Мирисот на боровите

 

Мирисот на боровите

Знаеш, многу пати

сакав да прозборам гласно.

Се мачев со некои мисли

долго што ме двоумеа.

Не излегуваа од мене.

И на крајот победуваше тишината.

Таа беше победник,

беше доминантен воин,

качен на пиедесталот

кога се борев за љубовта.

 

Знаеш, сакав да изустам некој збор

за да испразнам некое

чувство од себе.

Зошто премногу имав.

И многу пати,

од кожата сакав да си излезам.

Неколку зборчиња

имав желба да ти ги дошепотам.

Но не успеав.

Секој пат еден силен мирис

доаѓаше од некоја страна

и ме замолчуваше.

 

Знаеш, јас сонував

со отворени очи,

како твоето срце испејува

некоја среќна строфа

од моите стотици песни.

И кога сакав да те прашам

која те радува најмногу,

повторно го чувствував тој силен мирис.

Мирисот од боровите беше тоа.

Високи, затворени,

останати долго таму

по дождот.

Не допрени од ветровите.

Пратив остар глас до нив,

и чекав одговор,

Чудно,

и до денес после дождот

само мирис ми испраќаат.

А јас не ти кажав ништо.

 

romanticism-2041418_1280

 

Основа на животот

Една река се моли ова утро.

Изгрева сонце од изворот

и ја обојува водата

во топлите тонови на палетата.

Со секое излевање на молитвите

тече спокојот.

Јас се поврзувам со тебе

и не дозволувам ништо да ме попречува.

Течи реко блаженство мое

исплимај ги мислите лоши од мене

за да се искапам мила моја

во спокојот на твојата душа.

Сакам да се вратам до основата на животот.

 

 

Два дена

Талка моето срце по тебе
како старец сред улица по младоста.
Замисли ги минувачите на патот
како бели лавови,
и кажи ми дали може поретки да бидат.
Значи просто речено
осамено, талка моето срце,
само да те пронајде.
Два дена поминаа од нашето
љубење и губење.
Прво се заљубивме,
а потоа се изгубивме.
Си мислам
во вода ли те пронајдов,
што како во вода те изгубив.
Те љубев од изгревот в петок
сè до изгревот в недела.
А од денеска се постаро.
Те љубев силно
во најтоплите бои на оганот.
А ти ми остави само
капки на телото,
да ги ладат раните од врелите часови.
Два дена талкаат мисливе
да ја пронајдат четириесет и осмата роза,
секоја минута во магичен час

со тебе помината,

четириесет и седум на мојот кревет,
последната си ти,
КАДЕ СИ ?!!

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.