Камен од Розета

Терминот Камен од Розета се употребува во контекст што значи расчекор кон ново поле на знаење.

Reality is that which, when you stop believing in it, doesn’t go away.

–       Philip K. Dick

Дипак Чопра, својата книга Патот на магионичарот/The way of wizard, ја започнува со следните реченици и размислувања: “Луѓето често прашуваат зошто јас, кој доаѓам од Индија, сум толку заинтересиран за магионичарите. Мојот одговор е овој: Ние во Индија се уште веруваме дека магионичарите постојат. Кој е магионичар? Тоа не е некој кој само изведува трикови, туку некој што може да поттикне преобразба… Секоја година бев се поуверен во тоа дека нивното знаење ни е се попотребно… Во секој од нас се наоѓа еден магионичар. Тој гледа и знае се. Зошто ни е потребен патот на магионичарот? Потребен ни е за да од обичното не издигне до вредноста што ја сметаме за мит, но која всушност е на дофат на раката, овде и сега… Внатрешниот магионичар сака да проговори, тоа важи за секого од нас. Но, потребна му е прилика, отворање. Како зен коан, изреките што поттикнуваат такво отворање создаваат помак во забележувањето, што може да овозможи напредок во доживувањето на сопствената реалност.”

Во овој цитат се содржани некои базични вистини за магионичарите или окултистите, на пример, дека во секој човек, во секое човечко битие се наоѓа еден магионичар и тој ја има способноста да гледа и знае апсолутно се. Тука може да се направи разлика меѓу две основи или рамништа на полето гносеологија кај човекот. Човекот во човекот, тоа што е хумано во човекот, базичната човечка природа/есенција е тој што може и треба да направи разлика меѓу тоа што го знае и тоа што не го знае (во секоја животна ситуација). Додека, магионичарот во човекот, тоа магично битие што се развива во текот на животот, што функционира како, да го употребам изразот/синтагмата, божествена магија (divine magic), нешто што го чувствуваме длабоко во себе, но и како нешто сеприсутно, е тој што секогаш, во секоја животна ситуација и во секој момент, може и треба да знае и гледа апсолутно се. Со ова се доведува во прашање дали гносеологијата е дисциплина на философијата или, сфатена постриктно, како стекнување на мудрост, може да кажеме дека е пред се, иманентно и суштински, поле на интерес и на проучување на магијата/окултизмот.

Понатаму, Дипак Чопра објаснува: “Каде и да живееле – во длабоката шума или во пештерите, во кулите или во храмовите, магионичарите се постојано барани. Исто така, тие патувале и под разни имиња како философи, видовити, шамани и гуруа. “Кажете ни зошто патиме. Кажете ни зошто старееме и умираме. Кажете ни зошто сме преслаби за на себеси да си приуштиме добар живот.” Единствено магионичарите се способни да ги ослободат смртниците од теретот што се наоѓа во толку тешки прашања… Гледајте над своето ограничено јаство, за да го видите своето неограничено јаство. Продрете преку маската на смртноста и пронајдете го магионичарот. Тој се наоѓа во вас, единствено во вас. Кога ќе го пронајдете и вие ќе бидете видовити… Ако седите во тишина и неколку минути слушате, зборовите ќе потонат во вас. Допуштете го тоа, а потоа допуштете мудроста да го направи своето… Дозволете и на водата на мудроста да продре во тајните премини на вашето битие и посматрајте. Магионичарот е во вас и тој сака само едно: сака да биде роден.”

