Деноноќија

10571921_10205057916824938_9161907612635020850_o

Повторно се соочуваме со делата и невообичаениот уметнички пристап на Адријана Ананиева. Нејзината прва изложба беше вистинско изненадување и освежување на традиционалната уметничка сцена која претежно ги повторува конвенционалните уметнички пракси. Но, делата на Адријана се работени во несвојствена техника која би била по својствена за сфаќањето на старогрчкото tehne, умешноста, занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност или fine art. Овие дела сепак зрачат со својата префинетост и нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на Адријана. Во своите рецентни дела таа делумно ја напушта симетријата, а акцентот е ставен на архитектурата, симболите, орнаментите, па дури и пејзажите, преку кој испраќа соодветна порака. Идеолошка, критичка, искажува став или мислење. Сепак и симетријата не е изоставена потполно во оваа семиотичка и фрактална какофонија,  совршено уредени пајакови мрежи, повторливи патерни, прецизни геометриски форми во различни впечатливи бои кои оддаваат ешеровска комплексност, но и еманираат со мир кој извира од сета нивна комплексност.

Чувството кое ве обзема додека ги гледате овие везови е вонвременско, еднакво чудно како што е чудно што самата техника е најпрвин отсонувана, а потоа применета. Буквално. Така сосема едноставно можете и вие да западнете во тоа вонвременско делирично чувство, патувајќи низ тие комплексни, од свилен конец извезени лавиринти, кои ете, би можеле да се метафора и на самиот живот.

Изложени се околу педесетина рачно изработени дела во техника хартија и конец, везена изработка, работена во периодот по нејзината прва изложба.

Leave a Reply

Your email address will not be published.