Срамежливо светење во ноќта

Првото денешно кафе  (Расказ)

Утрово си седнав да го пијам моето прво кафе. Во седењето не уживам, но уживам во вкусот на моето прво кафе. Тоа е посебно чувство.
Погледнувам спроти мојата улица и забележувам дека една птица стои на дрвото.
Поспан сум, но гледајќи го оголеното дрво забележувам дека тоа е кајсијата на мојот сосед. Додека си го пијам кафето погледот ми бега кон прозорецот, поточно кон дрвото.
Сакам додека го пијам кафето да ги слушам птиците на дрвјата, нивниот звук ми го разубавува вкусот на кафето, но и почетокот на денот.
Не сакам да гледам луѓе. Особено не толку рано во денот. Тие не се секогаш настојчиви да ми го разубавуваат вкусот на кафето и денот.
Јас го пијам своето прво кафе со помалку шеќер во однос на второто а поретко и третото кафе во денот. Погорчливиот вкус на кафето ме спрема да ги отворам очите од „лажно слатките зборови“, што ме тераат да сонувам буден.
Забележувам дека птицата не се помрднува од гранката на дрвото.
Низ стаклото од прозорецот гледам дека таа дава некој крик што се синхронизира. Љубопитен сум, го оставам филџанот со уште две голтки на масата, и полека станувам да го отворам прозорецот.
Одеднаш забележувам дека птицата има свој разговор со некоја друга птица. Благодарение на тишината го слушнав тоа.
Ја набљудував птицата, беше тоа една прекрасна гугутка, која што си гугаше во утрото со некоја птица од соседните дрвја.
Беше многу убава, делуваше срамежливо. Кога таа ќе прекинеше со својот звук, од соседните дрвја се насетуваше одговор на слична птица.
Сè повеќе си мислев дека птиците разговараат. А разговорот ми оставаше впечаток на едно утринско додворување. Навистина големо задоволство е да се почувствува ваква љубов. Се чувствуваше размена на љубовни зборови.
Слушајќи ги птиците го заборавив остатокот од моето кафе, кое сега сигурно беше изладено. Полека се приближив кон масата да ги допијам последните голтки од филџанот. Во истиот неизмирливо брз момент, слушнав остар звук од трескање на улицата.
Непријатен звук беше тоа. Потстанувајки од столчето видов дека тоа се дистрибутерите што разнесуваат млеко. Кога погледнав кон кајсијата забележав дека птицата ја нема повеќе. Запрел прекрасниот разговор после звукот што ме вознемири и мене.
Го немаше гугањето, ги немаше ни птиците. Го затворив прозорецот со чувство на очајност, замислено тргнав по капутот, го облеков и излегов од собата.
Не ми беше ист вкусот на кафето , после затворањето на прозорецот. Решив да ги оставам последните две голтки во филџанот.

 

1.Срамежливо светење во ноќта

Запалив свеќа
да го осветли овој храм како школка.
Дождот врне низ полето
и мириса на чисто.
Во собичката е темно,
а јас да те бакнам посакувам
додека срамежливо свети во ноќта
мојата мала свеќичка.
Тивка е ноќта
ми горчи винотото во усните,
Но нешто слатко се чувствува.

 

2. Каде ли да пишувам

Седнав да пишувам нешто за тебе
низ моите листови бели.
Но прекинав.
Не успеав да го допишам
тоа најглавното.
Се откажав.
Се откажа листот најпрво,
го свиткаа моите прсти
и го фрлија низ масата.
Не помина време,
држејки го пенкалото в’ раце ми оживеа,
како ледот низ нив се пролизна
и се изгуби засекогаш.

Седнав повторно да пишувам.
Овој пат без листови и пенкала во рацете.
Ги немав при себе,
изгубени се низ просторот.
Сега почнав на жедно,
и уште потешко на гладно
срце настрадано.
Морав да пишувам.
И не застанав!
Зачудо не помислив на тоа.
Еден куп листови и пенкала
ми се видоа таму во мене,
длабоко во мене.
Каде што не постои страв
од критика,
од заблуда или од предавство.
Сигурен сум кога те опевам
во храмот што јас само го отклучувам.

 

3. Цвет од највисоките карпи

Мирувам ова утро
и милувам да си покрај мене.
Да почнам да ти раскажувам
за следните мигови
што сакав да ти сторам.
Или да ти ја барам
непрекинато таа мисла
што длабоко ја криеш од мене.
Но, што можам ако ти не откриваш,
не умееш или не сакаш.
Ти знаеш да бараш милост
кога не ти треба,
ти знаеш да одбиеш љубов
кога најмалку немаш.
А знаеш ли дека
си цвет од највисоките карпи,
што само ветерот успева да го гали ?!

Leave a Reply

Your email address will not be published.