РАСКОШ НА МЕТАФОРИ

Бобан Ристевски

Кон романот Мостот на Дрина, Иво Андриќ; Култура, 1965

Есеј 2

 

Иво Андриќ, својата хроника за величествениот мост на реката Дрина, што се наоѓа до касабата (малиот град) Вишеград, што е директно поврзана со мостот, како и за народот што живее и живеел во тој извесен хронотоп (просторно-временска одредница), ја започнува прилично лежерно, од воспоставеноста на односите меѓу христијанските и муслиманските деца и нивните мали животи околу мостот, измиксани некаде помеѓу реалноста и фантазијата, толку типична за детскиот живот (но дали и за возрасните?!). Фантазијата може да биде и била дел од секојдневието на вишеградските деца, но фантазијата (според Голем Е Бог на Старец Клеопа), исто така е и едно од двете митарства или пречки, за слегувањето на умот во срцето, што се смета за базична состојба за остварување на една богоугодна молитва (другата пречка е разумот). Но, прекумерната фантазија може да биде инфантилност кај возрасните, а кај мостот на Дрина, сепак, на почетокот, се среќаваме само со детската игра (чиј, би рекле, неизбежен дел се фантазијата/имагинацијата/замислувањето)…

“Секако, едно се знае: меѓу животот на луѓето во касабата и овој мост постои блиска, вековна врска. Нивните судбини се така испреплеткани што не можат ниту да се замислат, ниту да се кажат одделно. Поради тоа, прикаската за изникнувањето и судбината на мостот, е во исто време и прикаска за животот на касабата и нејзините луѓе од поколение на поколение, исто така како што низ сите раскажувања за касабата, се провлекува и линијата на камениот мост на единаесет арки, со порта, како круна, во средината.” (18)

Мостот прво го замислило/се појавил во фантазијата на едно десетгодишно христијанско дете, во 1516 година (доцен Среден век, а дејството во романот трае отприлика четири векови, се до современото време), подоцна великиот везир Мехмед-паша, од родното село Соколовиќи, што било грабнато како аџами-оглан (децата што турската власт ги земала од христијаните, како данок во крв, за да направи од нив јаничари), од страна на еден јаничарски ага, кој со вооружена придружба се враќал за Цариград, откако го насобрал по селата на источна Босна определениот број христијански деца. Во кревката психа на ова дете, сите овие настани, што се детално опишани од Андриќ, како што е чудовишниот скелеџија што ги пренесувал луѓето преку Дрина, кога во Вишеград се уште мостот не постоел, оставиле длабок и тежок/болен впечаток.

“Како физичка нелагодност некаде во себеси – црна дага што одвреме навреме, за една секунда две, ќе му ги пресече градите надве и ќе го заболи силно – детето го зачувало споменот за тоа место каде што завива друмот, каде што безнадежноста и здодевноста на бедата се згустуваат и се напластуваат на каменитите брегови од реката преку која е поминувањето тешко, скапо и несигурно. Тоа било ранливото и болно место на таа и инаку ридовита и скудна краина, на кое неволјата станува јавна и очигледна, каде што човекот го запира надмоќната стихија и, посрамен поради својата немоќ, тој мора да ја увиди и појасно да ја согледа и својата и туѓата беда и заостанатост.

Сето тоа легнало во онаа физичка нелагодност што останала во момченцето тој ноемвриски ден и што не го напуштила наполно никогаш подоцна, иако го променило тоа животот и верата, името и родниот крај.” (24)

“Тој нов човек, кој израснал во туѓ свет, каде што ни со мислата не можеме да го следиме, морал да заборави се што оставил во крајот од кој го одвеле некогаш. Го заборавил несомнено и поминувањето на Дрина кај Вишеград; пустиот брег на кој патниците се тресат од студ и неизвесност, бавното, полно со црвојаднина скеле, чудовишниот скелеџија и гладните чавки над матната вода. Но она чувство на нелагодност, што останало од сето тоа заедно, не исчезнало никогаш наполно. Напротив, со годините и со староста тоа се јавувало се почесто: секогаш истата црна дага што ќе мине низ градите и ќе ги пресече со особената, добро позната болка од детинството, која се разликува јасно од сите маки и болки што ги донесувал подоцнежниот живот. Со затворени очи, везирот тогаш ќе чекал да помине црното сечило и да му мине болката. Во еден од таквите моменти, тој дошол на мислата дека ќе се ослободи од таа нелагодност ако го збрише она скеле на далечната Дрина, кај која бедата и секоја незгода се собираат и се напластуваат без престанување, со тоа што ќе ги премости стрмните брегови и лошата вода меѓу нив, ќе ги состави двата краја на друмот што е тука прекинат, и така за секогаш и сигурно ќе ја врзе Босна со Исток, местото на своето потекло со местата на својот живот. Така тој бил првиот што ја догледал во еден момент, зад заклопените клепки, цврстата и витка силуета на големиот камен мост што треба да изникне на тоа место.” (25-26)

