За зборот

Да се зборува за човечката несовесност, малициозност, злоба, непресметливост, не вреди. Паметен е оној кој таму ќе стави точка и ќе се оддалечи. Во спротивно, му се отвора врата на зелениот трол или дух кој ќе почне да кружи, па и во сонот да ве гони. Можеме и да не веруваме во приказните за духови, но и тоа влече корења во нечии несреќи, трагични судбини и сето негативно што шета по земјата и под неа.

Да се зборува пак за убавите нешта во животот, колку е сè розово, а знаеме дека не е, исто така не бива. Но потребно е. Неопходно. Најубавите нешта на светот немаат потреба од зборови. Радост, среќа, љубов… блика, грга и се споделува и без збор да каже. А најчесто и самите си ги затвораме устите за доброто, како одбранбен систем од завист, љубомора и што не. Надежта запаѓа во кризи, љубовта ја криеме, за верата не се зборува, не е за човек да ја измери. Овие нешта треба да се помнат, бидејќи лесно се забораваат. За да не дојде ден кога едно добро кое ќе посакаш го чуеш, да нема ниту едно ,,Добар ден” во лет.

Некогаш е најдобро да не се зборува. Заветот за молк и не е така лоша работа. Како солзите кои се чистење на душата, така молкот е чистење на мислите. Питагора држел строга дисциплина на молк кај своите студенти. Или како што народот рекол, молкот е злато. Во одреден контекст молкот не како казна или товар, туку како начин на живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.