Off мори мајко

Марјан Анѓеловски

 

Модерни, свежи и актуелни афоризми кои успеваат да останат прецизни и добри. Играта на зборови е само дополнителен квалитет.

 

Хумор 2

 

  • Да живееш во Македонија е закон. Марфиев закон.

 

  • Не се сите тендери наместени. Некои сè уште се местат.

 

  • Речиси сите влегоа во Европа. Ама ние не сме со сите!

 

  • Не е точно дека нашите политичари немаат идеи. Имаат луди идеи!

 

  • Ми ја наполнија главата дека ми е празна.

 

  • Нè чека подобро утре. Ама не знаеме каде нè чека.

 

  • Се заљубив во Скопје. Има тука некаква хемија во воздухот.

 

  • Македонија е света земја. Сите се крстат кога ќе ја видат.

 

  • Беше лојален орган во партијата. Сега живее како бубрег во лој.

 

  • Беше левоориентиран, а потоа стана десноориентиран. Сега е дезориентиран.

 

  • Секој е невин додека не се докаже дека е член на опозицијата.

 

  • Пишував лошо за власта. Лошо ми се пишува.

 

  • Во нашиот фудбал сè е на место. Дури и натпреварите се наместени.

 

  • За да не го одерат, скапо си ја продаде кожата.

 

  • Македонскиот народ е среќен. Што е жив!

 

  • Сè додека ни солат памет ќе немаме ни за сол.

 

  • Оваа власт уште долго ќе живее во нашите мисли. Такви сме, злопамтила.

 

  • Власта успеа да ни обезбеди некои елементарни работи. Елементарни непогоди, на пример.

 

  • Македонија е најстара земја на светот. Ама светот на младите останува.

 

  • Во Македонија мора да си политички обоен. Или си плав од ќотек или си црвен од срам.

 

  • Државата ни е презаситена од гладни.

 

  • Многу сакам да живеам. Умирам за тоа.

 

  • Смртта ја дочека мртов ладен.

 

  • Ако ти лета паметот, ќе ти летне и главата.

 

  • Ноќна мора? Тоа е ноќта кога мора да ја слушаш жена ти.

 

  • Ни сме народ на место. Ама на погрешно место.

 

Марјан Анѓелковски е роден 1987 година во Скопје. Пишува и настапува низ земјава и Балканот со хумор, сатира и стенд-ап комедија. Неговите афоризми досега се објавувани во списанијата „Остен“, „Јеж“, „Носорог“, „Макс Минус“, „Шипак“, „Пулс 24“ и други весници, списанија и електронски портали низ Балканот. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и македонскиот афоризам.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.