За кусиот расказ, кратко

Милислав Савиќ
Кусиот расказ е колекционер на парчиња, на фрагменти… Светот, според кусиот расказ, е во постојано распаѓање.

Метатекст 2

1. Кусиот расказ е чедо на божицата на краткоста. Нејзиниот сон е сè да се сведе на една единствена реченица, дури и на збор, во краен случај – на слог, на буква, на правописен знак.
2. Некој ќе рече, чедото на божицата на краткоста е афоризмот. Не, бидејќи мајката на афоризмот е божицата на мудроста. Кусиот расказ ништо не тврди и не докажува, неговата мудрост е во тоа што не му е до никаква мудрост. Сака убиствени коментари на коментарите на веќе напишаното и ненапишаното.
3. Кусиот расказ лета на крилјата на леснотијата.
4. Сврзникот И е мошне важен за тој лесен лет на приказната. Во значење И што тогаш, И што се случи потоа, И како заврши. Обично расказот не го поседува овој сврзник, неговиот вистински сопственик е читателот.
5. Кусиот расказ те кутнува наземи со својот крај, како со нокаут, како што тврди Михајло Пантиќ, и самиот мајстор-раскажувач. Остануваш без здив, и не можеш да си дојдеш на себе ни откако ќе изброиш до десет.
6. Тој завршен удар се легитимира и се најавува на почетокот. Кој обично е мамка. Бидејќи почетокот на кусиот расказ никогаш не најавува каков ќе биде крајот.
7. Кусиот расказ не сака мирни води туку брзаци кои се струполуваат во водопад.
8. Недореченоста му е сестра. Трите точки, видливи или невидливи, се најчестиот правописен знак на кусиот расказ. Ако не се три точки, тогаш секако е белината. Белината меѓу зборовите, белината меѓу редовите, белината на маргините. Да се чита кусиот расказ значи тој да се допишува. Авторството на расказот подеднакво им припаѓа и на писателот и на читателот.
9. Кусиот расказ е колекционер на парчиња, на фрагменти… Светот, според кусиот расказ, е во постојано распаѓање. И задача на расказот е да собира остатоци од скршени стомни, вази, статуи и сè друго што го претставувало или можело да го претставува тој свет. Но целта не му е да реконструира нешто од тие фрагменти. Не му е целта да прави вечност од моменти. Менадите не ги собрале и не ги погребале растргнатите делови на Орфеј, тие продолжиле да пеат, расфрлани.
10. Кусиот расказ ги сака зборчињата, видливи и невидливи, како „ммм“, „хм“, „аха“, „их“, „ај“, кои се составен дел од раскажувачкиот глас во кој имаме или немаме доверба, сеедно. Тие зборчиња се тука да се сомневаат во приказната, да ја иронизираат, да ја коментираат, да ја оспоруваат… Тие често не се ништо друго освен ц’цкање и мласкање, како при пиење добро вино.
11. Кусиот расказ треба и да се пишува и да се троши во мали количини. Инфлацијата го претвора од избрана слатка во помија.
Милисав Савиќ (1945) е српски писател, книжевен историчар и преведувач. Работел како уредник во неколку книжевни списанија, а предавал српско-хрватски јазик и југословенска книжевност на неколку светски универзитети. Автор е на три збирки раскази и на осум романи, како и на десетина книги од различни жанрови. Составил и неколку антологии на раскази. Добитник е на неколку награди за животно дело.

 

Извор: книжевно списание Багдала, број 500, април-јуни 2014

Превод од српски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Leave a Reply

Your email address will not be published.