На гротеската – гротеска

(За „517“ од Сања Михајловиќ Костадиновска)

Ај, веднаш да си признаам: книгава ме воодушеви. Ѝ се радував додека ја читав. А ја одбрав затоа што е најновиот победник на „Новите“, па ми беше ќеф да пишувам за книгата што победила на еден од ретките книжевни конкурси кај нас во кои имам доверба.

Да почнам од техничката страна. Станува збор за роман раскажан од еден раскажувач што раскажува во трето лице и од еден што раскажува во прво лице. Можеме да речеме дека е тоа истиот раскажувач, ама не би навлегувал во тоа, зашто не бев доволно внимателен при првото и единствено читање. Покрај овие две главни наративни линии вметнувани се и други засебни дискурси како: сегашистички сонет, исповеди на еден сегашист, сегашистичко мени и сл. Исповедите на сегашистот, на пример, се обид низ јазикот да се долови филозофијата на сегашизмот и затоа во нив преовладуваат главно глаголските именки (пр.: „На работа шефот дерење сите свињи.“).

Ако тргнеме од насловот, „517“, а не тргнавме оттаму, тој ќе нѐ одведе до 5:17 и до застанатиот часовник на Старата железничка станица во Скопје. Времето е вертикалната оска на овој роман во кој се опишува општество без вертикална оска. На првата страница од романот се вели дека во градот цикличното време е заменето со праволиниското. Ова значи дека уште на првата страница од романот сум се штрекнал и сум се претворил во очекување за да видам каков ли ќе биде тој град и како ли ќе биде опишано тоа место, зашто не е мала работа да се зафатите со проблем каков што е времето, па уште и тоа да не постои.

Сања (за тие што се по теоријата на книжевноста: нејзините раскажувачи) создава антиутописки свет во кој владее диктатурата на сегашизмот, која целосно ги забранува минатото и иднината. Ова го прочитав како директен дијалог со она што се случува во нашето општество, то ест како гротеска на гротеската во која живееме последниве десетина години. Сања (за тие што се по теоријата на книжевноста: имплицитниот автор во романот) ја зема перверзната опседнатост на македонската власт со минатото и само прави контранарација во која создава власт опседната со сегашноста и целата идеја ја доведува до апсурд, односно до радикален -изам. На сегашистите, кои се на власт, им ги спротивставува антисегашистите и низ призмата на антисегашистите ја раскажува приказната. Многу едноставно решение, но во исто време генијално! Таканаречено: треба да ти текне!

Кога на ова ќе се додаде и интелигентниот хумор во романот, кој го има насекаде и низ различни постапки (на пр., со постапката повторување до апсурд, кога на сѐ се додаваат придавките „сегашно/сегашистичко“: Сегашистички универзитет, беспрекорен сегашистички изглед, сегашистички стил, сегашистичка фамилијарна пица и сл.), се добива текст што заслужува длабок поклон. Со сите слабости во него и со сите дебати што можат да се отворат за тоа колку добро е напишан овој роман и дали можело попрецизно да се изведе идејата, и дали имало грешки во изведбата, јас се восхитувам на храброста да се влезе во раскажувањето на една ваква приказна.
Очекувам и други луѓе од еснафот да го прочитаат романот и да напишат нешто за него. Заслужува внимание и различни читања.

Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
МЕСЕЧИНА, ВОДА, НЕБО
(За „Тело одречено од пливање“ од Митко Апостолов)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *