Работното време на денешниот уметник е 24/7

На пример, целата лична архива на култниот режисер Стенли Кјубрик е во надлежност на Универзитетот, и јас како алумнa имав привилегија да ја истражувам.

11713749_10205832499189013_2993230954131159806_o

За битисувањето на полето меѓу графички и моден дизајнер, ликовен уметник и професор, поразговаравме со Гордана Вренцоска, уметница со светско реноме, со голем број самостојни уметнички изложби и неколку самостојни модни ревии. Има учествувано на преку триесетина групни изложби во Македонија, Велика Британија, Полска, Италија, Словенија, Германија, Белгија. Плакатот за Скопскиот џез фестивал од 2002 година, е создаден од неа. Добитник е на престижната стипендија Chevening, неколку грантови од фондацијата Институт Отворено Општество, награда за најнеобична шапка во Велика Британија во 2005 година, голем број благодарници и признанија. Во друштво секогаш ведра и насмеана, зборува со силна верба за подобро утре и посветеноста кон своите студенти на Европскиот универзитет.

1. Како беше да се студира на еден најпрестижните универзитети за уметност во светот “Централ Сент Мартин Колеџот”?

Колеџот Централ Сент Мартинс датира уште од 1854 година и бил формиран во ерата на подемот на применетите уметности во В. Британија. Се работи за школа со долга традиција во уметностите и дизајнот и со импресивна листа на професори и дипломирани студенти: од Едуардо Паолоци до Џон Галијано и Александар Меквин. Како дел од поширокото семејство на Универзитетот на уметности во Лондон, колеџот функционира во синергија со другите единици на Универзитетот, како Лондонскиот колеџ за мода и Лондонскиот колеџ за комуникации. Како студент на Универзитетот, вратите ви се отворени на сите шест колеџи, каде може да следите предавања на светски признати имиња од областа на уметноста и дизајнот, да посетувате изложби, да ги користите ресурсите на библиотеките и архивите на сите колеџи. На пример, целата лична архива на култниот режисер Стенли Кјубрик е во надлежност на Универзитетот, и јас како алумнa имав привилегија да ја истражувам. Чувството дека сте во центарот на најважните светски уметнички случувања е незаменливо.

11666090_10205832497868980_906297419466775476_n

2. На какви вредности Ве учеа таму и дали истите тие би сакале да им ги пренесете на Вашите студенти денес? Дали се случило некогаш, од сопствен опит и знаење, да им речете како поука, ова немојте никако да го правите?

Јас магистрирав на интердисциплинарните студии по дизајн, кои во тоа време како концепт на „применета имагинација“ сè уште беа новина во светот. Работевме по многу напредни методи, од кои значаен дел успеав да имплементирам во мојата работа со студентите во Македонија. Понекогаш, кога ќе им откријам некоја тајна од занаетот, тие во шега ќе кажат „тоа е таа англиска школа“. Факт е дека во В. Британија се фокусирани на ефикасност во едукативните програми, со кои се учите на практичност и применливост, а во случајот со мојата студиска програма и на иновативност. Најважните вредности што ги научив во текот на студиите е дека како професор треба да си транспарентен, отворен, да ги споделиш своите знаења, искрено да ги цениш студентите и да им дадеш можност да се изразат. Тие од тебе ги црпат искуствата, а ти од нив свежите размислувања и пристапи кон решавање на проблематиките. Неверојатно е колку може и професорот да научи од своите студенти. За жал, во Македонија сè уште има професори на кои ти е страв да им се обратиш и до кои не можеш да допреш, а тоа резултира со студенти кои дипломираат несигурни во себе и во своите потенцијали. Позитивни искуства имам и од моето образование во средното училиште за применети уметности во Скопје, каде многу нешта што таму сум ги научила ги имплементирам и во мојата едукативна пракса. Често ги цитирам зборовите и поуките на некои од професорите, ми се врежале трајно во меморијата. Инаку, јас си дозволувам да им давам совети на студентите само ако тие произлегуваат од моето лично искуство и ако се проверени во праксата. Дали ќе ги употребат останува нивна индивидуална одлука.

3. Како изгледа работата на денешниот уметник? Кон што треба да се стреми? Какви борби води уметникот денес?

Не е лесно да творите, а воедно и успешно да ја менаџирате целата проектна активност и комуникациите. Еден куп писма, апликации, документации, архиви, пресметки. Работното време на денешниот уметник е 24/7. Живееме во многу комплексно време, обидувајќи се да ги совладаме сите информациски и технолошки револуции што се случуваат во последниве години. Истовремено, сведоци сме на разнишувањето на веќе стекнатите човекови права, на растечкиот религиозен фанатизам, на намалените слободи. Кога бев дете, мотото „борба за слобода“ ми звучеше поетски, далечно, понекогаш излишно… многу подоцна ја сфатив вистинската смисла на тие зборови. Во едно од последните нејзини интервјуа, уметницата Марина Абрамовиќ кажа: „живееме во тешки времиња, веројатно најлошите времиња… ние не можеме само да си ги минуваме деновите така добро, како Сезан, Моне, Пикасо, седејќи некаде на село, имајќи го најдоброто вино, најдобрата храна и најдобрите жени. Ние навистина треба да бидеме воини. Одете каде што има проблеми и пробудете ја свесноста кај луѓето.“ Ете, овие зборови на Абрамовиќ некако ја сумираат улогата на уметникот во овој век.

