Габриела, каранфилче и цимет

164.Gabriela, karanfilche i cimet

– Хероина? Оставете ги тие книжевни фрази. Да не сакате да ѝ се прости на грешницата? До каде ќе одиме така? – д-р Маурисио ја крена раката во заканувачки гест. – Сето ова е резултат на изопачувањето на обичаите што почна да го зафаќа нашиот крај: балови и попладневни игранки, веселби на сите страни, водење љубов во мракот на киносалите. Киносалите што подучуваат како да се прелажат мажите. Уште едно изопачување!
– Чујте, докторе, не обвинувајте ги ни киното ни игранките. И пред тоа, жените ги прелажувале мажите. Тој обичај доаѓа уште од Ева со змијата… – се смееше Жоао Фулженсио.
Капетанот го поддржуваше. Адвокатот гледа сеништа. Ни тој самиот, Капетанот, не ја оправдуваше мажената жена што ги заборавила своите должности. Но за тоа да се обвинуваат клубот „Напредок“, кината… Зошто не ги обвинува мажите што не им обрнуваат внимание на своите жени, што ги третираат како слугинки, додека истовремено им даваат сè, накит и парфеми, скапи и луксузни фустани на своите љубовници, на јавните жени што ги издржуваат или на мулатките, на кои дури им обезбедуваат и куќи. Доволно е да погледне овде, на плоштадот: луксузот на Глорија, која се облекува подобро од многу други жени… Дали полковникот Кориолано троши толку на својата сопруга?
– Ама… таа е пропадната старица…
– Не зборувам за неа, туку за она што се случува. Така е или не е така?
– Местото на мажената жена е дома, да ги гледа децата, да се грижи за мажот и за семејството…
– А на љубовниците да ги арчат парите?
– Според мене, забарот нема толку голема вина. На крајот на краиштата… – се вмеша во дискусијата Жоао Фулженсио, разгорените зборови на Капетанот можеа да бидат погрешно разбрани од присутните земјопоседници.
Забарот беше ерген, млад, со слободно срце, ако жената мислела дека личи на свети Себастијан, тој не бил виновен, дури не бил ни католик: тој и Диоген беа единствените протестанти во Илеус…
– Не беше дури ни католик, докторе Маурисио.
– А зошто не мислел пред да легне в кревет со мажена жена на неприкосновеноста на честа на сопругот? – распрашуваше адвокатот.
– Жената е искушение, таа е ѓавол, ги зашеметува мажите.
– И Вие мислите дека таа тукутака му се фрлила во прегратка? Дека тој не сторил ништо, дека е невин?
Дискусијата меѓу двајцата почитувани интелектуалци – адвокатот и Жоао Фулженсио, едниот официјален и агресивен, секташки бранител на моралот, а другиот добра душа и секогаш насмеан, пријател на шегите и на иронијата, за кого никогаш не се знаеше кога зборува сериозно – ги воодушевуваше слушателите. Насиб ги обожаваше ваквите расправи. Дотолку повеќе ако беа присутни и ако можеа да учествуваат Докторот, Капетанот, Њо Гало, Ари Сантос…
Не, Жоао Фулженсио не мислеше дека Сињазиња била способна тукутака да му се фрли во прегратка на забарот. Дека тој ѝ се обраќал со нежни фрази, тоа беше апсолутно возможно. Но – прашуваше – нели тоа е една од основните обврски на секој добар забар? Малку да им се додворува на пациентите исплашени од клештите, од моторот, од застрашувачкиот стол. Осмундо беше добар забар, еден од најдобрите во Илеус, кој може да го негира тоа? И кој може, исто така, да го негира стравот што го предизвикуваат забарите? Фрази за да се создаде амбиент, да се заборави стравот, да се роди доверба.
– Должноста на забарот е да поправа заби, а не да им рецитира стихови на убавите пациентки, пријателе. Јас тоа го тврдам и го потврдувам: развратните обичаи од декадентните краишта сакаат да завладеат со нас… Општеството на Илеус почнува да се импрегнира со отров или поточно речено: со кал што изопачува…
– Тоа е напредокот, докторе.
– Таквиот напредок јас го нарекувам неморал… – помина со ѕверски поглед по барот, Шико Молеза дури и се стресе.
Зарипнатиот глас на Њо Гало се извиши:
– За какви обичаи зборувате? Игранки, кина… Jас живеам овде повеќе од дваесет години и отсекогаш го знам Илеус како место на кабареа, на пијанки, на комар, на јавни жени… Тоа не е отсега, отсекогаш постоело…
– Тоа се работи за мажите. Не дека ги одобрувам Но, не се работи во кои се вклучува семејството, не се како оние клубови во кои девојчиња и госпоѓи одат да танцуваат заборавајќи ги своите семејни обврски. Киното е училиште за изопачување…
Сега Капетанот поставуваше друго прашање: како може еден маж – а и тоа е прашање на честа – да одбие убава жена кога таа, заведена од неговите зборови, наоѓајќи го сличен со светецот од црквата, замаена од парфемот од кадриците на црната коса, ќе му се фрли во прегратка, со забите пломбирани, но срцето рането засекогаш? Па, и мажот ја има својата машка чест. Според гледиштето на Капетанот, забарот повеќе бил жртва отколку грешник, повеќе за жалење отколку за кудење.
– Што би сториле Вие, д-р Маурисио, ако дона Сињазиња со телото со кое ја беше дарувал Господ, гола и со црни чорапи, Ви се нафрлеше? Ќе избегавте со трчање, барајќи помош?
Некои од слушателите – Арапот Насиб, полковник Рибеирињо, дури и полковник Мануел на Јагуарите со својата бела коса – го одмеруваа прашањето и заклучија дека не може да се одговори. Сите тие ја познаваа дона Сињазиња, ја гледале како поминува низ плоштадот, телото стегнато во тесен фустан, на пат кон црквата, со сериозен и замислен лик… Шико Молеза, заборавајќи да послужува, воздивна пред визијата на Сињазиња гола, како му се фрла во прегратка. Сон од кој го разбуди Насиб:
– На работа, момче! Кај ти лета умот?
Д-р Маурисио се чувствуваше како да е на судење:
– Ваде ретро!
Забарот не бил толку невин како што Капетанот (за малку ќе речеше „уважениот колега“) го опиша. За да му одговори, тој би ја прелистал Библијата, таа книга над книгите, и би му го изнел примерот на Јосиф…
– Кој Јосиф?
– Оној што бил ставен во искушение од жената на фараонот…
– Тој бил импотентен… – се смееше Њо Гало.
Д-р Маурисио го прострела со очите службеникот на даночната управа.
– Таквите шеги не се соодветни со сериозноста на темата. Односниот Осмундо ни оддалеку не е толку невин. Можеби беше добар забар, но истовремено претставуваше опасност за семејствата од Илеус…
И го опиша како да се наоѓа пред судија и пред порота: слаткоречив, беспрекорен во облеката… А зошто му беше толкава елеганција во место каде што земјопоседниците одеа по панталони за јавање и со чизми? Зар тоа не беше доказ за декаденцијата на обичаите, причина за моралната декаденција? Се откри, набргу по неговото доаѓање во градот, дека е извонреден играч на аргентинско танго. Ах, тој клуб каде што во саботите и во неделите девојчињата и момчињата и мажените жени одеа да се врткаат… Тој клуб „Напредок“, за кој подобро ќе беше да се вика „Клуб за пипкање“… Во него исчезнуваа и срамот и пердето… Како пеперутка, Осмундо завел, во текот на својот осуммесечен престој во Илеус, половина дузина од најубавите немажени девојчиња, скокајќи од една на друга сладострасно. Оти девојките за мажење не го интересираа, тој сакаше мажена жена, да пирува бесплатно на туѓа трпеза. Развратник, еден од многуте што почнаа да се појавуваат на улиците во Илеус. Се поднакашла, ја наведна главата како да се заблагодарува на ракоплескањето што ќе одекнеше да беше во судската сала, и покрај повторените забрани на судијата.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Почеток на векот: Новата македонска книжевност
На 3 април во КИЦ на Р. Македонија во Софија се одржа...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *