Седумте демони на концептуалната уметност

Демонот на Енди Ворхол спиеше во постелата. Додуша, Енди беше мртов, а демонот размислуваше за нова уметничка кариера. Ќе се врати ли можеби старото добро сликарство? Здосадено ми е да бидам пост-дух. Кичот е култ кон културата. Пред него – огледало во кое ќе може да се види ноќе пред свеќа, црномагиски психоритуал во кој всушност субјектот го гледа вистинското себство. И тогаш духот (кој инаку беше типичен Американец кој вежба јога) виде седуммина други духови, како седумте чакри на едно исто тело:

  1. Концептуалната уметност ја сведува уметноста на првичниот концепт. На нешто кое секој може да го научи, направи. Концептуалата е прибежиштето на медиокритетните полу-интелектуалци. Концептуалата предлага дека нема ништо повеќе од површината. Симболизмот во концептуалата е површен. И површината е површна во концептуалата!

Духот се замисли: „Точно…Почетната претпоставка дека до делото мора да се дојде преку концепт, односно на интелектуален начин е толку…ограничувачка. Како јас гледам на нештата, моментот на уметничка инспирација историски секогаш бил резултат на интуиција, искуство (некаква животна сторија) или пак силна емоција(во религиозната уметност),  додека интелектот служел за доработка на делото за да го направи разбирливо за публиката, давајќи ред во хаосот. Што се случува кога интелектот ќе биде твојата единствената алатка? Концептуала е кога тргнувате со мислата „ќе направам дело што ќе им се допаѓа на другите“. Наместо одвнатре(субјективно), тргнувате однадвор(објективно) и со пазарната логика на Западот очекувате дека ќе биде супериорно. И наместо тоа, вие создавате нешто кое не личи на вас, нешто толку далеку од вашата личност што дури може и да ви се допадне. На лошиот начин. Уметникот не страда од немање инспирација, уметникот страда од тоа што се плаши да создаде нешто што ќе биде вистински негово! Така тој прибегнува кон концептуалата. Демонот доаѓа во вашата соба и ве тера да бидете некој друг.

Тоа Холивуд го прави со години, создава преобјективна екстернализирана филмографија, толку објективна, дури хиперреална, што таа е деперсонализирана. Ликовите едноставно не се битни , тие се обични и се заплеткани во приказната којашто има толку изненадувања што е повеќе каталог отколку еклектичност. Дехуманизирана и деантропоморфизирана ни е постмодерната. Привлечен креативен хаос, но хаос кој нема смисла…Хаосот доаѓа од срцето, а не се создава вештачки преку концепт. Очигледен пример се америчките книжевни бестселери, Ден Браун или дури Стивен Кинг…Уметноста создадена со интелект е премногу – пресметана…Некој ќе рече, но ние еволутивно се движиме кон екстремно интелектуално општество и еден ден кога киборзите ќе дојдат…Не! Еден ден кога киборзите ќе дојдат и тие ќе имаат свои емоции и интуиции и процесот ќе почне одново. Како што во „A scanner Darkly“ на Ф. Дик и роботите се личности.  Концептот ќе си остане досаден и нецелосен како што е досадно и нецелосно да се биде интелектуалец. Ерата на интелектуалците поминува – си помисли демонот- а доаѓа бионичкиот синкретизам…Ќе морам да се преобразам за да бидам уметник– и исчезна во ноќта.

  1. Концептуалата критикува за да критикува. Експериментира заради експериментирање. Таа е новиот ларпурлартизам. Се негира самата себе. И повторно тавтолошки- негира заради негирање. Бесмисла заради бесмисла.

-Не може ли „критичарот да биде уметник“?- воскликна демонот цитирајќи го Оскар Вајлд, односно насловот на негова книга…Зошто сега овие поделби..

