Времето е кратко

THE TIME IS SHORT

The death of the poet
Was kept from his poems.

The time is short…

The words of a dead poet
In the nightmare of the dark.

Who can speak for the dumb?
Who can reach the deaf?

The time is short!

7/26/2015
Pande Manoylov

ВРЕМЕТО Е КРАТКО

Ја премолчеа смртта
На поетот од неговите песни.

Времето е кратко…

Зборовите на мртвиот поет
Во мракот-кошмар зјаат.

Кој да зборува за немиот?
Кој да му каже на глувиот?

Времето е кратко!

Панде Манојлов
26.07.2015

ГОРДИОТ

Одбери ја славата
за да страдаш
без да разбереш
што гревови си сторил,
колку бесилки си поставил
и колку под тие бесилки
потпирки си турнал…
Поднамести си ја
круната на твојата
празна глава
и не гледај се во огледалото
да не си ја видш
славната лика
што не може да се сети
на минатoто,
на татковинското
и Татковината…
Возгордеј се
со рувото што го носиш
а не ти прилега,
возгордеј се
со егото што ти прилега
не погледнувајќи си
во сопствената пета
која замислуваш
дека не е Ахилова,
дека копје не ја ранува
и потсмевај се
на твоето племе,
на твојот народ,
свири му на кавал
како на стадо овци
чии јагниња
катадневно ги колиш
со глад и печал
и пак возгордеј се
со лагите што ги блуеш
како отров,
како чемер…
Возгордеј се
но не гордеј се:
и така ќе загубиш
горделивецу,
само морниците
да не ти ги гледам
и глувчешкиот страв
од кого и горд се плашиш
не признавајќи ни род
ни Бога,
плачот да не ти го слушам
кога за прошка
и народ
и Севишен
ќе молиш
без да прашаш
дали зарастуваат раните
на страдалниците
од тебе
Гордиот
што страдаа!

Панде Манојлов
18.01.2016,(Ноќта спроти Водици)

МОСТОВИ И КАФЕЗИ

Приквечер,
покрај брегот на Балтичкото Море
се шетав со синот…
Јануари е,
мразот го оковал брегот,
чиниш е Дојранското Езеро,
а Дојран е далеку
во Македонија некаде,
поделен меѓу две Македонии.
Во близината,
со сијалици како ѕвезди
го гледам осветлениот мост
протегнат меѓу две копна
над морето
што ги спојува Шведска и Данска,
што го поврзува Малме
и Копехаген,
за син ми
во мојот
македонски молк
полн тага
ми дошепне
дека и во морето има тунел
во кој минува воз на среќата,
меѓународен,
без полицајци и цариници,
за да биде катадневна врска
меѓу народите.
Внукот, мојот малечок внук,
ме прашува:
Дедо мој,
дали е така кај нас ,
дали е така и во Дојран
и Дојранското Езеро
и како може да е поделен
меѓу две Македонии
кога Македонија е една…
Кај нас е Балкан, дедино внуче,
му шепнам на десетгодишникот,
на Горазд,
на мојот шведски корен,
таму нема
и не се градат мостови,
таму има само граници,
полицајци,
цариници,
војници
и бодликави жици,
таму има кафези
од кои и ти одлета како пиле
кон слободата!

Панде Манојлов
14. 01. 2016 г.
Малме, Шведска

Leave a Reply

Your email address will not be published.