На саемот во Франкфурт

ким

Си беше еднаш, многу, многу одамна, одев во гимназија. А во гимназија учевме германски, четири часа неделно беа посветени на изучување на германскиот јазик. На два од овие четири часа учевме трговска кореспонденција. Почнувавме со Почитувани Господа, и продолжувавме со продажба на нафта или китова маст – во нашите писма, продававме многу маст од Норвешка во Германија – и потоа ги завршувавме писмата Со почит. Во останатите два часа го читавме Кралот на самовилите, го слушавме на грамофонот што го носеше учителот. Постојано ја слушавме песната, додека не ја научивме напамет. Липавме и плачевме на последниот стих: „Во неговите раце детето умре.“ Два часа трговски писма за купопродажба и два часа големи литературни доживувања. Тоа беше мојата настава по германски јазик.

Саем на книгата во Франкфурт ме потсетува на часовите по германски – трговски писма и Кралот на самовилите. Берза и катедрала, познат израз кај нас дома, кованица од еден голем норвешки издавач. Литературни доживувања на метар и претставници на трговијата. Многу убаво: литературата, исто така, е стока, не се продава самата. Всушност, немам ништо против берзата и катедралата, бидејќи како писателка и јас сакам да се обратам на што е можно побројна публика.

За мене, Франкфурт, оваа метропола не е поврзана само со литературните настани, токму спротивното. Кога последен пат бев во Франкфурт мојот престој немаше никакво литературно значење. Бев кратко, многу кратко – да сакав за време на тој престој да исковам литературна монета, тоа ќе беше кратка едночинка. Местото на настанот беше транзитната сала на аеродромот. Ние, една жена и пет мажи, се враќавме од светското првенство за подводен лов во Истанбул, Турција. Јас бев водичот, а момчињата подводните ловци. Летот беше со прекачување во Франкфурт. Претходната вечер моите нуркачи го посетија пазарот во Истанбул, и притоа купија сѐ она што барем малку личеше на оружје, пиштол или пушка, меч или нож, и не знам што уште не. Тврдеа дека тоа се скапоцени антиквитети и ми покажаа цел арсенал оружје од еден друг свет, оружје со седефест сјај. На нив самите пак, им сјаеја ѕвезди во очите.

Не баш истото го мислеше службеникот за безбедност на аеродромот. Нему, не му сјаеја ѕвезди во очите кога стоејќи го набљудуваше купчето оружје, што се тркалаше на лентата пред него. Збунето размислуваше дали ние сме норвешкиот одговор на бандата Бадер-Мајнхоф, и настојуваше да го пратиме оружјето како специјална пратка. Тоа значеше значително поголема сума пари, отколку што момчињата сакаа да инвестираат. Освен тоа, во фришопот се изнапија еден куп најразлични пијалоци, а пијаните Норвежани многу често стануваат кавгаџии.

Ситуацијата се чинеше многу напната. Купчето оружје на лентата беше големо, момчињата намуртени, службеникот настојуваше да биде по негово. Дури и мене ми беше преку глава. Ме нервираше што постојано мора да изигрувам воспитувачка и норвешките рамбо-момчиња да ги спасувам од кашата. Одеднаш, додека сите стоеја и еден со друг се зјапаа намуртено, се појави едно мало момченце. Изгледаше како да има пет или шест години. Во раката држеше еден од оние проѕирни, пластични пиштоли, оние што се наполнети со шеќерни топчиња во сите бои, бонбони. Со раширени очи ги зјапаше пиштолите на лентата, а потоа го набљудуваше својот пиштол со бонбони. Потоа се реши, и на едно од момчињата му го даде неговиот пиштол, и рече: „Повели, еве ти го и овој!“ И повторно се изгуби во толпата. Момчињата се смееја, службеникот се смееше и за нецели две секунди се сложија харпуните и пиштолите, ножевите, мечовите и пиштолот со бонбони да ги пратат за Норвешка како специјална пратка. Моите подводни ловци речиси ќе се степаа за да ги платат додатните трошоци.

Во своите романи не пишувам многу за оружје и пукање. Наместо тоа пишувам за морето – за морето над но и под површината. Норвешка не завршува онаму каде што голите карпи се сретнуваат со морето, туку се протега и во длабочините, како продолжение на земјата. Тој свет ме фасцинира, онаа димензија која конкретно, но и симболично, ја обработувам во два од моите романи. Јас сум учена нуркачка и инструкторка по нуркање, а мојата прва главна личност, жената по име Хилке се наоѓа во онаа, за мене позната околина, имено, во морското милје на западниот брег на Норвешка. Следниот роман, Lex Love, исто така се одвива во морската област, но на површината. Кај нас тоа се вика Норвешка на нафта, областа околу бродовите, островите за дупчење, бродовите за нуркање во Шкотска, Ставангер и Северното Море, за мажите, кои таму работат. Исто така, станува збор за војната, Втората светска војна, за норвешките војници стационирани во Велика Британија, кои со дозвола од норвешката влада станаа бигамисти: една жена во Норвешка, друга во Велика Британија. Законот за бигамијата го запусти животот, животот на сопругите, но и оној, на ќерките и синовите.

Инспирација за моите романи и кратки раскази најчесто добивам од конкретни случки или пак вистински настани, нешто што ќе прочитам, слушнам или доживеам. Објавив еден трилер со наслов Белите ракавици. На норвешки се вика Kainan. Нему му претходеа две години истражување за масоните, за нивните ритуали, симболи и невидливата структура на моќта, која оваа организација ја има во општеството. Не ми е познато како другите автори ги обработуваат нивните идеи и текстови – веројанто сме различни, како што и нашите романи се различни.

Сепак, мојата белетристика се базира на исцрпно истражување. Затоа патувам многу, барам средина, која го буди моето љубопитство, и потоа копам низ архивите барајќи соодветен материјал. Не е мој стил со години да седам осамено на работната маса за да може да бидам креативна. Или пак кажано на компјутерски јазик: нема output без input. Богатството што со текот на годините ми дотече од мојата норвешка издавачка куќа Ашехуг, нема да го инвестирам ниту во вредносни хартии ниту пак во недвижнини – тоа ќе испари во издатоци за прибирање, имено во патувања. На денот, кога мојот издавач во Германија ќе може да ми соопшти дека се продале илјадници од моите книги – е на тој ден ќе си купам компјутер, ќе си купам лаптоп. Дотогаш ќе се снаоѓам со молив и хартија.

Ви благодарам на вниманието, и во има на здравјето на берзата и катедралата!

Со почит,

Ким Смоге

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.