Неразумни одлуки во „Неразумен човек“

Новиот филм на Вуди Ален, ,,Неразумен човек“, е еден од низата „Вуди Ален филмови“ во кои главната тема е бесмисленоста на животот.

Филм 2

Во центарот на вниманието е нашиот главен лик, Ејб Лукас (Јоакин Феникс), познат професор по филозофија чија задача е да внесе ,,живост“ во малиот фиктивен колеџ – „Брејлин“. Професорот што мисли дека ,,целата филозофија е само вербална мастурбација“ уште веднаш успева да ги шармира сите околу себе, особено нашите две хероини, Џил (Ема Стоун) и Рита (Паркер Поузи), со кои во текот на филмот развива романтични врски.

Но набрзо сфаќаме дека таа живост и ентузијастичност за академска интелектуалност и филозофија се засенети од мрачното минато на протагонистот, исполнето со смрт и со тага. Во филмот ја следиме егзистенцијалната криза на нашиот јунак, кој мисли дека животот е бесмислен, а своето гледиште за животот и својата депресивност на брилијантен начин ги искажува на една забава, кога на своите студенти им објаснува како се игра партија руски рулет ала Кристофер Вокен.

Едната врска на нашиот емотивно потиштен интелектуалец е со колешката по хемија, Рита, која, слично како Ејб, своите маки и својот несреќен брак ги дави во алкохол и во сништа за подобар живот во странство. Преку оваа врска сфаќаме дека Ејб веќе не ја поседува машкоста што го прави да биде најозборуван професор на факултетот. Неговото доаѓање е опишано како ,,вијагра“ за катедрата по филозофија, но наместо ,,вијагра“ добиваме ,,пасивен интелектуалец што не може да ебе“.

Другата, далеку поинтересна, пофилозофска и подлабока врска е таа помеѓу Ејб и неговата студентка по филозофија Џил. Иако Ејб се обидува да одржи една платонска љубов, Џил, маѓепсана од самата помисла на романтична и еротска врска помеѓу студент и професор, успева да дојде до срцето на нашиот јунак. Нивните долги филозофски разговори ќе ги однесат до едно кафуле, каде што прислушувањето на гостите до нив ќе ни ја даде срцевината на оваа приказна. Дури тука, на средината во нашиот филм, Ејб, професорот по филозофија, ќе ја најде смислата на својот живот, ќе преземе одговорност и на својот својствен донкихотски начин ќе реши да ја спаси дамата во опасност. Неговата одлука да направи криминален чин ќе ја поврати неговата машкост и ќе му даде причина повторно да живее, а како и во многу други филмови од Вуди Ален, криминалниот чин е, секако, ,,совршеното“ убиство.

Целиот филм е навистина возбудлив за следење, исполнет со длабоки и смешни филозофски разговори за Кант, Киркегард, Сартр и за плејада други, со кои Ален се обидува да ни ги долови границата помеѓу теоријата и практиката и целата филозофија за свет без Господ, во кој сите наши морални и етички одлуки и онака се неразумни. Сета оваа филозофија е поткрепена со веселата џез-мелодија на „Ремзи Луис трио“, ,,The In Crowd“, која прави цело време да цупкаме во неизвесност.

Leave a Reply

Your email address will not be published.