Концептуалата е како критика на општеството која ја има повеќе од материјалот кој треба да се критикува – од една ангажирана авангарда таа се претвори во доминантниот уметнички дискурс, во манир кој во отсуство на уметничка продукција, се критикува себеси како последно прибежиште, правејќи спектакл од истото. Ние веќе немаме уметност, само критика на уметноста!  А од 90тите па навака ние уште ја третираме концептуалата како историја, па ликовните уметници наместо да создаваат се бават само со дробење за и околу нејзината легитимност. Уште полошо од тоа, ја слават како некаква врхушка на векот, правејќи романтични приказни од неа. Критиката не смее да биде спектакуларна, тогаш таа губи од кредибилитетот.  Не само концептуалата туку и самата критика стана музејска историја. Ја внесовме во академиите и факултетите како поважна од нејзините претходници. Опасна демагогија е тоа што концептуалата стана академски изучувана, иако парадоксално – како може да биде изучувано нештото кое (треба да) бега од правилата? „Не може некој да те учи да бидеш демон, или си или не си“ – се вообрази демонот.

Оригиналност заради оригиналност, новитет заради новитет. Оригиналност по секоја цена, по цена на губење на онтологијата на делото. Не, но гледај, концептуалата  не е оригинална, таа ја имитира оригиналноста, ја сведува на манир. Манирот на правење скулптура од лименки Кока-Кола. Манир заради манир. Најупотребувано е преместувањето. Јукстапозиција, но не како во надреалистичките дела туку бесмислена. Концептуалната уметност сака да ја сведе оригиналноста на обична и површна јукстапозиција на ентитетите. Јукстапозиција заради јукстапозиција.

  1. Ги негира емоциите во целост, заменувајќи ги со насилство. Ја исмејува самата смеа. Исмејува се’ што постои. Таквата тоталност, личи само на едно – тоталитаризам. Дури и хронолошки, раѓањето на соц-авангардата се совпаѓа со раѓањето на тоталните идеи во 20тите. Секако тоталитаризмот порано беше воен, денес тој е „тоталитаризам на глобалниот пацифизам“ – сите мора да се преправаме дека се сакаме и никој не смее да му пререче нешто на другиот бидејќи тоа било говор на омраза. Денес имаме тотал-авангарда!

Но, каков тоталитет кога концептот е секогаш она, недовршеното? Концептот е кога си на пола пат до своето дело – не си ни премногу длабоко, ни премногу плитко. Ти си во средината- ти си медиокритетот. Но, како да се критикува средината? Медиокритетот не ни остава простор да критикуваме – тој ја победува критиката не оставајќи и’ материјал ниту простор за критика – празнината не е ни добра, ни лоша. Исто како и кичот, концептуалата ја победува критиката оневозможувајќи го нејзиното постоење. Кичот го прави тоа водејќи не во некој стар контекст, или релативизирајќи го контекстот(нацистите секогаш го фаворизираа историскиот релативизам) – концептуалата го прави тоа уништувајќи го или исмевајќи го истиот. Како лажен анархист концепетуалата повикува на рушење на сите уметнички контексти во потрага по слобода, притоа повторно задржувајќи се на површината. Но, длабочината не е можна без уметнички контекст. Рушењето не е можно без првичен контекст.

Медиокритетите медитираат во медиумот на глупоста. Тие не се добри, туку само интересни. Тие не се паметни туку се само итри,  тие не се револуционерни, само револтирани. Тие не се актуелни, само минливи. Тие не го знаат највисокиот трик на системот – а тоа е дека тој ги користи за тие да бидат негова декларативна опозиција. Декларативна левица. Тие се контролирани.  Медиокритетите имаат висока социјална интелигенција – но, благодарение на нејзе, ја изгубиле секоја друга можна интелигенција!

  1. Ја исмева основната уметничка постапка – метафората, сведувајќи ја на рудиментирана компарација. Концептуалата ја популаризира старовремската бинарна логика. Или-или. Концептуалата е заостанат европски концепт кој ги  рефлектира статичните гледишта за светот.

Таа се бави со еднодимензионалните операции: линиско преместување, бесмислено колажирање, вештачко лепење на елементите во инсталацијата кои не прават никаква целина. Операција „јукстапозиција“, но само на површината. Преименување на ентитетите, а не нивно менување. Наместо наратив, обична промена на етикетите или мрзливо испревртување на постоечки наративи. Анализа наместо повисока хегеловска синтеза! Лакановскиот death drive…

Минливост наместо живот. Есхатологија на предметното. Концептуалната уметност е против основниот порив на уметникот да се бави со вечното и вечноста на неговото дело: концептуалниот уметник сака неговото дело да е конечно, да биде актуелно само во моментот, а потоа да биде засекогаш заборавено.  Поентата на вампирот Бела Лугоши не е во е во неговото убивање жртви, туку во неговиот вечен живот – помисли демонот и се напи од крвта.

chen-wenling-2

И како и би можело да биде запаметено нешто кое е празно одвнатре? За разлика од кичот кој имитира полнотија, концептуалата ја признава својата празнотија. Во ред, во таа смисла, концептуалата е поискрена и поблиску до реалноста, но еднакво конформистичка. Концептуалата е новиот кич. Кичот е лажен, но концептуалата е хипер-искрена – што е исто така лага!