Како лик/карактер е воведен неприкосновениот Абид-ага, чија задача е да ја надгледува и раководи изградбата на величествениот мост, според желбата и упатствата на прочуениот везир Мехмед-паша, кој на три континенти водел повеќе победоносни војни, кој ги проширил границите на турското царство, го осигурил него однадвор, и со добра управа го зацврстил однатре

Во пролетта онаа година кога падна везировото решение за градбата, пристигнаа во касабата негови луѓе со придружба, за да приготват се што треба за градењето на мостот. Тие беа многу души, со коњи, коли, разни направи и шатори. Сето тоа предизвика страв и забуна во малото гратче и по околните села, особено меѓу христијанскиот свет.

На чело на овој одред стоеше Абид-ага, главниот везиров довереник за градењето на мостот…

Абид-ага, со својот карактер, како олицетворение на тиранин, се коси со трезвеноста, толку посакувана и присутна во христијанската мисла, како предуслов за укинување на зачетоците на гревот (што сака да се вгнезди во душата), што е предуслов за слегување на умот, таму каде што му е местото – во срцето.

“Ова е третата есен откако народот кулучи на мостот и по ништо не може да се види дека работата бега и дека се ближи крајот на оваа невола. Есента веќе фати длабоко; попаѓаа лисјето, пропиштија патиштата од дождовите, Дрина е дотечена и матна, а голите стрништа полни се со троми чавки. Но Абид-ага не ги запира работите. На скудното ноемвриско сонце влечкаат селаните дрво и камен, шлапкаат со босите нозе или со “крвавите” опинци по раскалениот пат, се потат од напор и ѕемнат од ветрот, и ги стегаат околу себе црните думани, полни со нови дурки и стари крпеници, и ги врзуваат искинатите краишта на својата единствена кошула од груб лен, што поцрнела од дождот, калта и чадот, но тие не смеат да ја исперат, зашто би се распаднала во вода целата на ситни влакна. Над сите виси зелениот бастун на Абид-ага, зашто тој го обиколува и медемот во Бања и сите работи околу мостот, и тоа по неколку пати во денот. Тој е лут и јадосан на целиот свет што се кусат деновите, а работата не врви брзо како што би сакал тој.” (33)

“Народот лесно измислува прикаски и брзо ги шири, а стварноста чудно и неразделно се меша и се преплетува со прикаските.” (38)

Во мешањето на фантазијата и реалноста (Андриќ намерно игра на таа карта, преплетувајќи ги имагинативноста со вистинитото), Мостот на Дрина започнува пополека да се отплеткува. Тоа што на почетокот, прво беше назначено како некоја вила што го руши мостот, дознаваме дека е замисла на селанецот-работник на мостот Радисав од Униште, подоцна набоден на кол. Извесна група од народот/работници на мостот, увидувајќи го тешкиот труд што го вложуваат и не верувајќи во доблеста од еден изграден мост (како да не може да се поверува во пријателски односи меѓу христијани и муслимани), по иницијатива на Радисав, решаваат секоја вечер да уриваат и уништуваат дел од сработеното на мостот (под изговор и со оправдување дека тоа го прави некоја злобна вила (нереално суштество)). Абид-ага нема шанси да поверува во таква глупост, па го ангажира Плевљак, старешината на сејмените/стражарите, во рок од три дена, да открие кој е виновен за уништувањето на сработеното од мостот (бидејќи и Абид-ага има одговорност пред везирот), со закана дека ако не успее да го стори тоа, тој ќе биде набоден на кол (што му внесува страв во коските на Плевљак).

