За поетското творештво на Ацо Караманов

раде-силјан

Ацо Караманов спаѓа во редот на алејата македонски патриоти, коис своите животи ги дале во премрежето на озогласената Втора светска војна, борејќи се во Народноослободителната војна против фашистичкиот опресор. Надарениот писател Караманов живеел само седумнаесет години, па, затоа некои критичари и книжевници го поврзуваат со францускиот поет Рембо, затоа што двата млада животи згаснале прерано. Сепак, хуманите стихови на Караманов остануваат да сведочат за младешките радости и болки, за детската визија за подобро утре, за недосонувата и недоживеаната претстава на слободен свет, на слободна татковина. Загинал како борец во Четвртата бригада, кај местото Петлец, во близија на Берово. Непријателскиот куршум го беше застрелал во истиот ден кога го запишал и својт последен стих: „Ние и кога умираме, треба да пееме.“ Токму поради ова, да се говори за поетот, кој е и борец, и идеалист, за таа исклушителна и неповторлива личност во македонската книжевност, тоа значи уште еднаш да се потсетиме на неговиот краток, но немирен живот, исполнет со младешчи знаес, со огромни стремежи и вложен труд во однос на творењето, мотивирано и поттикнато од тешкиот и мачниот живот на македонскиот народ и од бескрајно храбрите подвизи и јунаштва на борците.

Овој македонски писател, воедно, бил и кативен учесник во младинското движење на НОВ. Роден е во Радовиш во 1927 година. Веќе во самиот почеток на своето образование Караманов пројавува афинитети и покажува интерес кон творењето. Своите први стихови ги напишал кога имал само девет години. Според податоците, забележани во неговиот дневник, како и според исказите не наговите врсници, соученици и познаници, тој веќе на дванаесет годишна возраст почнал да ги чита делата на Пушкин, на Петерфи, на Јакшиќ, на Змај, како и романите на Џек Лондон, кои извршиле големо влијание во неговиот живот и творечкото созревање. По својата тематско-естетска содржина, песните од овој период се инспирирани од разиграниот шарен весел детски свет и се облагородени со идиличен и романтичен призвук. Но, и покрај тоа што тие не се составени на повисоко уметничко рамниште, евидентно сведочат за очебијниот творечки раст на младиот писател. Во следните неколку години Караманов ги запишува својата најубава поезија. По запознавањето со делата на Гете, на Мајаковски, на Бајрон, и, посебно, со творештвото на еден од македонските поетски великани, Никола Јонков Вапцаров, тој ќе ги состави своите највозбудливи песни со социјлана и патриотска тематика.

По прифаќањето го творењето како најсветол идеал, како највисок израз на вистината, Караманов во текстот „Што би сакал да бидам“, доста јасно и разбирливо ни ги покажува своите лични ставови и мислења за животот и книжевноста. Во овој своевиден манифест, откога ќе ги истакне сфаќањата за младоста, за неговите творби и за љубовта кон делата на повеќе книѓевни класици, ќе напише: „Сакам да станам човек во вистинска смисла на зборот, сакам да станам писател, да ги изобличувам недостатоците, да ја критикувам неправдата, да бидам учител на народот, да му ја давам својата љубов, широка како што е широка неговата родна земја, длабока како што е длабока неговата родост, неговата среќна светла судбина. Постои ли нешто поубаво од тоа? Да го отфрлиш бремето на секојдневните грижи, и да станеш народен учител, негов заштитник од неправдивие…“

Караманов живеел во времето кога и македонскиот јазик и македонскиот народ биле во стеги. Живеел и творел кога народот се кренал на вооружено востание против фашистичката чизма. Како поет со вонсериски талент, со младешки занес и со верба и со надеж во поубава и во поведра иднина, без двоумење се борел против непријателскиот дожд од истрели. Неговите стихови, колку наивно и да прозвучат, се исполнети со реалистичка нота и се проткаени со голем творечки дух. Оттука доаѓа и големата сродност на неговиот живот со неговите дела. Таа сродност, таа идентификација, не само што е иманентна, туку е и неодминлива и неизбежна при разгледувањето на неговото поетско творештво. Сета негова естетика се состои од елементи кои ги возвишуваат и глорифизираат високите идеали, зашто авторовата порака е резултат од жидвотните желби и размислувања, а во тој контекст проблесува вербата во убавото, во неуништивото.