  1. Негирајќи го, денешната концептуала го популаризира капитализмот, некрофилијата, култот кон парите. Таа е фашистичка во својот некро-техницизам. Бегајќи од патетики и екстреми, концептуалата е екстремна во својата неутралност, неутралност каква што е игнорантноста на оттуѓениот современ човек.

Живееме ли во демонскиот замок на рамнодушноста? Нам ни треба повеќе војна! Политички земено, постојат два вида концептуала: едната се држи до својата општествена ангажираност и луцидно ги исмева тековите. Тоа беше концептуалата на првата половина на 20ти век. Но, како одиме понатаму, гледаме една девијација на духот, гледаме како концептуалата стана конформист или можеби тоа се случи со целата младина: корпорациите станаа толку моќни што купија се’: ја купија и андергаунд уметноста. Наместо концептуала добивме пост-концептуала која само декларативно е ангажирана, а всушност повеќе наликува на апсурдистичкиот театар на Бекет. По падот на Берлинскиот ѕид пазарната десница победи во Студената војна и со својата либерал-капиталистичка филозофија ја понесе со себе и уметноста. Но, дали денешните концептуалисти се заглавени во старите концепти на 20тиот век? Проблемот на пост-концептуалта е што таа толку многу се занимава со концептуалата! Како што пост-модернизмот не може да се откине од модернизмот! Заслужува ли денешната концептуала да се нарече концептуала? Тоа што ни треба е нова концептуала која ќе ја подвргне денешната.

  1. Денешната концептуала одамна го напушти европоцентричниот минимализам. Го замени со буржоаски конзумеризам и самата стана помпезно тешка. Ако порано минималистичкиот култ беше самата материја, и нејзината полнотија, денес материјата е прикажана како релативизирана и празна, минлива…а сепак, толку тешка…

Така е, евроминимализмот  беше заменет со американски конзумеризам. Повеќе е повеќе или помалку е помалку? Или „Помалку од ништо“ – како што гласи насловот на скорешна книга од Жижек која се обидува да го воскресне минималното?

Држењето до материјата наместо до духот беше одлика на индустриската ера и добра финта како да се портретира тогашното општество – денес во информатичката интернет-ера се’ e енергија и бран и очигледно концептуалата не може да се носи со тоа. Денес, технологијата ги спои материјата и духот, па концептуалата е бесмислена. И не само тоа, туку сведоци сме на ново враќање на традицијата: на цена е новото популаризирање на мануелната работа овојпат преку 3Д-принтање и други технологии – применетата уметност повторно станува опција тогаш кога имате нано-машина со која може да создавате материјали по ваш вкус. Враќање на занаетите во една нова форма, можеби дури и класичното сликарство. Материјата се враќа во мода и концептуалата ќе мора да го голтне тој факт. Во овој лебдечки свет, материјата станува се’ поскапоцена. Нажалост, денешната концептуала со својот инает негира се’,  па и самата материја. Добар пример се Do it yourself (DIY) инсталациите кои станаа популарни во 80тите ја поддржуваат и истовремено ја апсурдизираат филозофијата на самоук занаетчија – помисли демонот. Но, еден убав ден do it yourself полека ќе прерасне во сериозен занает и ќе ни се врати средниот век во полн сјај. Мухахаха – се изнасмеа лилјакот и ја напушти кулата.