4. Кажете ми повеќе за лејките во боја, како едни од највпечатливите дела од изложбата во Македонскиот културен центар во Њујорк? Колку е значајна симболиката на овој предмет од македонската култура?

Лејките ги вметнав во три мои дела од изложбата „Македонски фолклор“ : „Розева соната во Г-мол“, „Бела соната во Г-дур“ и „Сончева соната“. Идејата беше да се открие мистиката и метафизичкиот дух што најобичните предмети тивко ги внесуваат во нашите секојдневни животи. Со тоа се занимавал и Рене Магрит, чии дела ми беа една од референците за овој проект. Лејката во нашата традиција најчесто имала употребна функција (и во многу други култури), но ставајќи ја во нов ликовен контекст сакав да ја нагласам можноста за современи начини на практикување на традицијата.

11700806_10205832496108936_1157315655936966809_o

5. Во Вашите дела многу честа инспирација е семејната историја. Што открива уметникот од тоа да црпе од изворот, од она од што е израснат, нахранет и напоен. Дали само за да не отиде во заборав или нешто многу подлабоко?

Генетиката знае да биде многу силна во нашите предодредености и определби. Ние многу несвесно ги впиваме влијанијата од нашите најблиски извори, и тие знаат да испливаат во најнеочекуваните моменти. Постојано откривам нови и возбудливи факти од семејната историја. На пример, ќилимот со мотив на какараски, кој беше голема инспирација за мојата графика „Ќилим“, е подарок од баба ми Елисавета. Но, за историјата на тој ќилим не знаев ништо. Случајно (или неслучајно) во Музејот на Македонија открив дека токму тој мотив на ќилимче бил ткаен од младите невести во селото Разловци за декорирање на коњот со кои тие биле водени во своето ново живеалиште. Па така, можеби го поседувам свадбеното ќилимче на мојата баба. Зарем тоа не е една цела возбудлива приказна? Штета што не е жива да ми ја каже вистината. Но, ние уметниците сме тука да ги оживуваме тие приказни со нова енергија и наша уметничка фантазија. Последниот мој проект „Свадбено фото“ произлезе само од една свадбена фотографија на моите баба и дедо Менка и Костадин. Ја имам со години, но секој пат откривам нешто ново на неа. Не треба да сме робови на минатото, но можеме бесконечно да патуваме низ историјата. Таа е најголемата фикција и непресушен извор на инспирација.

6. Одликувани сте со бројни награди во светот и кај нас. Што значи наградата за Вас?

Секој човек има вродена потреба за признание и афирмација. Наградите се потврда за трудот и остварените резултати, но не треба да бидат цел сама по себе.

11540884_10205832499749027_555974048306855187_n

7. Како ја гледате својата уметност за 20-30 години отсега? Која е целта која би сакале да ја остварите?

Познатиот англиски актер Стивен Беркоф во едно интервју рече: „Уметноста е љубоморна љубовница која не трпи никаква конкуренција“. Да, уметноста бара долгогодишна посветеност, силен дух и ослободеност од малограѓанство. Се надевам дека мојата посветеност и досегашно вложување во уметноста ќе остане во наследство за утре, и за 20 – 30 години ќе биде инспирација на некои нови и посупериорни генерации. И која е целта на уметникот ако не духовно и естетско оплеменување на реалноста, внесување на убавината и редот во човековото постоење, отварање на нови простори во човековиот ум. 8. Што губи, а што добива уметникот во Македонија, наспроти уметникот во Британија или некаде другаде каде таа има поголема цена? Сè е многу релативно, и во однос на духовните и на материјалните придобивки. Но да, во Македонија можеби сè уште не се валоризира уметничкиот труд на вистинскиот начин. Немаме разработена машинерија со менаџери, галеристи, клиенти. Имаме малобројна публика и стеснет извор на фондови за финансирање. Но, имаме и ние некои други предности кои треба да ги препознаеме и негуваме. Ги имаме меѓусебните познанства, си помагаме колку што можеме, уметничките и културните центри ни се допстапни.

9. Што следно Би можеле да очекуваме од уметницата Гордана Вренцоска?

Оваа година ми е исполнета со многу настани и уметнички изложби. Најбрзо што следи е учеството на изложбата на ДЛУМ „Фемина 8“ со мојот проект „Свадбено фото“, а потоа ќе следат подготовки за следната самостојна изложба, што треба да се реализира во 2016 година.

Фотографии:

• Портрет Гордана Вренцоска • „Розева соната во Г-мол“, 2010, акрилик на лејка • „Сончева соната“, 2013, акрилик на лејка • „Ќилим“, 2010, офсет печат • „Свадбено фото“, 2015, перформанс / фотографии

 

Подготви: Адријана Ананиева

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Телото како психосоматски атлас
(Психосоматските аспекти во делата „Заменети глави“ од Томас Ман и „Тело“ од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *