Волчја доба

Andrius-Tapinas

„Pecunia non olet[1],“ рече тој тивко.

Инспекторот се намурти.

„Што?“ му го подаде купчето документи на гласникот. „Повелете. Потпишете се и запечатете го, да го потврдите приемот“.

Хаим ги зеде документите и почна полека да ги чита, подвлекувајќи со показалецот под редовите; го провери секој збор, секој ред и, држејќи ги листовите близу до очите, го проверуваше и го анализираше секој потпис и секој печат.

„Можеби би можеле малку да побрзате, господине?“ инспекторот не можеше веќе да издржи. „Тука смрди“.

Се чинеше како Хаим да не го слушна Русинот. Дури кога беше задоволен што сè е точно забележано и дека сите потписи се на вистинските места, од својот шинел извади кутија со печат, дувна на неа и полека го прилепи грбот на Ротшилдови – тупаница со пет стрели врз црвен штит. Откако си ја заврши работата, го скри печатот во својот шинел и дури тогаш стана и му ги подаде спогодбите на Русинот, задржувајќи примероци за себе.

„Pecunia non olet,“ повтори тој. „Парите не мирисаат. Ова се зборови на римскиот император Веспазијан. Оној што измисли данок за римските јавни тоалети,“ додаде тој со насмевка, а потоа се заврте и излезе од „Александровскиот дворец“, оставајќи ги зад себе збунетите Руси.

Ривкинд беше отседнат во анот „Поларна светлина“, што се наоѓаше на брегот на притоката Мала Невка и недалеку одовде: сè што требаше беше да мине низ Александровскиот парк. Веќе се беше стемнило и паркот изгледаше напуштено и непријателски, но гласникот тргна по патеката од чакал без многу размислување или гледање наоколу.

Само што зачекори во паркот, од мрачниот премин се појавија четири темни силуети.

„Господинот доцни,“ прошепоти еден од нив.

„Биди среќен што е темница,“ промумла другиот. „Тоа сигурно ќе ни помогне. Види ја сиротата будала како спокојно се шетка низ паркот. Го касапиме и го фрламе во каналот, чиста работа“.

„Не заборавај да ги земеш документите,“ потсети третиот. „И тивко“.

„Да се разделиме, момци,“ рече првата силуета. „И да се најдеме во средината на паркот“.

Силуетите се погледнаа со разбирање, а потоа се распрснаа во различни насоки и исчезнаа во сенките на дрвјата.

„Русите се попримитивни и од Турците,“ си помисли Хаим зачекорувајќи во паркот. Застана и се наведна да земе парче глина од земја и си поигруваше со неа. „Вториве барем покажаа некоја префинетост: луксузен бал, отровно вино, ама овие… Навистина примитивно. Да испратиш некакви џепчии со ножеви. Дива земја. Што друго да очекува човек од варвари“.

Хаим Ривкинд беше искусен гласник: од една страна, имаше многу јасна идеја што може да очекува; но, од друга страна, сакаше самиот да си ги реди работите. Затоа, откако пристигна во Санкт Петербург, со задоволство му раскажуваше на секој што се интересираше за својот престој во „Поларната светлина“ и за својата наклонетост кон прошетки низ „Александровскиот парк“. Задржувањето во „Вилата за јавна употреба“ му се погоди – самодовербата на напаѓачите е поголема во темнината.

Гласникот благо сврти налево и набрзо се најде на патека што водеше до средината на паркот, обрасната со високи и густи грмушки. Бледорастреперените светилки на гас беа нежно обвиткани од маглата што се креваше. Ривкинд погледна во нив заинтересирано и се насмевна.

Одненадеж слушна шумолење во грмушките и ги виде двете силуети што се појавија. Малку ја подзаврте главата и виде уште две; да се обидеше да бега, тие ќе му го попречеа патот. Силуетите почнаа полека да му се приближуваат. Мислеа дека осамен патник во паркот, опкружен со темнина, ќе биде лесен плен.

206-војцја-доба

Хаим Ривкид застана и длабоко воздивна. Го здроби парчето глина во дланката и тивко рече:

„Im ba l’hargekha, hashkem l’hargo“.

Одеднаш, грмушките повторно се расшумолија. Збунетите напаѓачи подзастанаа. Четворицата збунето ги ококорија очите и подзинаа. Две џиновски суштества се појавија од грмушките, зачекорија кон гласникот и застанаа покрај него. И двата џина беа целосно голи и немаа никаков полов орган, а кожата им беше во окер-боја. На телата им светкаа метални плочки,оставајќи впечаток дека џиновите беа поправени со закрпи. Лицата им беа без нос или усни, а само очите им гореа со црвен пламен. Ова беа Големи[2] – подарок за Ротшилдови од Прашките животворци.

„Im ba l’hargekha, hashkem l’hargo,“ повтори Хаим. „Ако некој доаѓа за да те убие, разбуди се рано и прв убиј го“.

Кога еден од напаѓачите дојде при себе, се стрча кон џинот што се обидуваше да го заштити Хаим и го прободе во градите. Сечилото влезе мазно до рачката, но се чинеше дека тоа воопшто не му пречи на Голем. Тој ја крена огромната тупаница со зглобовите обвиткани со метал и го тресна криминалецот по глава. Таа за миг се претвори во каша од мозок и скршени коски, потопени во крв. Голем ја сврте главата кон другите две суштества што се обидуваа да му се прикрадат одзади и ја испружи раката. Нешто пукна. Минијатурен топ прикачен на неговата рака испука мала топка низ дожд од искри и погоди еден од напаѓачите. Неговиот стаписан поглед се спушти надолу кон дупката со големина на тупаница што се отвори на неговите гради; немаше време ни воздух да земе, за миг се струполи на земја. Големите се свртеа кон преостанатите двајца мажи и зачекорија кон нив. Кога чекореа, чакалот прскаше настрана како вода, но бандитите не се задржаа доволно долго за да им се доближат Големите: прснаа да бегаат и исчезнаа во темнината, оставајќи го зад себе само крцкањето на гранките некое време.

Паркот повторно потона во тишина, а Големите се вратија кај Ривкинд. Сè што требаше сега да направат беше да го испратат гласникот до крајот на паркот, а потоа да се стврднат во грмушките. Утрото, слугите на Ривкинд ќе дојдат, ќе ги спакуваат во големи кутии, на нив ќе напишат „внимавај-кршливо“ со црвено мастило и ќе ги испратат назад во Прага.

Ривкинд со внимание ги набљудуваше двата трупа легнати на патеката. „Ете,“ промрморе тој.

„Жандармеријата на Санкт Петербург добива нерешлива загатка, јас добивам патување дома и кус одмор, а Ротшилдови ја добиваат најголемата авантура на векот“.

Дамнешен сон на Ротшилдови беше да ги земат во свои раце Вилнус и Ревал и да оформат Алијанса од голем лак од градови: Ревал-Вилнус-Краков-Прага-Константинопол.

„Abducet praedam, qui occurrit prior[3],“ промрмори Хаим Ривкинд и тргна кон анот „Поларна светлина“.

 



[1] Парите не мирисаат (лат.).
[2] Глосарот е на крајот од книгата.
[3] Кој рано рани, две среќи граби (лат.).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.