„Мајсторот и Маргарита“ – историја на љубов, страдања, (не)постоење

Се случи и тоа, едно вонвременско дело да биде поставено на репертоарот на Македонскиот народен театар – „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков во режија на Иван Поповски. Истото ги оправдува и најголемите уметнички очекувања и ги проширува естетските граници во рамките на нашите театарски прилики.

 

Во големиот проект учествуваат шеесетина актери и друг вид уметничка и техничка екипа од МНТ.

 

Претставата е приготвувана неколку месеци, а непосредно пред претпремиерата режисерот имаше задршка во однос на првото појавување пред публиката.

 

– Вие сте главниот актер на претставата, без вас, без публиката не би имало претстава, можеби на почеток ќе дојде до грешка, пауза, можеби некаде ќе речам стоп со изведбата, –искрен изјави Поповски, но немаше потреба од тоа. Маестрална, брилијантна изведба. Пластично „раситнување“ на делото на Булгаков, за кое допрва ќе се зборува, пишува, без оглед на голиот факт дека е нарушен култот на театарот, дека политиканството ги затна здравите пори, дека репертоарот некогаш се мери и сече по теркот на моќниците, сепак ова е нешто што ги надминува сите тие рамки…

 

Претставата трае речиси пет часа (со пауза)

 

Поповски до премиерното изведување успешно ја криеше содржината на претставата, изјавувајќи дека е „невозможно да се издвои една или друга тема на романот“, но, сепак, успеа сè да долови. И оние три наративни тека на романот, трите различни, а сепак исти линии на раскажување. А низ приказната одлично претопување на сижејните линии и на сцената, која една со друга се вклопуваат, преку актерската умешност, но и со добрата музичка подлога, силните „лепени“ сцени, со моќната визуализација, на моменти и екранизација. Како што Булгаков успешно ги спои фантастиката и хуморот, така Поповски ги спои сите нишки во оваа претстава, поместувајќи ги границите на театарот. Последен пат овде, во 2001 година, ги режираше „Маседоан“ и „Дневникот на лудиот“.

 

Сета книжевна подлога на овој голем роман содржана е и вткаена на сцената на МНТ. Ако романот содржи елемент на фантастика уште посилно го имаме во драмската изведба. Модерната фантастика, уште повизуелна, уште помоќна на сцена.

Teatar 2

Од една страна, тука е Сатаната, се појавува веднаш на сцена, во првата секвенција, (улогата е доверена на Никола Ристановски), врвната личност на темните сили. Одлична костимографија – Марија Пупучевска, но и изразот на лицето, мимиката, тонот во гласот на Ристановски. Острина на око, со поглед што „сече“, и некако во неколку наврати некакво држање отстрана, од свиок, од лак, како лукавиот, како што умееше пластично да го претстави тоа професорот Димитар Пандев на своите предавања.

Во неколку сцени, па и на крајот при наклонот кон публиката, стои отстрана, како да не престанува магијата на сцената, како да трае и трае. А и оној друг реален универзум на Москва, видлив во сцената „Вариете“, преку танцот.

 

(Не)постоeње

 

Дилемите и полемиките остануваат исти. Со децении. Постои или не постои Бог?

 

Но преку материјалистичкиот поглед на стварноста на дваесеттите години на минатиот век во Русија, во дијалогот што го имаат Михаил Александрович-Берлиоз – Кирил Коруновски, и Иван Николаевич-Бездомни – Сашко Коцев, кои во воведниот дел се наметнуваат сами по себе како главни ликови, како оние што ја воведуваат таа дилема и нè воведуваат во стожерот на приказната, а Сатаната само се придодава на дијалогот, преку мислите, дилемите, но стреми кон постоењето.

 

А стихот од Евангелието ја доловува тишината, дилемата, па и појавата, преку музички ефекти (избор на музика – Иван Поповски), да ѝ ја долови на публиката сета морничавост во светот. Иако ги нема во романот, на сцената, сепак, попатно да ги споменеме овде стиховите од Евангелието по Лука: „Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата: А Јас се молев за тебе, да не потклекнеш во својата вера“ (Лука, 22:31).