Што се однесува до моќта на зборот/овите/јазикот или способноста на јазикот (во пишана или усна форма) во себе да чува знаење (теоријата за тоа дека во одредени зборови од македонскиот јазик има езотерични/магични кодови и елементи (со што се согласувам) подетално е објаснета во Розата од вода од Едни Македонци), Кирил Пенушлиски во Митот и фолклорот го дава следното објаснување за настанокот и функционирањето на баењата (како една од најживите форми или начини за употреба на јазикот): “Баењата во фолклористиката се сметаат за усни творби, вербални магиски формули, кои во очите на неукиот, суеверен човек имаат некаква таинствена волшебна сила. Верувањето во таинственото, инаку, се родило уште во времето кога нашите далечни предци живееле во природата и кога не биле во состојба да си ги објаснат нејзините сили (на пр., громот и светкавиците, силните ветрови, поројните дождови и сл.); тие ја чувствувале својата немоќ пред нив; природата им изгледала непријателска и одухотворена. Од стремежот да се заштитат од се она што ги плашело и им причинувало разновидни страдања, се родила идејата дека тоа може да се постигне ако се воспостави контакт со силите на природата, ако со нив се разговара исто онака како што тие меѓусебно се договарале.” И понатаму: “Меѓутоа, постепено, на магиските формули за баењата, бајачките (бајачите) почнале да им придаваат поголемо значење отколку на обредните дејства и со тоа почнала да се шири магиската сила на зборовите во баењата.”

“Говорот е основна форма на комуникација што се користи во нашата култура – сите сме способни да произведеме широк дијапазон од звуци/шумови со нашите усти и како што зборот ‘маѓепсништво’ сугерира, гласот има моќна улога во магијата, во сите времиња и култури.” – вели британскиот окултист Фил Хајн (Phil Hine). Гласот и говорот секако дека се клучните и основни елементи во посебното користење на јазикот од страна на секоја поединечна индивидуа. Но, што е јазикот?

“Оттогаш почнав да обрнувам внимание на лингвистиката. Пополека во главата ми се формираше идеја која беше базирана на можноста од еден луциден начин на кодирање. Знаењата можат да исчезнат ако ги чувате на хартија или камена плоча, но ако ги кодирате во самиот јазик тогаш народот тоа знаење ќе го носи со себе се додека постои, дури и доколку го заборави и стане потполно несвесен дека го поседува. Имено, јасно ми беше дека јазикот е средство со кое се опишува, како што прстот е средство со кое се покажува, и како што со прстот можете да покажете на се освен на самиот тој прст, така и со јазикот можете да ги истражувате и опишувате сите тајни, освен тајната што е кодирана во самиот јазик.” – Розата од вода, Едни Македонци.

Понатаму, од истата книга: “Сите овие работи од математиката, физиката, квантната физика и кибернетиката, за кои што е претходно пишувано, се познати од порано, но на “крај памет” не би ви паднало дека во македонскиот јазик тие се кодирани на ниво на архетипови. Јазикот всушност е Lux Hermeticum, или преведено на македонски – “скриена светлина”, што, пак, е неверојатно слично со самиот збор санскрит, односно “нашиот” буквален превод сан (с’н, сонце) и скрит (скриено). Во светот, кој очигледно е нелинеарен, многу тешко е да се напише една ваква книга и во неа да се смести се што сакате да кажете со класична линеарна драматургија. Обидите на човештвото да постави линеарен ред во една таква жива материја каков што е јазикот, се чини не само што се утопија, туку би рекле и многу штетна утопија.

Фердинанд де Сосир, основоположникот на модерната лингвистика, исто така, има линеарен поглед на оваа проблематика, што е апсолутно погрешно. Во неговите општи начела (Општа лингвистика) стои дека лингвистичкиот знак е произволен, што не е точно. Кириличната буква “Ф” е цртеж на срцевата чакра, а од таму е извлечена и нотата “фа”, која одговара на истото, што јасно покажува дека таа е идеограм – слика земена од самата природа, модел на теоцентричниот универзум. Сепак, Де Сосир своите тези ги базира врз анализа на веќе добро “исчистените” јазици, каков што е латинскиот јазик и од него дивергираните западно-европски јазици, односно воопшто не ги анализира санскритот и архаичниот Санскрит, јазикот на Аријците, од кој всушност потекнуваат европските јазици и кој е најприсутен во лингвистиката на Словените. Што се однесува, пак, до евентуалната езотерија што е кодирана во него, кај Де Сосир нема ниту трага од неа (всушност, тоа би било самоубиство за него како научник).”

