Лавр

Книгата е објавена во издание на „Антолог“ (2014) со поддршка на Рускиот преводен институт.

Vodolazkin_v-tekst

Во различно време тој имаше четири имиња. Тоа можеше да биде предност, затоа што животот на човекот не е рамномерен. Некогаш се случува неговите делови да имаат малку заеднички нешта меѓу себе. Толку малку што може да се причини дека тие се проживеани од различни луѓе. Во такви случаи не може да не се зачудиме дека сите тие луѓе имаат исто име.

Исто така, тој имаше два прекара. Едниот од нив, Рукинец, потсетуваше на Рукина населба, местото каде што тој дојде на свет. Но на најголемиот дел од луѓето овој човек им беше познат под прекарот Врач, затоа што за современиците тој, пред сѐ, беше врач. Веројатно тој беше нешто повеќе од лекар затоа што она што го чинеше излегуваше надвор од границите на лекарските можности.

Се претпоставува дека самиот збор врач настана од зборот врати-баја. Ваквото сродство подразбира дека зборот играше суштествена улога во процесот на лекување. Зборот како таков, што и да означува. Поради ограничениот избор на медикаменти, улогата на зборот во Средниот век беше позначителна од денес. И, мораше многу да се зборува.

Зборуваа врачевите. Ним им беа познати некои средства против заболувањата, но тие не ја испуштаа можноста непосредно да ѝ се обратат на болеста. Изговарајќи ритмични реченици, навидум лишени од смисла, тие ја заговараа болеста убедувајќи ја да го напушти телото на пациентот. Во таа епоха границата меѓу врач и ранар беше мошне релативна.

Зборуваа болните. Поради отсуството на дијагностичка техника, тие мораа подробно да опишуваат сѐ што се случуваше на нивните страдалнички тела. Понекогаш им се чинеше дека, заедно со долгите зборови натопени со болка, од нив малку по малку излегуваше болеста. Само на врачевите можеа да им раскажат подробно за болеста и од тоа им олеснуваше.

Зборуваа роднините на болните. Тие ги прецизираа исказите на блиските или дури внесуваа поправки во нив, затоа што сите болести не им дозволуваа на страдалниците да дадат целосен отчет за преживеаното. Роднините можеа отворено да го искажат стравувањето дека болеста е неизлечива и (Средниот век не беше сентиментална доба) да се пожалат колку е тешко да се има работа со болен човек. Од тоа ним исто им олеснуваше.

Особеноста на човекот за кого станува збор се состоеше токму во тоа што тој мошне малку зборуваше. Тој ги помнеше зборовите на Арсениј Велики[1]: многупати жалев за зборовите што мојата уста ги кажа, но никогаш не жалев за молчењето. Најчесто тој молкум го гледаше болниот. Можеше само да каже: твоето тело уште ќе ти послужи. Или: твоето тело станува неупотребливо, подготви се да го напуштиш; знај дека оваа обвивка е несовршена.

139

Неговата слава беше голема. Таа го исполнуваше сиот населен свет и тој никаде не можеше да се скрие од неа. Неговата појава собираше мноштво народ. Со внимателен поглед тој поминуваше по присутните и неговата немост се пренесуваше врз насобраните. Толпата се скаменуваше на место. Наместо зборови, од стотиците отворени усти излетуваа само лесни облаци пареа. Тој гледаше како тие се топат во студениот воздух. Се слушаше крцкањето на јануарскиот снег под неговите нозе. Или, пак, шушкањето на септемвриските паднати лисја. Сите чекаа чудо и потта на очекувањето се лизгаше по лицата на застанатите. Солените капки гласно паѓаа на земјата. Правејќи му пат, толпата го пропушташе до оној за кого дојде тој.

Ја ставаше раката на челото на болниот. Или ја допираше раната со неа. Многумина веруваа дека допирот на неговата рака исцелува. На овој начин, прекарот Рукинец, добиен според местото на раѓање, добиваше дополнителна заснованост. Од година во година неговата лекарска умешност се усовршуваше и во зенитот на животот ги достигна височините што се чини дека му се недостапни на човекот.

Се велеше дека тој го поседува еликсирот на бесмртноста. Повремено дури се искажуваше мислата дека дарителот на исцелувањата не може да умре како сите други луѓе. Ваквото мнение беше втемелено врз тоа што неговото тело по смртта немаше знаци на распаѓање. Лежејќи долги денови под отворено небо, тоа го сочува поранешниот изглед. Потоа, исчезна, божем носителот на телото се замори од лежење. Стана и си замина. Оние што така мислат, сепак, забораваат дека само двајца од создавањето на светот телесно ја напуштија земјата. Поради разоткривањето на Антихристот, Господ го зеде Енох и во огнена кочија се вознесе на небото Илија. Преданието не го споменува рускиот лекар.

Судејќи според неговите малобројни искази, тој немаше намера вечно да пребива во телото, макар и затоа што целиот живот се занимаваше со него. Најверојатно, тој го немаше ниту еликсирот на бесмртноста. Ваквите нешта некако не се во соодветност со она што го знаеме за него. Со други зборови, мошне уверено може да речеме дека тој сега не е со нас. Притоа, треба да забележиме дека тој самиот не разбираше секогаш кое време треба да се смета за вистинско.



[1] Арсениј Велики (грч: Αρσένιος Ερημίτης, 354-449), христијански светец почитуван како преподобен (прев.).

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Sound Cloud Audio
Lorem ipsum dolor sit amet, consectetuer adipiscing elit. Aenean commodo ligula eget...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *