Црно на бело

ЉУПЧО СИЛЈАНОВСКИ
ЦРНО НА БЕЛО
(1988)

Пушти го синџирот колку што ти е долга демократијата.
Човекот е моја одмилена тема.
Сатиричарот треба да знае колку да зине за да не го проголтаат.
Кадрите ни се толку подмладени што допрва треба да проодат.
Партијата би морала да ги заостри критериумите за излез од неа.
Јас нему мајката, а тој мене – во посветлата иднина!
Евидентирајќи ги грешките на власта, се искачи на врвот од нејзината пирамида.
Секој си има свои внатрешни органи на прогонот што му – кркорат.
На почетокот беше зборот, но од дискусии крајот не се гледа.
„Строго доверливо„: народот е сè понезадоволен!
Тешко е да се умре за татковината, но и да се живее не е ништо полесно.
Во очите на народот големи се само водачот и – стравот.
Не смее да има табу-теми, а таму каде што има веднаш се одземаат!
На оние што ја продале родената мајка, им преостанува да се колнат во татковината.
Социјализам од аграрен тип – само успеси жнее.
Овие количества братство се недоволни за малку единство.
Сон на националистите: нивната национална трагедија да ја направат поголема од сите други.
Не давајте им на неписмените пенкало в рака бидејќи не можат да го употребат како студено оружје!
На говорникот му подигнаа споменик од воденички камен.
Повеќето крупни проблеми дома си доаѓаат во ситните саати.

Humor

Leave a Reply

Your email address will not be published.