Речено е дека поетите ја претставуваат душата на анродот, луѓе кои живеат, а и умираат за идеалите на татковината, на родното огниште. Таков бил и Ацо Караманов, противник на лажната сентименталнсот и негатор на шематизираноста. Тој секојгаш поаѓал од животот, од вистинитоста, пти што својата визија ја гледал од гледна точка на универзалноста на поетската порака. Во негвоите сцени од времето во кое живеел, ја наоѓал смислата на животот. Поезијата го водела до саканите идеали и амбиции. Но, разбирливо е дека на тој тежок пат постојано наидувал на многу препреки кои понекогаш го воделе кон декларативност, па, сепак, и во тие поетски изливи остварува соодветни резултати. Тој, мошне децидно и коцизно, во еден свој запис ќе рече: „Младоста не љуби и не сака само да живее, ами таа сака да создава живот, и сите свои сечила ги натопува во неговото богатство и во разнообразноста. Своите стремежи таа ги црпи од животот. Младоста и животот, тоа се две сили што заедно се раѓаат… Младоста ја претставува душата на денешниот ден…“ Со прифаќаето на овие веродостојни и полетни замисли, можеме аргументирано да зборуваме дека и по временска оддалеченост од повеќе десетлетија, со своите доблесни пораки и ставови Караманов е останат актуелен, прифатлив и неодмилнив во македонскиот духовен простор.

Животот и творештвото на Ацо Караманов јасно и убедливо се преплетуваат. Внимателно загледан во утрешнината, Караманов, низ светлината на зборот, ја препознава иднината и неповратно станува дел од неа. Значи, секоја негова творба, секој негов стих е одраз на вистинитоста – омраза спрема злобата и проколнатоста што ја нанесува фачистичкиот непријател. Овој наш заклучок најочигледно се препознава во песната „Кон бурата“, во која авторот визионерски ќе ги изговори стиховите:

 

Да, јас те љубам,
тебе –
душо на големиот копнеж,
тебе –
урагану пламен,
– срце на немирните мечти.
Да, јас те љубам!
Дојди,
сестро,
чија душа
во утробата на бедните колиби се раѓа
и чија насмевка
ја примаат сите
како Голема химна на трудот,
дојди, та ти си ми и мајка и татко!

 

Младешки вознесен од твоерештвото на Никола Јонков Вапцаров, со особено творечко чувство, дури и со доза на смелост и на храброст Караманов ја програми и ја дефинира својата животна патека, пишувајќи:

 

Јас сакам да станам поет-динамит
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слободен и силен и за борби жеден
Бурен
бестрашен
со глас – бојна труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба,
Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот, огнолик на трудот.

 И на барикади моќни кога ќе станам
среде дожд од куршуми
сред јаросен дим
под јарко сонце
ќе пеам
среќен.

 

Во поезијата на Ацо Караманов главно се присутни три елемента, кои по својата стожерност се доминантни и неизбежни. Социјалниот, револуционерниот и интимниот елемент, тоа се главно основните моменти. Но, тоа не значи дека посоти цврста граница, зашто тие по многу нешта меѓусебно доста очигледно се надополнуваат и преплетуваат, се надополнуваат и остваруваат кохерентна поетска целина. Но, многу посредно, многу поживотно чувство Ацо Караманов наоѓа во социјалниот елемент. Всушност, на релација тој посестрано и подоживеано ги изнаоѓа своите поетски доблести, со еден збор остварува и повпечатливи поетски резултати.

Караманов во ова тематско подрачје не е само бележител на социолошките неправди кои го репресираат и тортурираат работникот. И својата сатира (а таа е доста присутна во неговите песни), не ја упатува сувопарно кон експлоататорот само да запише одредена појава, туку, напротив, се стреми кон вешто нијансирање на поетската пораката.

