Како правилно се пишуваат часовите во македонскиот јазик?

За почеток, важно е да се знае дека во македонскиот јазик е правописно точно часот и минутите да бидат одделени со точка.

tajms-nu

Во претходното издание на оваа рубрика зборувавме за тоа како се пишуваат датумите во македонскиот јазик. Овој пат ќе обрнеме внимание на пишувањето на часовите.

За почеток, важно е да се знае дека во македонскиот јазик е правописно точно часот и минутите да бидат одделени со точка, а не со некој друг интерпункциски знак, како што е случајот кај некои други јазици, но и кај голем број уреди (дигитални часовници, компјутери, телефони и сл.). По цифрите, кога станува збор за официјална комуникација или за посериозни текстови, задолжително е секогаш да стои зборот часот или скратеницата ч.

Според тоа, правилниот формат на пишување на часовите е следниот: 21.50 часот или 21.50 ч.

Подолу ќе претставиме неколку неправилни формати на пишување на часовите и ќе објасниме зошто не се препорачуваат.

 

Неправилно: 21,50 часот

Во македонскиот јазик, со запирка се означуваат децималните броеви. Оттаму, 21,50 е децимален број и затоа со него не може да се означи точното време, односно часот и минутите.

 

Неправилно: 21:50 часот

Иако ова е форматот што најчесто го среќаваме кај уредите, зашто е правилен во многу јазици, во македонскиот јазик часот и минутите се одделуваат единствено со точка.

 

Неправилно: 21 часот и 50 минути

Како што е објаснето и погоре, по цифрите што го означуваат времето се пишува зборот часот, а минутите се подразбираат ако се познава правилото дека тие се одделуваат од часот со точка. Тоа значи дека горенаведениот формат е неправилен и неприфатлив во однос на нормата.

 

Неправилно: 09.50 часот

Слично како кај датумите, едноцифрените броеви што го означуваат часот се пишуваат без нула на почетокот, односно: 9.50 часот. Ова не се однесува на минутите, каде што, доколку станува збор за едноцифрен број, нулата е задолжителна: 9.05 часот.

 

Секако, секогаш постои опцијата да се употребат зборови наместо цифри, па, така, може да се каже/напише и: Точно е девет часот; Ќе се видиме во девет часот.

Доколку станува збор за разговорен јазик, зборот часот може да изостане и да се каже/напише: Ќе се видиме утре во девет. Или: Ќе се видиме во девет и петнаесет; Ќе се видиме во дваесет и еден и педесет.

Освен тоа, може да се каже: Ќе се видиме во девет и триесет, но и: Ќе се видиме во девет и пол.

Кај разговорниот стил е дозволено и, наместо дваесет и еден часот, дваесет и два часот и сл., да се употреби и девет часот, десет часот и сл. Притоа, заради разбирливост на изразот, треба да се нагласи дали станува збор за утро, за пладне, за вечер итн. На пример: Ќе се видиме вечер во дваесет и еден часот, но и: Ќе се видиме вечер во девет часот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Децата од планината Напф
Главните ликови во овој документарец се децата од планината Напф, планина што...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *