Совршенство

1082101186

ЖИВОТ

Живеам меѓу две различни
толкувања на ноќта,
пријател сум на поздравот
меѓу мракот и зазорувањето.
Недостапни и апсурдни
страниците на блискоста,
без вина ги обликуваат
животните плодови.
Далечините се празни,
како селските ливади
во заснежено зимско утро.
Поимите за вредност се губат
во немирот на мракот
и закатанчените надежи.
Товарот е невидливост
на едно време што одминува
без почеток и крај.
Овие наши илузии
се со траен вкус,
питомо прилегнати
во линиите на дланката,
во нашето секојдневие,
во  нашите причестени мигови.

СОВРШЕНСТВО

Не правете од мене
трага во вашето постоење,
не ставајте ме
на врвот од јазикот,
ниту пак на дното од чашата,
oти јас сум само
далечно, завршно ехо
од крикот на планинскиот ветер,
дел од подзаборавената солза
на долгокоса девојка,
преморено зрно
од плодот на сончогледот
или пак можеби
само апстрактно затемнување
во делото на уметникот.
Не правете од мене
илузија,
мојата недостапност
е совршена.

ЦРВ

Црв во јаболкото,
во коренот
во семето и плодот,
во богатството на родот.
Црв во разговорот и изговорот
во притаената смеа
и  ветената алеа.
Црв во благословот комшиски,
во егоизмот роднински,
во прокобата мајкина
и оставеното богатство во туѓина.
Црв во докторскиот извештај,
во закотвувањето на пустиникот,
во ветувањата на политичарот
и клетвата на лесната жена.
Црв издигнат на врвот
од јарболот
на гранична меѓа.

НАШИТЕ ВИСТИНИ

Нашите вистини
не се кријат во мислите
на случајните читатели,
некој само се залажува
дека ги познава.
Тие се нашата верба и пропаст,
нашиот наклон и небосклон.
Постојат во секој миг,
во пречекорот и прекорот,
во лажните погледи
и заробените зборови.
Нашите вистини
шетаат по светот,
затворени во ламба
како дух волшебник.
Некој,
можеби некогаш
ќе собере храброст
да ги ослободи
со стрелба во вечноста.

ПАТ

Каде патува нашето постоење,
во кој дел од разговорот,
во која точка од недозборот.
После дождот во сонот
и причесната во обид
да прогледаме вон себе,
ја паметиме само тишината.
Се раѓаат нови светлини,
дел топлина, дел спомени,
дел вечност во зборовите.
Болни сме
или премногу слепи,
па раце изгорени за топлина
кон огнот подаваме
и патем веруваме,
некој внимава на нас
по светот шетајќи ги
мислите ни засводени.
Каде патува нашето постоење,
потпрено на ѕидот
од виртуелни  светлини.

ГОВОРОТ

Говорот на тишината
неуморно расте
крај ѕвездите
кои се будат
со почетокот на ноќта.
Ослободени
од сите стеги
на одминатиот ден,
очите пијат
благословен нектар
од небеската чаша.

ГЛУМА

Ја накитувам мојата
чувствителна глума
со епитети и метафори,
со насмевки и воздишки,
со цврстина во чекорот
и длабочина во погледот,
со остроумност
и силен рев пред играта,
за никој да не види,
за никој да не сети,
за никој да не знае,
а во мене сепак
драмата да трае.

СЕНКИ

Половина
се наменети за луѓето,
половина се од луѓето,
а ги има
и оние со исклучок
и за почит
што воопшто не ги користат.
На некои
сенките само им тежат,
некои ги носат тукутака,
за во безизлезот
да не останат сами,
а понекогаш дури
и сенката за да избега
од самата себе
во сенка се крие.

СУЕВЕРИЕ

Постојат мигови од животот
во кои што се губи влијанието
од погледот на медузата
и постојат чекори во ноќта
кои веруваат
во патоказот до утрото.
Некогаш не е важно
што сме и кои сме,
раката на помирување
не ќе ја отсече молњата
оти таа е само миг,
а љубовта вечност.
Постои нешто длабоко
во нашите зеници
што го топи убодот,
што го блажи мигот
оти постојат  зборови
за да се разбере одбојот
и возљуби појот.
Оти постои нешто
поголемо од нас
во нашиот недоглед
што не облагородува
кон новото утре.

СТИХОТ

Стихот е жртва
на нашиот молк
и осуда
на нашите заблуди.
Тие ќе го премолчат
ќе го исмеат
или само прескокнат.
Ние сме единствените
што го ослободуваме
од сета одговорност,
доволни се
нашите окови.

ДАЛЕКУ НЕКАДЕ

Твојот патоказ
не го открив
и небото во него
не го видов,
ниту ѕвездите ги прибрав
оти бев далеку некаде.
Нафора не вкусив,
ниту глиб земја
надојдена  прескокнав
и во бунар темен
паричка не фрлив
оти бев далеку некаде.
Со поглед во себе
не можев да забележам
оти ти беше секаде,
но ете јас не те сретнав
и не те препознав
оти бев далеку некаде.

ТОЧКАТА

Точката
што во средина сјае
не ја дели
групата на две,
туку само
му дава правец
на мојот поглед
и прави
да не забележам
никого
и ништо
наоколу.

ЗА ПОЛИЊАТА

За полињата
посеани и пресеани,
за полињата
ожнеани макотрпно,
со срп и заграб снопови
сред врелото пладне.
За полињата недозреани
и оние во молк презреани,
од оган изгорени,
од вода однесени,
од чума уништени.
За полињата душевни
од солзи плодени,
за полињата засводени,
во погледи породени,
препородени.
За полињата
од љубов неизмерна
водени.

ОСВЕТА

Мигови вечност,
соништа нежност,
денови кошмарни,
сезони дождовни,
години недостапни,
време темно обоено,
живот со посвета.
Бескрајна љубов
како освета.

ВО СОН

Се чувствувам како птица во лет
обележена со црвен конец
на левата нога,
како снег што крцка
под нечии штикли,
како вино испиено
несетено, во сон.
Некој
ќе ме препознае
по здивот во стиховите,
некој
по браздите на лицето,
некој
по вировите во очите,
а некој
не ќе знае.
Нему
му ја припишувам вечноста.

ПОКАНА

Ја донесоа,
не со раце,
не со возило,
не со птица.
Едноставно,
ја оставија
поканата,
тука при мене,
брзо
и невино,
со поглед.
Тони Павлески е роден на 3 октомври  1970 г. во с. Небрегово, во близина на Прилеп. Завршил средно училиште за машински техничар. Пишаниот збор е негов верен придружник од училишните клупи. Пишува поезија, есеи, раскази и хаику творби. Има издадено две збирки поезија: „Воскресозборие“ (2002)  и „Икона“ (2005). Покрај овие самостојни збирки, се јавува како учесник во повеќе заеднички изданија и публикации. Неговите стихови се дел од две заеднички збирки со автори од поранешните југословенски простори: „Со стихот зборувам“ – поезија и „Ќе бидам хаиџин“ – хаику.
Застапен е во „Прилепското писмо“ – антологија на прилепски автори, од почетоците до денес. Објавувал во повеќе македонски периодични гласила, како што се  Стремеж, Корени,  Тренд, Акт, како и списанието за хаику Мравка. Добитник е на повеќе први награди на меѓународни конкурси за хаику и за поетски творби. Хаику поезијата на Павлески е застапена во антологии на балканско и светско хаику. Преведуван е на англиски, романски, српски, хрватски и бугарски јазик.
Денес живее, работи и твори во Прилеп.

Leave a Reply

Your email address will not be published.