Најчести грешки при употребата на глаголскиот прилог

Глаголскиот прилог е нелична глаголска форма што се образува со додавање на наставката –јќи на глаголите од несвршен вид (читачитајќи, пеепеејќи, стоистоејќи). Се употребува за да означи дејство што се врши паралелно со некое друго дејство. На пример:

Читајќи ги лекциите, го потцртуваше најважното.

Таа секогаш работи пеејќи.

Не ми е јасно како можеш да јадеш стоејќи.

Притоа, треба да се има предвид дека дејството означено со глаголот во лична форма и дејството означено со глаголскиот прилог секогаш ги врши ист субјект. Оттаму, не се правилни примерите од типот:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, нејзината глава допирајќи го плафонот.

Иако е јасно дека станува збор за ист вршител на дејството, ваквата реченица не е правилна затоа што тоа треба да биде претставено и граматички. Значи, примерот би требало да гласи:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, при што нејзината глава го допре плафонот.

Или, ако сакаме да го задржиме глаголскиот прилог:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, со главата допирајќи го плафонот.

Оттука, не се правилни ниту примерите кога употребуваме глаголски прилог во комбинација со безличен глагол, како на пример:

Имајќи го предвид горенаведеното, може да се заклучи следното…

Во овој случај, би требало и во првиот дел од реченицата да употребиме безличен глагол, па примерот би гласел:

Ако се има предвид горенаведеното, може да се заклучи следното…

Или, пак, во вториот дел од реченицата да употребиме конкретен вршител на дејството:

Имајќи го предвид горенаведеното, може да го заклучиме следното…

Како што е кажано погоре, глаголскиот прилог се употребува единствено за означување истовремено дејство, па, така, со него не може да се означи последователно дејство, цел или некаков причинско-последичен однос. На пример:

Не стигна навреме, пропуштајќи го автобусот.

Овој пример би требало да гласи:

Не стигна навреме затоа што го пропушти автобусот.

Правописно, кај глаголскиот прилог најчесто се греши кога тој се пишува со к наместо со ќ, како што е правилно – читајќи, а не: читајки; пеејќи, а не: пеејки; стоејќи, а не: стоејки. Освен тоа, се греши и при пишувањето на неговата негација – како и кај личните глаголски форми, честичката не се пишува разделено од глаголскиот прилог (не слушајќи), а не слеано, како што често се случува во практиката (неслушајќи).

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.