 

Но, не веруваат, иако Сатаната ги разуверува дека постои Бог, дека Исус (Христос) постоел, дека Сатаната, како што самиот вели, бил на балконот кај Понтиј Пилат (Јордан Симонов), поради што подоцна Бездомни ќе настрада и ќе заврши во лудница.

 

Тоа е името, контоверзно во самата драма, но и во животот реален, та не ли е напросто чудно што тоа име го има и во една молитва во Символот на верата?! Таму, пак, на сцената веднаш беше асоцијација на болест, лудост. Шизофренија.

 

Затоа и испливуваат на површина сите тие кршења, недоразбирања, верувам и кај читателот додека го чита делото, мистичноста и убавината донекаде што по такво тешко читање имаме „разобличување“.

 

Низ сите текови на романот, и на сцената, Мајсторот ни се појавува некако „задоцнето“, го запознаваме некако на средината, како и во романот (кој во Македонија се има појавено по првпат 1996 г. во издание на „Табернакул“). Мајсторот – Дејан Лилиќ, и Маргарита – Драгана Костадиновска. Историјата на нивната љубов ја распознаваме преку наратолошката подлога на самиот Мајстор, кој во лудницата ги приповеда сите тие теми на Бездомниот околу создавањето и уништувањето на својот роман, книгата за Понтиј Пилат. Неговите страданија започнуваат кога книгата ја нуди на издавачот, а тука го препознаваме системот што гние, го насетуваме Берлиоз, кој подоцна смртно настрадува и неговите сенки, но и одразот на кризата во која запаѓа поради општеството што владее во тој период во Советска Русија.

 

Црна магија

 

Едно од тие поместувања е и тоа дека претставата е жива, дека не е само изведување на сцена, туку дека станува и дел од публиката. Тука ги согледуваме уште поизразени силата на доброто и силата на злото, а поминуваат покрај публиката, меѓу редовите, најмногу во сцената „Црна магија и нејзиното разобличување“. А тоа разобличување, гледано на репертоарот во настапот на Жорж Бенгалски, кој го игра Ивица Димитриевиќ.

 

Кога Аркадиј Аполонович Семплејаров – Александар Микиќ (и во улогата – Иван Савелевич Варенуха) бара разобличување, кое е неопходно. И навистина имаме разобличување. Прво, тој навистина седи во ложата во салонот на МНТ, зад публиката, второ, Фаг навистина изведува многу убедливи трикови. Парите навистина паѓаат озгора, и банкнотите се речиси уверливи, дури и дел од публиката е во искушение да ги дофати парите, да ја провери важноста, а меѓу редовите на публиката минуваат актери што се грабаат за парите.

 

Воландовата свита

 

Можеби е очекувано Воланд – Сатаната, дојде до израз во третата сижејна линија на претставата опкружен со својата свита Каровјев – Оливер Митковски, Мачорот Ханс Бегемот – Петар Мирчевски, Азазело – Ѓорѓи Јолевски, Хела – Ана Стојановска, но тие едноставно доминираат и присутни се и во првите текови на делото. Нивните сплетки, интриги и игри доловени се преку врвната актерска умешност. Како што тоа го покажа Митковски преку парадигмата на неколку ликови, неколку гегови, мимики и изрази…

 

Во големата актерска екипа со ништо не заостануваат: Доктор Стравински – Емил Рубен, Прасковја Фјодоровна – Катина Иванова, Јешуа Ха-Ноцри – Стефан Вуисиќ, Леви Матеј – Александар Ѓорѓески, Секретарот на Пилат/Григориј Данилович Римски – Лазе Манасков, Бескудников/Никанор Иванович Басој – Нино Леви, Арчибалд Арчибалдович/Каифа – Никола Ацески…

Leave a Reply

Your email address will not be published.