Магичниот начин на размислување

Венко-Андоновски-9

Критиката дава свое објаснување за романот Азбука за непослушните и воопшто, раскажувачкиот дискурс на Венко Андоновски, при што се истакнува внимателно архаизираниот јазик во романот, посебната езотерична структура или содржина, дуалноста на светот што е претставена и борбата меѓу доброто и злото – мракот и светлината во светот, посебната магиска, наративна структура, итн.

Може да се истакне именувањето на Убавиот, со придавка и воопшто, неговата појава, што не наведува да мислиме на тоа како другите може да реагираат на нечија убавина: “Стоевме и гледавме во живописаното лице на новодојдениот, како слика да гледаме, а не плот. Соблазнителна беше таа убавина, како да беше слегла од небесата. Долгнавестото, ковчесто лице и долгата коса оддаваа впечаток на чудна, внатрешна светлина; сјајните очи играа живо на испосничкиот тен; како во нив да беше собрана сета живост на светот: бавниот успех на билките, жарот на животното, благоста на прошката кај човекот. Гледаше низ нас, низ нашите кожи, коски и месо, право во нашите души, небаре сме воздух, здив прозрачен.” (13)

Главните теми во романот се однесуваат на посебната употреба на јазикот, од различни индивидуи, односите и релациите меѓу послушноста и непослушноста, како различни ставови во животот, односот меѓу доброто и злото (Бог и Сатаната), како две страни или два поларитета на човековата природа, итн.

“А кога му реков на отец Варлаам за ова, рече: “Оној што слепо слуша, слепо ќе го слуша и нечестивиот, оти во слепилото нема да види дали му се јавил Бог, или сатана.” Иако неук и скудоумен за параболи, сфатив што сакаше отец Варлаам да ми каже: непослушноста не секогаш е дело презрено од Бога. И Бог често бара непослух од нас, иако тоа ние не го гледаме: да бидеме непослушни кон нечестивиот.” (23-24)

“Па се сврте отец Варлаам против јазикот, против него стана: велеше дека јазикот е заблуда грешна, облак што ја примрачува повеста за тој бог, оти јазикот е тој што ги распоредува буквите во зборовите по ред неприроден и нероден сосем, инаков од оној што го имаат во азбуката. А редот инаков од подредениот не е ред, ами неред. Јазикот ни е подметнат од нечестивиот, велеше, за да сочини неред, а да изгледа како ред; да ги развее буквите во зборови разни и лажни, како слама на ветер што се развева, и да ни ги застрани душата и умот кон други, неважни повести.” (51)

Што се однесува до јазикот и неговата употреба од страна на луѓето, може да се каже дека по својата природа, јазикот може да биде дијаболичен, кога, на пример, се употребува за канализирање на проклетство и во тој случај може да ја прекине врската на човекот со божественото… Од иста уста излегува и благослов и проклетство… Во зависност од посебниот агол според кој се изговорени зборовите, од нечија страна, јазикот (вербален) може да биде разбран и како канализирање на среќа (отворање на полињата на личната среќа)… Не по секоја цена јазикот е штетен! Може да биде и многу корисен, во зависност од неговата употреба!

Најблиску до магичниот начин на размислување, според тоа како магијата е претставена во The Way Of Wizard на Дипак Чопра, а тоа е дека магионичарот е тој кој, во секоја прилика, треба и може да знае и гледа апсолутно се, во Азбука за непослушните, Венко Андоновски доаѓа во следниот цитат: “А кога го прашав како знае што сум сакал да му кажам, тој одмолче кусо, па додаде: “И ти наскоро ќе знаеш, без да ти кажат, без да видиш, без да слушнеш!”“ (74)

Романот често игра на картата на контрастот, на пример: “…и праведна душа мрази кога се чини неправда, исто како што порочната сака кога се чини порок.” (88)

Раскажувачкиот тек на романот е калеидоскопски структуриран! Внимателно се отвора пред читателот, во форма на една разгранета структура, при што, често пати, писателот си игра со аголот од кој се кажани зборовите и речениците (и посебната интонација со која може да прозвучат)… Во контекст дека јазикот, зборовите и гласовите ни се дадени за да може да го затскриваат светот, а не да го откриваат: “О, каква заблуда дека зад зборот “блажен отец” стои навистина блажен духовник! О, каква заблуда дека зад зборот “добродетел” навистина стои добро дело!” (92)

 

Бобан Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published.