Уште од мајчината утроба го гледам светот како платно со бои

11018323_10205822398296497_7339362825030228454_n

Преубавата Илина Арсова е првата жена македонка која го има искачено највисокиот врв во светот Монт Еверест, но нејзината приказна не останува запаметена само по овој подвиг. Нејзиното секојдневние освен алпинизам, планинарење, екстремни спортови е и уметничкиот креативен порив, кој добива крилја на која и да е географска должина и ширина.

Уметница по вокација, Илина, своите енергија и инспирација ги црпи од божественото охридско крајбрежје каде што во својот дом, шарено и хармонично уредено катче под името ,,Икар хат” пречекува гости од целиот свет.

Нејзините уметнички дела, пред се’ цртежи се распространети по целиот свет, од Непал до Алјаска, од Јужномерканските Анди до Кина. Уметноста е повик за кој несомнено мора да си предодреден во животот. Дел од нејзината најскорешна уметничка творба, насловена како ,,Колажна приказна” ќе може да се види во Културниот центар ,,Григор Прличев ” во Охрид со почеток од 7 август.

11695457_10205822394656406_5883923142301282235_n

1. Кога откривте во себе дека уметноста ќе Ви биде водилка во животот?

Уште од самото раѓање, кога излегов од утробата на мајка ми почнав да го гледам светот како платно со бои 🙂 Од кога со сестра ми по дома ги ишаравме сите ѕидови, врати и други мазни површини, почнав и сопственото тело да го користам како сликарско платно. Во школо сите тетратки беа исцртани со портрети од наставничките, се додека не се одлучив сликарството да ми стане првична предодредба. Животен  момент беше  запишувањето на факултетот за ликовна уметност во Скопје, во далечната 2000 година.

2. Каде се’ сте изложувале свои дела низ светот? Дали понекогаш тие остануваат таму каде што се создадени или ги земате со себе?

Во минатите десетина години творев и изложував практично низ целиот свет. Би издвоила неколку ликовни проекти и тоа: минатогодишното Арт Биенале во Ланкави, Малезија; Кинеските ликовни трендови на  Шангај Арт Експо во 2009, повеќе тематски работилници и ликовни претставувања во Африканската островска земја Сао Томе 2010-2011; ликовен престој и излагање во Њу Јорк 2007, самостојни и групни изложби во Берлин, Германија, Шведска, Романија, Чешка; ликовни колонии во Бугарија, Србија и низ нашата Македонија како и повеќе самостојни изложби низ националните галерии и културни домови во земјава.  Некаде подолго се задржував некаде пак, престојував само за време на изложбите. Интересно е што освен класичните изложбени поставки, практикувам и уметност во акција, како на пример ликовните перформанси и визуелни дневници кои ги водам во екстремни услови за време на повеќето планински и алпинистички експедиции. На пр. на Хималаите при искачувањето на Монт Еверест, творев на висина до скоро 8000м. Речиси секој пат подарувам една слика на организаторот, а често подарувам и наоколу. Всушност повеќе подарувам отколку што продавам, па ако делото завршило во вистински раце тогаш корењата на моето творештво се раширени низ цел свет.

11702727_10205822393456376_3526809280715209231_n

3. Вашите слики се полни со живост, бои, движење. Речиси и да не забележав тажен, меланхоличен мотив. Како го пронајдовте Вашиот стил на сликање, творење. Кој е Вашиот mojo (magic power, spell) во творењето?

Кај мене сликарството е тесно поврзано со моментите поминати во природа. Често ја гледам и доживувам природата од еден поинаков агол, така сведочам и невообичаени пејзажни сцени кои не ретко делуваат полуапстрактно. Дури и тажните моменти во моите слики се претставени со живи бои. Без целосна палета најчесто сликата ја чувствувам како недовршена.  Најновиот циклус дела се создадени од личен отпад, каде текстилните остатоци и рециклираната хартија ја третирам како колорит и наместо четка и боја со тие фабрички остатоци јо добивам саканата колоритна композиција.

11709500_10205822395616430_3368892732962571685_n

4. Во која техника најмногу се пронаоѓате?

Го сакам класичното масло на платно, доколку имам услови за тоа. Акриликот е наједноставна замена за услови каде сум ограничена во помал простор и ми треба побрзо сушење на боите. Акварелот е пак, техника која многу ја сакам  и ја практикувам бидејќи ми се допаѓа нејзината потреба од брзо работење, а истовремено е лесна за транспорт при моите повеќедневни патувања.

11403069_10205822394296397_3075758322778914260_n

5. Што е заедничко во спортот (алпинизмот/искачувањето) и уметноста? Што е она што Ви ја исполнува душата во двете?

Веројатно тоа е слободата на изразот како и слободата на движење надвор од границите на секојдневниот комфорт. Врската е тесна, да доживеам нешто возбудливо и адреналинско, а потоа истото на свој начин да го пренесам преку сликите. Не секојпат изразот е идентичен со мотивот, но енергијата и инспирацијата скоро секогаш доаѓа од непосредната блискост со планините и природата.

6. Која е Вашата идеја за ангаржирна уметност?

Ангажираната уметност е одличен начин за овековечување на еден систем, општество, пејзаж и сл. Неретко и јас црпам теми од современиот живот и она што нè опкружува. Најчесто преовладуваат еколошки теми како мој визуелен обид за подигнување на еколошката свест кај луѓето. Во моментов народот во Македонија поминува низ еден тежок период, кој несомнено станува потреба на уметниците да го овековечат преку различен медиум и изразно средство.

11694741_10205822397416475_1610814295076280792_n

7. Што е следно на двете полиња, во спортот и уметноста? За какви екстремни дисциплини се подготвува Илина?

Спортот и уметноста во мојот животен тек, се испреплетуваат и се меѓусебно неразделни. Сепак, и едното и другото за професионално достигнување бараат целосно посветување од авторот односно атлетот. Се обидувам да воспоставам рамнотежа и на годишно ниво да творам доволно во однос на качувањето. Мислам дека оваа година ќе биде плодна на ликовен план,  бидејќи оваа година приоритет доби уметноста и домашните обврски. Она што можам да го најавам со сигурност е мојот нов проект „Колажна приказна“ која ќе биде дел од дополнителната програма на годинешното Охридско лето. Ве поканувам на отворање на 7 август од 20 часот, во големата сала на КЦ Глигор Прличев, Охрид.

 

подготви: Адријана Ананиева

Leave a Reply

Your email address will not be published.