И што кога ќе се измори човек од надежта?

Изморена сум. Изморена од размислување за иднината, од нејзино разубавување во мисливе со цел полесно да се протурка сегашноста. Изморена од себеубедување дека утре ќе биде подобро, за да не се мисли на не толку доброто денес. Изморена сум од надеж.

Се чувствувам како Џорџ од новелата „Глувци и луѓе“ на Џон Стајнбек. Истрошено и истоштено. Од што? Од сонување. Од ширење раце да се дофати сонот наречен утре. Од бидување Џорџ.

Џорџ Милтон е сезонски работник. Бескуќник. Патиштата му се дом, небото покрив. Целиот свет му го собира во малото бочвиче нарамено на грб. Никогаш не се дели од работничката книшка, оти само таа знае од кај доаѓа и каде оди. Никогаш не се дели и од Лени, голем, несмасен човек што брзо заборава од каде доаѓаат и каде одат. Тогашно време: големата криза во Калифорнија. Сегашно време: големата криза во Македонија. Секогаш е некое време. И секогаш е криза, бидејќи среќните денови не пишуваат емпатични реченици. Стајнбек го знае тоа многу добро, бидејќи и самиот ја ора земјата долж и попреку во потрага по работа, во потрага по толку истрошената синтагма подобро утре.

Цел век од времето во кое е сместено дејството на новелата, луѓето целосно се вклопуваат во типизираните калапи што со зборови ги исковал Стајнбек. Тип работник: Слим. Силен и строг. Тип разгален газдин син: Карли. Тип стар, дотраен работник: Кенди. Тип маргиналец: црнецот Крукс.

Цел век од времето кога економската независност била недостижен сон за милиони, економската независност е повторно недостижен сон за милиони. Сто години од времето кога Џорџ му раскажува приказни на Лени Смол за парчето земја што ќе го купат и за зајаците што ќе ги чуваат, илјадници други Џорџовци раскажуваат слична приказна за сигурноста која ќе ја донесе следниот кредит, следната работа, следниот град, следниот…живот. За на крај да се решат да го убијат Лени до себе или во себе и да се задоволат со денес, да се закопаат во денес, премногу изморени за да го откопуваат утре.

rwr

Некои го читаат „Глувци и луѓе“ како приказна за нераскинливо пријателство меѓу двајца сезонски работници. Нераскинливо пријателство што завршува со убиство на едниот. Од другиот. Некои го читаат како помирување со мислата дека слободната волја е привидна и лажлива. Јас го читав како смртна пресуда за надежта.

Во првите седум дена од новата година, додека сите ја растеа надежта пишувајќи новогодишни резолуции, правејќи планови за промена на светот и тонејќи во оптимизам, јас ја убивав надежта. Со секоја новопрочитана страница ѝ забодував игла сомнеж, за по прочитување на последната реченица да видам дека парампарче се сторила. Надежта. Во иднината. Се замислив. Без надеж во идината, што друго можев да сторам освен да го однесам Џорџ на пијачка и да почнам да се грижам за сегашноста?

Маријана Јанческа

Leave a Reply

Your email address will not be published.