Стравови

 

Од моментот на раѓање до моментот на смрт се соочуваме со стравови. Од најмали нозе, ги слушаме и учиме стравовите од повозрасните: немој таму, немој така, немој ќе се изгориш, немој ќе падниш, итн. Дури и да си послушал, ќе дојде ден кога неминовно ќе ги почувствуваш болката и стравот.

Но што би бил овој свет без малку страв. Зарем саде лезет?

 

,,Стравот ќе биде битен играч во твојот живот” вели Џим Кери.,,Но ти решаваш колку битен”.

Мисла 1

Она што не не’ учат повозрасните е како да ги победиме сопствените стравови. Тука веќе почнува индивидуалната приказна. Од примордијалниот страв од темнината, кога ни велат, нема ништо таму, нема од што да се плашиш, секогаш останува некоја ситна ронка од него дури и кога ќе пораснеш. Кога бевме мали со сестра ми, поголемите имаа обичај да остават една ноќна ламба вклучена, за да не ни е страв. Се сеќавам дека долго време си легнував пред сестра ми’ за да не мора да ја вклучам ламбата и со тоа да го пребродам стравот од темница и духови.

И туку што си совладал еден, на повидок е друг поголем. Уште и посилен од тебе се прави.

Стравот може да биде кловн кој не ти бил омилен, духовите под креветот, бубачки или пајаци, страв од височина, страв од познатото или непознатото, страв од иднината, итн. Безброј се.

 

Со време почнуваш да ги прислушкуваш своите стравови и уште поважно, да им се спротивставуваш. Преку нив учиш за себе, за светот околу себе, па и подалеку. За една вечер кога ќе сакаш да видиш дали вистински си го пребродил стравот од темница, па решиш да качуваш планина ноќе сам како предизвик, ти стане јасно дека има многу од што да се плашиш. Чудните звуци, светлини или појави од птици и животни, луѓето.

 

Но и покрај тоа, сам одлучуваш дали стравот ќе владее со тебе или ти со него. Дали тој ќе те јавне тебе или ти него. Се вели, единствениот пат да го надминеш стравот е да поминеш низ него. И ќе поминеш, само ти треба таа мала светлина на крајот од тунелот, речи ја вера, надеж, љубов или што и да е.

Leave a Reply

Your email address will not be published.