Брановите ја носат оваа книга

Наде Поп-Гаврилова

Кон „Тиркиз во лето“ од Марина Мијаковска.

Рецензија 2

Најновата поетска објава на еминентната поетеса Марина Мијаковска носи егзотичен, солен, топол, нијансиран во сино наслов ТИРКИЗ ВО ЛЕТО. Пред очи ја имам оваа поетска книга со корица што плени, занесува, маѓепсува и стаписува. Ќе бидам нескромна, бев еден од првите читатели на поетската книга – хаику Тиркиз во лето од Марина Мијаковска. Пред да почнам да ја читам (првиот пат ја прочитав стоечки, пред еден излог), додека сензибилната Мијаковска со страст говореше за искуството и макотрпната работа врз книгата и работата во НУБ, сосема се исклучив, сосредочувајќи се на насловот на оваа книга со тристиси. Имагинацијата на умот веднаш му ја предочи раслоеноста на насловот, загадочното повикување да се земе в раце оваа книга. Насловот очудува. На потсвеста ѝ носи многу знаци и значења, па оттука секој што ќе ја погледне оваа книга ќе сака веднаш и да ја прочита. Насловот во бранови ни ги носи различните прашања и ни ги плиска в лице, при што нè буди и не поттикнува на размисла што е суштествено за секоја песна. А, ако песната почне да пулсира во вас уште пред да биде прочитана, наговестена само од насловот, тогаш со сигурност знаете дека насладата ќе биде значителна и ќе трае долго. Ќе бара препрочитување за повторно насладување. За каков тиркиз станува збор? За каменот тиркиз најден или загубен во лето, за тиркизната боја на Јонското Море во лето, за амајлијата, за минералот што исцелува, што го разгалува духот и ви носи благосостојба? За симболот на љубовта и богатсвото? За небесниот камен-симбол на животот кај американските индијанци? Што се крие зад насловот на книгата Тиркиз во лето? Кој одговор ќе го даде читањето на книгата?

Книгата е коципирана во четири носечки столбови на кои се темели насловот Тиркиз во лето: првиот дел Бел цвет во пролет, вториот Тиркиз во лето, третиот Злато во есен и последниот Сребро во зима. Циклусот на годишни времиња пролет, лето, есен и зима заокружуваат 365 дена во една година испеани низ хаику песни, насликани низ широкиот перцептивен распон на Марина Мијаковска така што во првите 40 тристиси најавува реалистични сензации за животните, инсектите, птиците, цвеќињата и природните појави што великолепно ја слават природата во нејзината бујност и разнобојност. Слики во добар кадар, со блиц од високо ја ловат моменталната состојба на звуците, работата на мравките, зракот на светулката во првиот дел од книгата со наслов Бел цвет во пролет и две хаику што почнуваат со истите пет слога:

9.

Бел цвет во пролет

Тиркиз во златно лето

Во есен зима

25.

Бел цвет во пролет

Ливада со зумбули

Бумбар врз кактус

Впрочем, секој циклус брои по 40 хаикуа, а веќе во наредниот Тиркиз во лето, носечкиот, се откриваат и пронаоѓаат дел од одговорите на поставените прашања: тиркизот – боја и тиркизот – скапоцен камен. Во првото хаику, спакуваниот куфер и островот со палми го навестуваат заминувањето на субјектот, збогувањето со морската шир, со тиркизната боја на Јонското Море:

1.

Спакуван куфер

Остров со палми спие

До видување

Низ тристисите од овој дел блескаат тиркизната плажа, азурната зора и тиркизниот камен. Понекогаш придобиваат и човечки карактеристики па цртаат, при што забележлива е повеќекратната употреба на реторичката фигура персонификација.

Злато во есен не ја носи само златната, жолтата боја на лисјата кога заспаната есен ги разбушавува дрвјата насекаде, ами и други описи и бои како зелената детелина на росна ливада во рана есен и магливото утро во пуст парк и клупа:

16.

Магливо утро

Есен на врат носи лист

Пуст парк и клупа

На крај зимата нè облекува во сребрена боја и свечено го завршува циклусот од 160 хаику пеења славејќи ги сите празници што таа ни ги носи под заедничкиот наслов Сребро во зима. Тристих испеан низ алитерација:

 

 

1.

Пердув од птица

Мразулец врз прозорец

Закачен ѕвонец

Освен звучните ефекти што ги создава римата и алитерацијата, освен персонификацијата, забележлива е и употребата на оригинални аналогии што читателот би требало сам да ги подразбере како во следново студено хаику:

15.

Шеќерна коцка

Замрзната долина

Во доцна зима

Тоа беше моето читателско задоволство што сакав да го споделам со сите вас што в раце ќе ја држите најновата поетска објава на поетесата, раскажувач, есеист и книжевен критичар Марина Мијаковска.

 

Скопје,

5.10.2015

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.