  1. Концептуалата како и кичот го фаворизира култ кон копирањето на историјата: кичот го копира нештото без да го знае неговиот контекст, и му го одзема контекстот, кич е да се биде празна копија и да се има култ кон празнотијата – концептуалата пак,  го исмева копирањето прикажувајќи фабрички копии. Концептуалата го исмева кичот изложувајќи кич. Анти-култот и култот се иста работа. И двата се култови. Концептуалата и кичот настанале во ист период. Кичот е култ кон културата. Концептуатала е анти-култ кон анти-културата. Хитлер е хит! Денешната концептуала ја копира концептуалата од почетокот и средината на 20тиот век правејќи патетика или исмевајќи ја.

–          Сеедно, рече демонот неимпресониран од огледалото.

За мене – истакна демонот- вистинскиот стил на 20тиот век беше и останува надреализмот кој ги инкорпорираше искуствата од традицијата и техниката, старите контексти со новите, во еден нов симболистички јазик кој ја прикажува самата историја на векот и кој за разлика од редукционизмот и негацијата на концептуалата  понуди нови  решенија и методи во уметноста базирани на развојот на цивилизацијата. Тој црпеше од Фројд, од науката, од најновите достигнувања…тој ја прифати комплексноста на новото време и прикажа повисоки степени на свест, притоа останувајќи револуционерен и агилен како концептуалата. Надреализмот е исто така концепт, но е подлабок, тој станува цела приказна, алтернативен универзум со своја крајна цел, која не е релативизирана. Тој е повеќеслоен, а не парадоскален. Тој ги обедини (им)експресионизмот(емоции), концептуалата(интелект), традицијата(био-интуиција) и егзистенцијализмот(новата традиција), модерната(сетила, техницизам), и функционираше одлично се’ до 80тите кога полека беше уништен(и самиот се претвори) во еклектичен постмодернизам кој го вулгаризираше надреализмот и простачки ја поедностави неговата основна функција – да биде јазик, медиум меѓу стиловите – на едноставно еклектичен каталог од меме-импресии од првата половина на векот. Па дури и тогаш, тој беше добар. Америчките обиди за надреализам кај Линч на пример, секогаш пленуваат и даваат надеж. Надреализмот е единствен стил којшто може да го голтне агресивниот хиперреализам на денешното постоење. Тој се носи со лудилото.

Постмодернизмот беше барокот после модернистичката ренесанса, но сега ни е потребен нов модернизам. За мене, тоа е вистинската задача на концептуалата денес. Нажалост, концептуалата не сака да се бори со безидејноста на 20тиот и 21 век. Не можете со безидејност да се борите против безидејност. Таа ја фаворизира безидејноста како уметничка постапка…

Chen-Wenlings-Sun-River-Studio-in-2010-13

Ајде да го гледаме феноменот историски. Проблемот на заминувањето на традицијата беше во тоа што не најдовме средства со кои таа достоинствено би била заменета. Ако чудото наречено човек е заради неговите раце, самиот збор хуманус доаѓа од mana(рака), тогаш тоа повеќе не е така: раката која го правела уметникот тоа што е, се’ повеќе е заменета со компјутерот. Модерниот начин на живеење не тера да ги користиме само мозоците, а телото станува закржлавено на сметка на појавата на новиот пост-човек: дури подобро би било да се рече дека ние уметниците денес не создаваме ништо, туку само восприемаме информации за уметноста: ова е пред се’ ера на учењето. Крај е на уметноста, свршено е со неа, и се’ што останува е да се научи историјатот на сите стилови, како некакво компресирано херметичко знаење кое го вбризгувате во неокортексот. Чуму таа потреба да се оди во квантитет, а не во квалитет, и што после „смртта на уметноста“, која ја предвидел и самиот Хегел уште во 1821? Како да сме ги испробале сите квалитети, сите можни комбинации на создавање уште во модернизмот, па затоа во постмодернизмот одиме во квантитет и акумулација. Ентропија на светската меморија…

Но, зад овој процес  постои јасна цел: уметниците на иднината кои ќе создадат нов стил после овој пост-мрак, во кој ќе ги донесат со себе сите досегашни стилови на човештвото и многу повисоки критериуми за создавање на оригинално дело: нивната уметност ќе биде поголема во својот квалитет, што истовремено изискува и поголем квантитет! Одговорот на Хегел за прашањето „што после уметноста“, е едноставен: таа воскреснува во нови и покомплексни системи кои се темелат на старите. Како што класицизмот се надоврзуал пред се’ на ренесансата, но истовремено и на барокот и сите стилови кои биле пред него, така одиме во нови синтези. Исто како и што самиот рекол дека после старите Грци уметноста ќе се претвори во „филозофија на уметноста“, односно уметност која се бави самата со себе, така и роботите -андроиди кои еден ден ќе живеат на земјата ќе се бават со нас.