Поезијата на Караманов веродостојно проблеснува со својата искрена порака, тематската љубопитност и младешката разиграност. Иако во периодот на совјата најрана младост, тој пишува самостојно, независно, едноставно, смело… Всушност, пишува како никој пред него да не пишувал, иако за најсакана лектира му претставуваат стиховите на Мајаковски, на Блок и на Никола Јонков Вапцаров. Младоста и љубовта, револуцијата и одлучноста, ги разбира како суштина на постоењето, како вечна водилка и излез од синџирите на ропството.

Живееше само седумнаесет години. Живееше во време на патила и хорори. Премалку живееше и уште помалку успеа да им се радува на деството и на младоста. Потврдувајќи го заклучокот дека во ликот и делото на Ацо Караманов македонската книжевност има веродостојна личност и појава, која ги чека и ги очекува идните истражувачи, толкувачи и критичари, можеме уште еднаш да кажеме дека овој поет, за релативно кратко време, испеа стихови кои сјаат со својата искрена порака. Неговиот младешки занес скоро во секој стих е проткаен со оптимизам, со верба во подоброто утре. А тоа утре, таа слбодна иднина, Ацо Караманов не го дочекал. За неговите мисли и предчувства сведочат записите во неговиот дневник. Имено, по повод, седумнаесетиот роденден на 31.1.1944 година, тој ќе ги забележи следниве зборови за себе: „Ацо караманов, поет. Тоа е дете со со големи сини очи, босо, со растурена коса. И јас знам, тоа дете, ќе остане секогаш дете. Во него трепери силната миризба на далечините, во неговите очи ги огледуваат своите лица пенливите ветрови на румените ноќи!… Тој сака да зборува со дрвјата, да пее и да подрипнува со ветрот, да плаче со липањето на шумот на есенските води, да игра со снегот, да се валка во него. Тој сака сè! Тој секогаш сака да биде сам. Сам да шета, со себе да разговара, да гестикулира, да вика на некого во себе, и да докажуве нешто за себе… во дванаесеттата година го читаше Кант и Бергсон, ги критикуваше Хиче и Шопенхауер, му се смееш на Хегел и Фауст. Тој, Ацо Караманов, кој уште во дванаесеттата година прекина да верува во бога, во тринаесеттата година ја измисли својата филозофска теорија и сакаше сосема ладнокрвно да се убие. О, колку убаво ја паметам таа ноќ. И да не беше поетот Ацо Караманов, можеби веќе ќе бев мртов. И сега се плашам од таа ноќ…“

Колку е ова еден лирски запис, како што истакнува неговите истражувач Радивое Пешиќ, толку е и еден автентичен опис на неговата бурна младост. И ништо во оваа слика не е затскриено, ништо не е пренагласено или претерано. Дадено е непосредно, онака како што се одвивало во животот.

Пораките на Караманов претставуваат веродостојна слика на едно немирно време и на  еден малдешки занес. Тој испеал песникои сјаат со својата искреност и отвореност, кои претставуваат симбол на човечките идеали. Неговиот истражувач и, секако најзаслужен што во пргледен облик го имаме книжевниот опус на Ацо Караманов, писателот Радивое Пешиќ јасно ќе рече дека „со својата искрена, човечка, чувствителна, идејно-ориентирана, уметнички искажана, длабоко доживеана и историски осмислена поезија, Ацо Караманов ќе застане во редицата на оние поети што ја сочинуваат плејадата на социјалната и родољубивата поезија.“ Тоа уште еднаш посочува кон податокот дека овој поет во книжевноста ќе остане како една постојана, богата, секогаш актуелна и неизбежна појава. Токму затоа секое навраќење и потсетување на ликот и на делото на Ацо Караманов, значи и навраќање на изворот, на бујниот, на бурниот и разбрануван вруток на македонската книжевност.

Leave a Reply

Your email address will not be published.