“Абид-ага беснееше. Го печеше тоа што може да се најде некој кој се решава и покрај неговата прикажана строгост, што ја негуваше тој како особен предмет на својата гордост, да преземе нешто против неговото дело и неговите намери. Исто така му се згадуваше од овој народ, и тоа како од муслиманите, така и од христијаните, кој е бавен и невешт во работата, но брз во подбивањето и непочитувањето, и умее толку добро да најде подбивен и разрушителен збор за се што не сфаќа или не умее да направи.” (40)

“Јадењето му е отровно, луѓето му се црни, животот му е одвратен само кога ќе помисли за тоа. Немилост, тоа значи да си оддалечен од везирот, да ти се потсмеваат непријателите (ах, само тоа е!), да си никој и ништо, да си партал и голтарак не само во туѓите, ами и во своите сопствени очи. Значи да го загубиш тешко спечалениот имот или, дури и ако го задржиш, да го грискаш скришум, далеку од Стамбол, негде во прогонство, во мрачната провинција, заборавен, излишен, смешен, беден. Не, само тоа не!” (47)

Кога е фатен како виновник за уништувањето на мостот, што е во изградба, Радисав дава ладнокрвно и рамнодушно објаснување, за тоа кој го наговорил да го уништува мостот, велејќи дека тоа е Сатаната/Ѓаволот…

“Шејтанот! Чуден збор, кажан вака огорчено во ваква необична положба. Шејтанот! И тоа го има, мислеше Плевљак, стоејќи сега со наведната глава, како врзаниот да го сослушува него, а не тој овега. Тој единствен збор го погоди во осетливо место и ги накрена во него наеднаш сите грижи и сите страхувања, во сета нивна сила и големина, како да не беа тие збришани со ова фаќање на кривецот. Можеби е навистина сето ова, заедно со Абид-ага, и со градењето на мостот, и со овој луд селанец, само ѓаволска работа. Шејтанот! Можеби е тоа единственото нешто од кое треба човек да се плаши? Плевљак се потресе, и се тргна. Поправо, го штрекна грмежниот и лут глас на Абид-ага.” (51)

Како контраст меѓу пастелното опишување на природата и најава за тоа што треба да се случи, Андриќ на вешт начин ја најавува една од најгрозоморните сцени со кои човек може да се соочи (по еквивалент грозоморно како и сечењето на делот од сопственото уво на Ван Гог)…

“Надвор се разденуваше. Сонцето не беше уште појавено, но целиот хоризонт беше светол. Длабоко меѓу ридиштата се гледаа облаци, растегнати во долги, темномодрикави појаси, а меѓу нив светлото и бистро небо, речиси зелено во бојата. Над влажната земја лежеа растурени купишта ниска магла, од која се подаваа китките на овошките, со наполно проредени и жолти лисја. Удирајќи постојано со грбачот по чизмата, Абид-ага издаваше наредби: ра се распитува кривецот и понатаму, особено за помагачите, но да не го мачат прекумера, со маки од кои би паднал; да се приготви се што треба за денеска на пладне да биде жив набоден на кол, и тоа на крајното скеле, на најиздигнатото место, така што да го види целата касаба и сите работници од обете страни на реката; Мерџан да приготви се, а телалот да викне низ маалата: дека на пладне на мостот народот ќе може да види како поминуваат оние што го смеќаваат градењето на мостот, дека тука, на едниот или на другиот брег, мора да се насобере сето машко население, Турците и рајата, старо и младо.” (52-53)

Плевљак се спаси, но Радисав е жртвата… “Кога човекот ќе достигне да биде Богопрозорлив, тој ја има оваа молитва, наречена “прозорлива”. Значи, исходи со умот толку многу, така што тој гледа овде каде што сме ние, колку има демони, бидејќи тие се многу, и колку има ангели. Се гледа. Го гледа оној кој го исчистил своето срце, ги гледа и мислите, мислите кои секој ги помислува. Неговиот ум станува толку чист, така што ти кажува што мислиш, односно што мисли другиот. На секого му ги знае мислите.”, вели Старец Клеопа во Голем Е Бог, зборувајќи за различните скалила или степени/височини на молитвата, што човек може да ги достигне… Овие размислувања за т.н. прозорлива молитва, не доведуваат до чувствата што следуваат понатаму…

Мостот на Дрина е роман на Иво Андриќ за кој ја има добиено Нобеловата награда за книжевност во 1961. година. Што се однесува до филозофските аспекти на делото, може да се каже дека основните елементи на визијата на Андриќ за животот се сведуваат на прашања за човековата судбина, на проблемот и искушението на моќта и на визијата за слободата. Човекот, во своето постоење, постојано настојува да освои поголем животен простор, од тој што го има, сака да ја зголеми својата моќ или, со својот ум, да ги помести границите на слободата. Животот е светлина над која постојано демне темнината. Темнината понекогаш ја прекрива светлината и тогаш касаблиите полека учат да не жалат за тоа што поминало, што е и главниот лајт-мотив на романот: животот е несфатливо чудо, бидејќи постојано се троши и прелева, а сепак трае и стои цврсто, како мостот на Дрина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.