А чекајте, каде е концептуалната уметност во оваа приказна? Концептуалната уметност сака да го спречи овој процес на развој на уметноста, и со својот отпор кон технологизацијата сака да го зароби уметникот во обичниот гест на отфрлање  на страшната техно-иднина на 21-виот век. Гестот дури е двоен, диабловски, парадоксален: концептуалистот ја користи најновата техника за да покаже отпор кон неа. Неговиот отпор е декларативен, а во суштина зад обландата се крие конформизмот кон развојот. Целосно предавање на човекот кон машината. Концептуалната уметност ги  спојува човекот и техниката на нечовечки начин. На капиталистичкиот начин! Со површниот гест, концептуалата ни дава простор нас уметниците детски да ја мразиме технологијата и така полесно да ја оставиме да не’ силува, отколку да и’ пријдеме со љубов, па да најдеме заеднички јазик прифатлив за двете страни. Не’ става во познатиот пасив-агресив циклус на одмаздништвото. И така, концептуалистите всушност ја мразат технологијата! Концептуалистите се старомодни! Ние сме повеќе од реди-мејдот на Ди Шамп, ние треба да сме супрематични како крстовите на Маљевич, иако нажалост крстот(квадратот) е одамна надмината форма во науката(и политиката!), којашто моментално се бави со биолошките топографии и геометрии. Ние сме повеќе од копираните Елвис Прислиевци на Ворхол затоа што науката не научи дека ниедна копија не е иста и веќе го гушкаме индивидуализмот на глобално ниво!

Ова се општества на забрзувањето. Кон што брзаме? Брзаме кон создавање на новиот андроид. Орудието на уметноста нема да биде раката, туку ќе создаваме со умот. Ако порано уметност можеа да создаваат само високите класи и уметноста беше ограничена, ретка и затоа длабока и темелна, денес пливаме во океанот на медиокритетите. Но, во истиот тој океан растат и критериумите за содавање уметност, па така еден ден, киборзите или андроидите кои ќе создаваат, ќе создаваат со база на знаење поголема од нашата. Ќе се врати ли старото добро сликарство? –повторно си се прашува демонот. Па демону, трансформацијата на концептуалата е повеќе од очигледна.  Пост-концептуалата го поплочува друмот за една нова креативност која ќе ја истисне неа самата. И тоа веќе се случува. Седумте демони овојпат ќе соработуваат и ќе се созреат.

За уметноста на иднината – едно е сигурно. Средствата не само што ќе се променат туку ќе станат и повеќедимензионални. Можностите кои веќе ги нуди квантниот компјутер на пример, за вештачко зголемување на човечката интелигенција, меморија, за истовремено изведување на операции несфатливи и  комплексни за денешниот уметник ќе создадат нова – осма уметност. Ако филмот, седмата уметност,  е нашето врвно достигнување, тој ќе биде заменет со цели виртуелни реалности во кои иницијантот буквално ќе ја живее уметноста, коишто ќе траат подолго, можеби неограничено, во кои како со 3Д-очила ќе може да се гледа во пет димензии…Уметникот ќе користи машини или уреди со кои ќе може да создава и материјализира со збор, или можеби и само со мисла – создавањето ќе биде толку спонтално, лесно и распространето, што можеби уметноста ќе се врати во домовите, ќе се локализира како што тоа било во праисториските Атлантски времиња, каде секој ќе биде мал гениј  и потребата од дефинирана уметничка сцена и стил (па и критика) ќе биде излишна во моментот кога уметноста и животот ќе станат едно.

 

Седумте уметнички причини: заради себепотврда, замена за сексуалност, заради моќ, заради емоционалност, интелектуална игра, за доброто на сите

Седумте инспирации: природата, фамилијата, поединецот, општеството, техниката, уметност заради уметност

Седум уметнички методи: селекција, адиција, слоевитост, интроспекција, јукстапозиција, синтеза

Leave a Reply

Your email address will not be published.