Книга на месец Ноември

Невидливи љубови
Владимир Јанковски
На 10 ноември во Младинскиот културен центар се одржа промоција на романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски.

Книга на месецот ноември 2

Се подготвуваше да излезе на пауза за да ја запознае Ана кога во болницата донесоа човек повреден во сообраќајка.
Филип веднаш излета во приемното.
Во повредениот го препозна Емил, пријател од студентските денови на неговиот помал брат. Сообраќајка во Кисела Вода.
По прегледувањето на снимката на главата, заклучи дека сè е во ред со Емил. Минорна повреда на главата, мал потрес на мозокот, раната е површинска. Имаше намера да ги тргне снимките настрана, кога Емил со сериозен тон го праша дали може да му направи една услуга.
– Секако – се насмеа Филип – сè за најдобриот пријател на Мартин!
Неговиот помлад брат Мартин, исто така лекар, веќе неколку години живееше и работеше во Австралија.
Емил малку се закашла, а потоа го изнесе својот предлог. Беше необичен, за волја на вистината. Иако со логични елементи и рационален заплет.
– Завчера со Лидија дискутиравме за развод. Веројатно е завршено со нас. Си одиме на нерви со секоја реакција. Не е важно што ќе направи некој, другиот не може да го поднесе тоа. Нема да издржиме долго. Во последно време, размислував што би можеле да направиме. Дури и правев некои ситни обиди. Недоволни, признавам.
Филип сталожено го слушаше. Од другата страна на затворената врата, на еден од пластичните столови пред ординацијата, чекаше жената на Емил. Дојде во болницата веднаш штом ѝ јавија за сообраќајката.
– Но, кога пред малку лежев на креветот во одделението, ми текна нешто. Нешто како можно решение. Знаеш, од оние просветлувачки идеи што се појавуваат кога ќе се соочиш со нешто сериозно, можеби и има некој термин за нив! Идејата ми изгледа разумна и можеби не претставува големо нарушување на лекарската етика. Иако ќе те разберам и ако не се согласиш.
– За што станува збор?
– Дали на Лидија би можел да ѝ кажеш дека од сообраќајката сум го загубил памтењето, дека не се сеќавам на ништо? Дека имам амнезија. Помислив дека тоа можеби би било нова шанса за нас. Нов почеток. Почеток од нула. Да се тргнеме од случувањата во последниве седум-осум месеци.
– Сериозен си?
– Би можел да ја посоветуваш дека, за да ми се врати сеќавањето, треба да ми раскажува за нашиот заеднички живот, да одиме на некои места на кои порано сме оделе заедно… Дека на тој начин би можело малку по малку да ми се врати сеќавањето. Го гледав тоа во еден филм, лекарот го советуваше оној со загубена меморија дека познатите предмети, места, ситуации, луѓе… можат да бидат некој вид мостови за враќање на сеќавањето. Идејата му беше дека одредени сеќавања најдобро се реконструираат во просторот во кој се случиле. Би било идеално Лидија да мисли дека не се сеќавам на ништо од нашиот заеднички живот. За почеток, нема да ја форсира идејата за развод, сепак јас ќе бидам болен, а таа ќе треба да се грижи за мене. Верувам дека ќе го сака тоа. Не мислам дека целосно ѝ се исушени чувствата кон мене. Сигурно малку ќе го промени односот, барем на почетокот. А јас ќе можам да се дистанцирам и да одморам од сè, првенствено од сопствениот живот. Веројатно од тоа ми треба најголем одмор. Во одреден период некој друг јас да го живее мојот живот. Или јас да го живеам сопствениот живот како некој друг. Логистиката не е проблем. Ќе земам неплатен одмор од работа. Парите исто така не се проблем, имам заштеда доволна за најмалку две-три години, а и платата на Лидија не е лоша.
Заврши.
Филип никогаш немал проблем со етиката. Поточно, отсекогаш верувал само во сопственото чувство за етика. Правилно е она што самиот ќе го одреди како такво. Како лекар, често се наоѓал во ситуации кога животот на другите се наоѓал во неговите раце. Тоа го правеше малку повеќе нарцисоиден и полн со самодоверба од она што обично луѓето се. Му даваше слободата да верува дека има право на некои само за него логични одлуки.
– Ќе го направам тоа… Ама само под еден услов!
– Кажи!
– Ако одвреме-навреме ми раскажуваш како се одвива случајот, поточно вашиот однос. Сакам да водам белешки. Секако, анонимноста ќе ви биде гарантирана.
– Нели никогаш не те интересираше психијатријата?

Leave a Reply

Your email address will not be published.