ќе ви се јавам.

„Конечно да сум задоволен од нешто“, помисли кога излезе од дуќанот. Си замисли како со новиот капут се шета со Златенце низ Г.Т.Ц., ги запираат со насмевка познанички и познаници, а како и не би, кога се толку спатрена, впечатлива двојка татко и синче (а не дедо и внуче, како што некои умееја, порано, злобно да коментираат).

Таквото убаво расположение го држеше цел ден, па вечерта заспа мирен и успокоен, без да ги слуша индијската серија од кај комшивката и криците од кошаркарското игралиште.

Но, следниот ден помина, и оној по него, а кројачот не се јави.

 

*    *   *

 

 

Повторно се изнервира од сопственото незнаење да ги вчукува телефонските броеви во својот мобилен, па така и овој пат не можеше тој да му ѕвони на кројачот.

Сепак на кафе-муабетот со Весна и кажа дека е зачуден што стариот кројко се уште не го повикал на проба. Таа го погледна, најблаго речено, со вџашеност: – Зарем не знаеш, Ѓорѓи?

– А што тоа?

– Па тој… не слушна?… во весници… тој веќе не е жив. Вчера… умре.

Седеа надвор, на високите столици пред кафулето „Ли“, па иако над нив гореше ѕидната греалка, а тој беше закопчан во стариот ѓубретарец, со шал околу вратот, осети како низ рбетот му исползи студено змивче.

И што сега? Кога веќе го ангажира човекот кој веќе не е жив да му го поправи капутот, сега, каква глупава заебанција, капутот е таму, а кројачот мртов. Мора да го земе. Но како тоа да се изведе?

Дома се затвори, седна на расклиматениот кауч што по разводот студениот брег му дозволи да го земе со себе и се даде на интензивно размислување како да се извлече од незгоднава ситуација со капутот. Се испоти од напор додека не дојде до некакво решение (со се уште испотени дланки): ќе појде до дуќанот, додека поради ветрот што му дуваше во лице го задржуваше здивот, и ќе го замоли оној што евентуално ќе биде таму, да му го врати капутот. Што потоа ќе го однесе кај друг кројач кој, се сети, работи кај Педагошката.

Во дуќанот ќерката на починатиот мајстор го сочека средно тажна, видно исцрпена од настаните во последните денови, но сепак стоејќи чекаше да и се обрати.

– Извинете – пропелтечи – Јас… го дадов капутот на… пред два дена… односно три, во четврток…

Жената го слушаше со празен поглед. Внатре, по масите, дури и по подот, беа расфрлени одела, панталони, палта, како некој да провалил на брзина и ги оставил во неред, барајќи пари. А можеби така ги оставил стариот кројач, на последната вечер од својот живот, со намера малку да си поспие и да се одмори преку ноќта, а утре рано да продолжи со работата. А можеби неговата смрт се случила тука, во дуќанот и тој ги срушил алиштата и ги растурил наоколу кога паднал на подот и избезумен се влечкал по него во предсмртните мигови.

– Каков ви беше капутот? – го праша рамнодушно жената.

– Црн. Од кашмир.

Таа почна да пребарува по гардероберот каде, на дрвени закачалки, висеа испомешани одела и капути од секаква величина, кројка и матерјал.

– Ене го! – викна тој неконтролирано кога во сета таа мешаница конечно го здогледа својот капут. Жената го погледна со нескриен презир: – Татко ми не стигнал да го преправи. Да ви го спакувам во ќеса?

– Фала. Не треба. Навистина не треба.

Сигурно таа самата не е кројачка, кога вака мртва-ладна му го враќа, помисли, и му олесни.

 

*  *  *

 

Излезе надвор со пресвитканиот капут преку рака.

Северо-западниот ветер не престана силно да дува низ „Партизанска“ и да го шиба по лицето. Дали да запре такси и да плати 100 денари до Педагошката или да продолжи пешки? Реши да издржи на нозе до крај, да го однесе капутот кај новиот кројач, а потоа да сочека ден или два, додека не се средат потпунките.

Не го видел Златенце со денови, помисли додека чекореше наспроти ветрот, а и Лени со недели не се јавува на скајп. Залудно ја чекаше пред компјутерот. Беше недостапна, а и кога ќе и оставеше порака да му се јави, немаше одговор. Беше сигурен дека мајка и, студениот брег, ја наклукала со гнасни приказни за него и девојчето сега се отуѓила од него.

На пешачкиот, повторно има проблем со семафорот. Пребргу се смени во „забрането минување“, па мораше да ги истрча последните чекори.  И се препна од ивицата на тротоарот. Се испружи колку е долг, држејќи ја, додека паѓаше, раката над глава да не му се извалка капутот.

Капутот само малку се замачка од прашината, но панталоните на левото раскрвавено колено беа сосем искинати. Од ударот доби посекотини и отоци речиси на сите зглобови.

Зошто служи ноќта?, се прашуваше додека долго лежеше буден на расклиматениот кауч, со повредени колена  што несносно го штипеа и си ја мачеше главата со мисли за кирија, казнени рати и две малолетни деца украдени од татковското гнездо, за тоа дека тој, оставениот татко, работи како скот за никаква плата, неспособен никому да се обрати за помош, зашто никој нема да му ја даде. Кога најпосле, целосно исцрпен, успеа да заспие, сонуваше цвеќе. Вештачко.

 

*   *   *

 

Следната сабота го облече новиот капут и појде пешки, накривувајќи, кон канцеларијата на нотарот Вучиќ, со неплатената рата за парно во едниот џеп и осум ореви во другиот.

Месечната рата од долгот беше точно 8000,00 денари.

 

 

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Модел
Типот беше, ако може така да се каже, комплициран во својата простодушност...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *