Игра со претставата за идентитетот

telo

Во романот Тело, Курејши си игра со претставата за идентитетот и рамките во кои идентитетот е вкоренет во нашето физичко суштествување. Звучи по малку corny, нели?! Излитено… Еден вид литература да се стави под поголема етикета на постмодернизам и да се каже дека еден од основните постулати на постмодернизмот е барањето на идентитетот…

Сепак, Курејши во Тело игра со претставата за идентитет и го поставува прашањето – што е тоа идентитет?!? Уште на самиот почеток, пред романот да се развие, постои дилема околу идентитетот, кога главниот лик е ставен пред опцијата да бира какво тело сака, дали тоа да биде црнец, на пример, па на тој начин да почувствува како е да се живее како црнец… Имено, на главниот лик во романот му е понудена опција, да направи операција и со тоа да го замени своето старо тело со ново, тело на млад (мртов) човек, притоа задржувајќи го мозокот и карактерот на оригиналниот човек (но дали е навистина така?!?)…

”Но, Курејши токму ваквите аспекти суштински ги вградува и ги преиспитува во својата проза, тој навистина е филозоф, но, благодарение на неговиот страстен и сочен приод, книгите кои ги пишува се претвораат во доживотен дијалог со читателите. Оти, појдовната, како и конечната точка за Курејши несомнено е егзистенцијалниот ракопис, беспоштедното соочување со сите негови искушенија, предизвици, замки, кои демнат над современиот човек.”, фино забележува Елизабета Шелева во есејот за романот на Курејши, преземен од нејзината книга Домот на писмото.

Преку игра на искушенија, претставени ноншалантно, преку еден опуштен тон, намерна и банализирана или намерно банализирана искомерцијализираност на раскажувањето, сексуална изнасиленост и деградирање на меѓучовековите односи, романот се отвора и развива, како што го доживуваме главниот лик Адам (успешен писател), сега во неговата нова инкарнација – Лео Рафаел Адамс… Поимот идентитет се менува, вибрира и е поставен во различни позиции, при што на повеќе наврати се доведува во прашање фиксираноста или флексибилноста на поимот тело

Клучно значење за сфаќањето на сето тоа има самиот финиш, тоест, последната реченица од романот, во која е сублимирана идејата и поентата на тоа да се биде истиот во ново тело: ”Бев странец на земјата, никој и ништо, кој никаде не припаѓа, само тело, осудено да почне повторно во кошмарот на вечниот живот.”

”Последиците од редукцијата на субјектот само до или на голо тело се повеќе од јасни и, не помалку, поразителни. Настапува потребата од трансгресија, надминување на димензиите на телото.”, добро поентира Елизабета Шелева во својот есеј.

Курејши, преку опуштен тон на своето раскажување, намерно искомерцијализиран и по малку банализиран, во Тело нуди една вешта и балансирана игра на карактери и ситуации, доведувајќи го идентитетот на личноста, карактерот, полот, самото тело во прашање…

Leave a Reply

Your email address will not be published.