Враќањето во Панџруд

andrej-volos

Во близина на скалите забележа двајца гости на карван-сарајот. Едниот седеше на басамакот од скалилата и, изгледа, не беше расположен за разговор. Другиот стоеше пред него, страсно гестикулирајќи.

– Моите песни се пеат по цел Аџам! – возбудено кликаше тој, ту преплетувајќи ги прстите на рацете ту повторно раздвојувајќи ги, за нагло да се размавта со нив или да се поттргне за скудната брадичка. Погледот од длабоко всадените во главата очи беше трескавично-тревожен, валканите прсти на левата нога стрчеа од скинатата чизма. – Јас сум велик поет! Јас сум Рудаки![1] Јас – сум Царот на поетите при дворот на бухарскиот емир! Никој – слушнете: никој! – не може да се спореди со мене во умешноста на поезијата!

– Да, да – скиснато кимаше со главата вториот. – Вие веќе ми кажувавте за тоа, почитуван.

„Рудаки“? – зачудено помисли Шеравкан.

Аха, така значи! Рудаки! Царот на поетите!

Зар можеше во Бухара да се најде човек што не го имаше слушнато тоа име? Стиховите на Рудаки можеа да се слушнат насекаде. По градот постојано се вртеа нови бејти[2] и секој сметаше за свој долг да знае некој нов стих наизуст, а тоа и не беше тешко, зашто сите негови стихови, еднаш слушнати, засекогаш остануваа во паметта. Рудаки! Види, види! Поетот Рудаки беше познат, прочуен човек во Бухара. Навистина, неговата слава беше поинаква од онаа, да речеме, на началникот на емирската стража или на везирот. Неговата слава повеќе беше слична на славата на еден од светите покровители на градот: зашто обичните луѓе немаат работа ниту со везирите ниту со началниците на стража, тие му се молат на светиот Хизр; затоа, да се биде соучесник на Рудаки, макар само со тоа што знаеш неколку негови бејти, за секого беше толку пријатно и лесно како да веруваш дека светиот застапник се сеќава на тебе во молитвите.

И по сè изгледа: прославениот, разгалениот од царевите поет седи на земјениот басамак на валканиот карван-сарај, нервозно тресејќи со босите стапала што се ѕиркаа од чизмите.

Неверојатно!

– Многумина просто не знаат! – нервозно настојуваше на своето великиот Рудаки. – Ги пеат – и не знаат дека се тоа мои песни. Сигурно сте слушнале некогаш некоја, почитуван…

Царот на поетите ги вклешти прстите едни во други, ги стокми, смешно извртувајќи ги кон градите, и викна со рапав глас:

– Донеси ми грутче земја, ластовичке! Подари ми трска, грлице! Палата ќе си кренам во висините!… Или не, почекајте малку… Оваа повеќе од сите други ми се допаѓа… Сте ја чуле?

210.Vrakjanjeto-vo-PandjrudИ почна да извикува сосема друг мотив:

– Црномурна, како зајдисонцето на Туран!… Но изгревот е на образите твои!

– Да, да – маченички муртејќи се, кимна собеседникот. – Сум ја слушал таа песна… не треба!…

– А моите стихови за виното? Сите постојано ги кажуваат моите стихови за виното, сите ги пеат, на секој пазар можат да се слушнат! – и никој не знае дека се тоа мои стихови, стихови на великиот поет, Царот на поетите – Рудаки! Слушајте! Треба прво мајката на виното… на мачење да ја предадеме – забрзано рецитираше тој. – Па потоа детето… по неа да го затвориме! Детето луѓето нема да дозволат… од градите на мајката да ѝ го одземат. Од жива мајка детето не се зема – затоа, згази ја, згази ја прво неа. Треба мајката на виното на мачење да ја предадеме[3].

– Да, да – промрмори вториот станувајќи. – Извинете… морам… работа!…

Скокна и во од запетлувајќи го чапанот, брзо се упати накај стреата.

– Детето, паднато в затвор, тажи од очајание! Седум дена ќе ги помине така – во бесознание! – безнадежно крикна поетот, следејќи го бегалецот со пробивен поглед, полн со растревожено сожаление, а потоа ја заврти главата, разгледувајќи го дворот во потрага по нова жртва.

Од една страна, се разбира, беше ласкаво да се привлече вниманието на еден таков знаменит човек… но од друга страна – некако чуден му беше тој Рудаки.

Затоа Шеравкан се заврти и како ништо да не било, се тргна настрана, да не си земе беља на глава.

Полека заврти еден круг околу куќата, постоја покрај кујната, зјапаше некое време во галеријата… ѕирна зад вратата.

Откако се поматка така некое време без работа, му стана сосема јасно што се случува во дворот на ноќевалиштето. Каде и да одиш, во Бухара, во Мазар, во Вабкент или во Кермин, на крајот на светот и врви по кој сакаш пат – кога ќе се довлечкаш до некаков карван-сарај, секогаш ќе го видиш истото.

И тука е така.



[1] Во персискиот јазик (и во таџикистанскиот, кој е негов дијалект) акцентот паѓа на последниот слог: Саади, Фирдоуси, Рудаки итн.

[2] Бејт – двостих во арапската, туркската и во персиската поезија, со парни рими (прев.).

[3] Стихови од касидата „Мајката на виното“ на Рудаки. (Рудаки е предвесник на поезијата на пиењето вино. Во овие стихови се опева процесот на правење вино. Мајката на виното е – гроздот, детето е – самото вино што се добива откако гроздот ќе биде уништен) (прев.).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.