Во човековата комуникација (со јазик или без/со молчење), кога на едно место се присутни двајца/тројца или повеќе, доаѓа до израз нешто што ја трансцендира/надминува самата вербалност, нешто што по самата своја природа е екстратерестеријално и божествено: „Еден од духовните извори и поткрепи за ваквата троична концепција на дијалогизмот и на самата категорија на Третиот, се наоѓа во подалечните епистемолошки извори, во теолошките системи на јудаизмот и на православното христијанство. Од една страна, во Талмуд се вели: „Во секој дијалог учествуваат три лица”, со што се алудира на присуството на трансценденталниот, Трет учесник, односно врховната божествена инстанција, во рамките на дијалошката комуникација, која во јудаизмот посебно го негува дијалошкиот однос на индивидуата со Бога, општењето преку молитвата, но и преку системот прашања и одговори за устројството на светот.

Од друга страна, православното христијанство ја застапува концепцијата за троичниот Бог, што ги подразбира и раслојува трите рамноправни инстанции на божествената моќ, авторитет и на неприкосновеност: Отецот, Синот и Светиот дух – покажувајќи ја така комплексната, немонолошка претстава за структурата на врвниот онтолошки ентитет – Бог!

Кога, на сличен начин, кај Бахтин ќе прочитаме дека “речта е драма во која учествуваат три лица”, тогаш и во рамките на оваа металингвистичка концепција на исказот, која очевидно оперира не само со видливите, непосредно присутни и искажани учесници и аспекти на јазичната комуникација, туку и со другите, непосредно неискажливите, невоочливите и отсутни собеседници, фигури и инстанци што ја збогатуваат комплексноста на исказот, ќе распознаеме извесни духовни одгласи на јудео-христијанската традиција, којашто Бахтин, исто така, суверено ја познавал.” (еден од врвовите, ако не и самиот врв на македонската теоретска мисла – преземено од генијалната докторска дисертација на Елизабета Шелева, Од дијалогизам до интертекстуалност (Магор; 2000))

Повеќето (ако не и сите) области на човековата мисла: философија, религија, митологија, фолклор, психологија, антропологија, теорија на фикција, книжевно-уметничка фикција/поезија, наука, итн.; ако ги анализираме како гранични стратуми/слоеви на научно-истражувачката мисла/метод (и поетичност), во поширок контекст на подрачје во кое се спојуваат артистичкото и сциентистичкото, може, во конечна смисла, да се соединат и да бидат сфатени како гранки (извори на знаење) од поголем систем на зна(ч)ење и мудрост, наречен – магија/the occult (сфатена како врвна духовност или канализирање на среќа).

Окултизам (occult, од латинскиот збор occultus – скриено, тајно) е знаење за скриеното/тајното (knowledge of the hidden). Во англискиот јазик, зборот/терминот occult се однесува на “паранормално знаење”, како спротивно на “измерливото знаење” или наука. Терминот окултно понекогаш се користи за да означи знаење што е наменето само за одредени луѓе или што мора да биде тајно/да остане во тајност, но за повеќето окултисти тоа е едноставно студирање/проучување на подлабока спиритуална/духовна реалност… Термините езотерично (esoteric) и arcane го имаат истото значење и најчесто трите термини се користат како синоними.

Магии – култови дејства преку кои се измолува помош од бесовите за излекување, среќа и др. (бела магија) или за причинување зла на луѓето (црна магија). – (фуснота во Православен Молитвеник)

Ова ни кажува дека има бела и црна магија, односно дека тој што се занимава со магија – магионичарот, може да биде од светлата или од темната страна (или во одредена фаза од животот повеќе да биде наклонет кон светлината или кон темнината; како јинг-јанг знакот – во секое црно има малку бело и во секое бело има малку црно; или како што се верува за Ѓурџиев, духовниот учител, дека во подоцнежниот живот се насочил кон црната магија)… Иако и ова е дискутабилно, бидејќи во уводниот дел на Православниот Молитвеник (Струмица, 2011), стои дека нема никаква заедница помеѓу светлината и темнината (со што, во овој момент, не сум подготвен да се согласам).

Претходните цитати, од областите наука, религија и мистика, недвосмислено укажуваат на допирните точки помеѓу тие области и на тоа дека сите нив можеме да ги согледаме како соединети во поголем систем на значење и мудрост, наречен магија. Камен од Розета е артефакт на кој има три реда текст, според кој е дешифрирано египетското хиероглифско писмо. Како што Каменот од Розета послужил за откривање на едно писмо (дискурс, текст), така оваа студија може да послужи како доказ/пример за поврзувањето и соединувањето на разните платоа на човековата мисла во конечниот систем, наречен магија.

Јазикот (вербален) е базичното средство за комуникација меѓу луѓето (не помалку битни се, секако, и гестовите, мимиките, ставовите, тонот на гласот/интонација, итн.). Може да се каже дека јазикот, својата најсовршена еманација ја добива во контекст на философијата, како јазик на философијата! Но, дали навистина е така или за јазикот на философијата може да се каже дека е, всушност, јазик на магијата (во таа смисла, философијата (и целото философско знаење) може да ја сфатиме како гранка на магијата)!

Теоретичарите на литературата, Рене Велек и Остин Ворен, во нивното дело Теорија на книжевност, прават разлика помеѓу книжевноста, сфатена како создавачка дејност или уметност и проучувањето на литературата, што иако не е баш наука, претставува некаков вид на знаење и ученост. Со цел да дојдат до методите што ги користи книжевната теорија или наука, тие истакнуваат дека разликата помеѓу природните науки и историјата (според А. Д. Ксенопол) е во тоа што првите се бават со “факти што се повторуваат”, додека предмет на историјата се “факти што се нижат”. Во воведот на својата студија Semiotics for beginners, Daniel Chandler не потсетува дека реалноста е систем од знаци. Претходните забелешки и заклучоци може да се поврзат со некои од истражувањата на познатиот психоаналитичар Карл Густав Јунг во однос на магијата, во врска со тоа дека жителите на примитивните средини како што се џунглите, го следеле текот на настани (или знаци) што им се случуваат во текот на еден ден (на пример, дали превозното средство ќе падне од мостот по кој минува), за да можат да одлучат или проценат каква ќе им биде следната постапка или едноставно, да увидат дали тој ден имаат среќа или не.

Свеста е или претставува извесен квалитет или состојба на свесност или да се биде свесен за некој надворешен објект или за нешто во себеси. Таа се дефинира како свесност, субјективност, способност да се доживува или да се чувствува, разбуденост, да се има сенс или осет за себеси, односно, за сопственото јас и за контролниот систем на умот што извршува.

Западните философи, уште од времето на Декарт и Лок, се обидуваат да ја разберат природата на свеста или на свесноста и да ги означат нејзините суштински особини. Темите на интерес во философијата на свеста се однесуваат на тоа дали концептот за свеста е фундаментално кохерентен, дали свеста воопшто може да биде објаснета на механички начин, дали постои свест што не е човечка и ако постои како може да биде препознаена, каков е односот на свеста кон јазикот, дали свеста може да биде разбрана на начин што не бара дуалистичка дистинкција помеѓу менталната и физичката состојба и дали е можно машини како компјутерите или роботите да бидат свесни, тема што се проучува во подрачјето на артифициелната интелигенција.

„Дејвид Ливингстон, по своите патувања низ Африка, објавил дека не познава ниту еден народ на Земјата, без оглед колку и да е примитивен, кој нема претстава за бог. Кај сите народи што ги запознал, дури и кај најпримитивните, постоела основна свест за постоење на бог.

Бог го запишал познанието за него во срцето на секој човек, така што луѓето да можат вистински да го спознаат. Повеќето луѓе во мојата земја и во други земји во светот тврдат дека веруваат во Бог, но изјавата дека Бог постои, сама по себе, не е доволна за пријателство со Него и за обезбедување вечен живот. Тие нешта доаѓаат преку лична вера во Исус Христос.

„Секој човек во себе го носи внатрешното сведоштво дека Бог постои.”

(Пол Енс, Поблизу до Господ)

На едно повисоко ниво на свест и свесност, човекот може да дознае и открие дека може да направи да се случи ослободување од кармичките окови. Под карма го подразбираме законот на причина и последица, односно, што сееш – тоа ќе жнееш.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
За книгата „Алхемија на 21 век“ на Душко Крстевски
Рецензија на Лидија Капушевска Дракулевска за книгата Алхемија на 21 век на...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *