(С)ликовната моќ на поетското писмо

72467_madame-origami_words-could-fall-like-leaves

Сите сме виделе оригами направени од хартија, но малкумина виделе оригами сочинети од зборови. Или, оригами преобразени во зборови. Заумно луцидниот неологизам „зборигами“ со еден удар загатнува грст аспекти на воковизулениот проект на Зорица Петкоска. Во еден нов збор поетесата спојува и проникнува два збора („збор“ и „оригами“): првиот од сферата на вербалното, а вториот од доменот на визуелното творештво, првиот од вокабуларот на македонскиот, а вториот – на јапонскиот јазик. Поседувајќи ги квалитетите на синкретичкиот дискурс, зборигамите на Петкоска ги преплетуваат текстот и сликата, Западот и Истокот, идеограмското и метафоричното, калиграмското и графичкото, ликовното и поетското. Поетесата нѐ поканува едновремено да бидеме и читатели и гледачи на нејзините песни-слики, кои неретко коинцидираат со кинеските идеограми.

Имено, визуелните песни на Петкоска се исклучително забавни и возбудливи за читање и набљудување. Со еден поглед секоја од дваесете песни е во „еден миг цела“. Збориграмите се повеќекратно кодирани: стиховите се линии т.е. ликовен материјал од кинескиот идеограм, кој кореспондира со насловот на песната-слика. Притоа, читајќи ги и набљудувајќи ги калиграмите на Петкоска, нашите погледи се движат по различни вертикални, хоризонтални и дијагонални траектории, кои (најчесто) кореспондираат со редоследот на потезите на четката при пишувањето т.е. сликањето на соодветниот кинески идеограм. Но читателот кој немал искуство со пишување идеограми е вовлечен во ребусна игра и самиот треба да го детектира вистинскиот редослед на читање на стиховите.

Особено индикативна во оваа смисла е визуелната песна „Збор“: ги терам зборовиве / во хоризонтален строј / бунт ми креваат и пеат песни / велат стихови биле / и слободни слова. Имено, песната е визуелен корелат на бунтот на зборовите: тоа за што се пее, визуелно се одигрува пред нашите очи.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.